Судијата и поранешен претседател на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев се соочи јавно со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева откако таа поднела барање за утврдување на одговорност.
На минатата јавна расправа на која се расправаше за друго барање за утврдување на одговорност против судијата Нанев, иако барал да биде јавно, тој не присуствуваше, но денеска дојде за да ги вкрстат аргументите со Дамева.
Расправата во еден момент беше толку жестока што Дамева побара судијата Нанев да биде предупреден да не и се обраќа на висок тон и праша дали тој е спремен и да ја удри. Нанев пак се правдаше дека не можел да зборува тивко, десет години работел во полиција и наредувал. Претседателката на Комисијата, Лорета Георгиева и објаснуваше на Дамева дека таа го читала завршниот збор, а Нанев го кажувал без читање, па зборувал со емоции.
На барањето на Дамева да се чува угледот на Судскиот совет, Георгиева и одговори: Не се секирајте вие, го чуваме угледот.
Дамева објасни дека барањето е поднесено минатата година, поради повеќе околности – постапување и однесување во два одделни писмени известувања доставени до Судскиот совет и сите членови на Судскиот совет во кои Нанев на „недоличен и недостоен начин“ со намера да ја омаловажи и понижи „изнесе обвинувања за наводно мое незаконито постапување“.
– Упати сериозни критики во врска со работата, односно постапување на друг член на Судскиот советот, кој одреден период беше координатор за следење на работата на Основниот суд Кавадарци. Се обиде да наметне цензура и да го спречи слободното одлучување во Судскиот совет, на начин и со намера да влијае врз постапувањето и одлучувањето на одредени членови на Советот, за тоа како треба во идни дискусии да се воздржуваат од нивното право слободно да го кажат мислењето и слободно да гласаат во постапки во кои ќе се одлучува за овој судија, доколку личното мислење или став на членот на Советот не е во корист на судијата Нанев, изјави Дамева.
Со тоа, според Дамева, судијата Лазар Нанев кој тогаш бил и претседател на Судот во Кавадарци, го нарушил угледот на ОС Кавадарци и угледот на функцијата која ја извршува.
– Поразителен е начинот на изразувањето. Употребениот вокабулар, па дури и малициозноста при обраќањето содржано во дописите. Ова е особено фрапантно дека тој знаел и бил должен да знае дека доколку сметал дека неговите права по било кон основ се повредени или нарушени, можел истото да го оствари во соодветна постапка и на начин согласно со закон, изјави Дамева.
Со наведените дејствија, според Дамева, судијата Нанев сторил потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување одговорност за судија, и тоа „посериозна форма на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и судиската функција“.
Нанев пак ја обвини Дамева дека на крајно нецивилизиран начин со „манипулации од позиција на сила“ и „јасна злоупотреба и искористување на правото што го има како член и претседател на Судскиот совет“ својата лична нетрпеливост и омраза кон него, се со цел, како што рече, негова „лична дискредитација при конкурсите и обидите за мое унапредување“. Според него, целта на Дамева е тој да не биде унапреден.
– Не трпејќи успешни и напредни судии, но користејќи вешта манипулација. Манипулира за некакви мои недоличности, незаконитости, нарушување на некаков углед, без да знае дека ОС Кавадарци е најуспешниот суд воопшто во државата, кој што со својот респект, почит, колегијалност и достоинство се воздигна во светски познат суд, а нејзината омраза, гнев се обидува да го преточи и искористи за мое омаловажување и навреди на сето она што досега го имам направено, изјави Нанев.
Не може, нагласи Нанев, да се соочи со неговиот личен успех како судија и неговото CV од 30 страни.
-Тоа што бев прворангиран судија во резултати, со недостижен број на бодови и недостижни квалификации, таа не го спомнува, изјави Нанев.
Тој тврдеше дека Судскиот совет не го заштитил како судија иако братучед на Дамева преку социјалните мрежи му се заканувал изминатите четири години за што бил осуден и со правосилна пресуда. Сепак, како што рече, судијата, тоа лице – се наоѓа во Лондон и не може да биде екстрадирано во земјава оти некој го штити.
Дамева се огради од нејзниот братучед и според нејзе целта на сето ова му е да влијае на другата постапка во Судскиот совет која се води против него за несовесно и нестручно вршење на функцијата, односно остварил 95 телефонски повици со обвинетиот Ванчо Кузманов во случај кој го водел.
-Токму поради таквото однесување на тоа лице, и јас и моето семејство ја имаме прекинато секоја комуникација со лицето Љупчо Грков од 2017 година… Наводите на судијата дадени во воведниот говор дека неговите дописи претставуваат апел и помош за заштита од ова лице навистина не можам да ги прифатам како сериозни, ниту може да прифатам дека целта е судијата да оствари заштита. Напротив, судијата во овие дописи, особено во првиот, се изразува крајно недолично со обвинувања и непоткрепени докази акатакувајќи не само на угледот на членови на Судскиот совет туку нарушувајќи го и својот углед како судија, како и злоупотребувајќи ја и функцијата што во тој период ја извршувал како претседател на суд, рече Дамева.
Судскиот совет минатата недела одржа јавна расправа, исто така, во врска со постапка иницирана по поднесени барања за одговорност на судијата Нанев, но тој тогаш не присуствуваше на истата, иако барал од Судскиот совет да биде јавна, за да може јавно да се произнесе по наводите. Советот тогаш одржа јавна расправа без негово присуство.
Подносителот на барањето, судијката Антоанета Димовска, рече дека Лазар Нанев намерно или ненамерно направил крупна професионална грешка и како Судија примил во работа предмет против обвинет со кој остварувал телефонска комуникација.