Судската и извршната власт не треба да се гледаат како соперници, туку напротив треба да се гледаат како соработници затоа што таа институционална меѓусебна соработка е многу важна за наредните чекори, наредните резултати се со цел враќање на довербата кај граѓаните, изјави претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева по средбата со премиерот Мицкоски.
„Граѓаните заслужуваат, а ние сме доследни да обезбедиме неселективна правда во државата, а тоа може да се спроведе исклучиво со меѓуинституционална соработка со цел детектирање на слабости во одредени институции, а потоа нивно преземање во рамки на своите надлежности“ рече Дамева.
Таа додаде дека средбата била иницирана од Судскиот совет во врска со јавниот повик од премиерот Мицкоски, за да дадат конструктивни предлози во однос на функционирањето на судството и враќање на довербата кај граѓаните.
„ Целосната имплементација на препораките нотирани во Извештајот на Оценската мисија зависи и од заложбите кои сите ние ги имаме. Судскиот совет веќе ги имплементира тие препораки и како главен патоказ за Судскиот совет се препораките ноторани во Извештајот на Оценската мисија и сметам дека тие треба да бидат во насока на успешно спроведување на реформскиот процес – рече Дамева и изрази надеж дека оваа средба е првиот чекор кон унапредување на детектираните слабости во судството.
„Длабоко сум убедена дека понатаму таа соработка ќе вроди со плод, со успешни резултати врз основа на спроведени активности. Граѓаните заслужуваат да имаат правда – нагласи Дамева.