Поранешната претседателка на Судскиот совет, а сега член на ова тело, Весна Дамева беше единствена „против“ кандидатската листа за нови членови на Советот откако двајца судии си поднесоа оставки и порачаа дека не се согласуваат со работата на овој состав на Судски совет, од којшто цела стручна и меѓународна јавност бара оставка.
Сепак со мнозинство гласови „за“, односно девет од десет присутни, Советот денеска ја утврди кандидатската листа, па врховниот судија, Наке Георгиев за кого вчера Советот на затворена седница ја запре постапката што се водела за него, останува единствен кандидат од редовите на врховните судии и веќе извесно е дека ќе биде нов член на местото на судијката Мирјана Радевска – Стефкова.
За местото на апелациониот судија, Зоран Георгиевски има два кандидати, претседателот на судот во Кавадарци, Лазар Нанев и Антоанеата Димовска од граѓанскиот суд во Скопје. Нанев не се најде на кандидатската листа бидејќи не доставил уредна документација, но мнозинството членови го прифати неговиот приговор и тој ќе се „бори“ за член на Судски совет.
Против неговиот приговор, двајца членови гласаа против меѓу кои и Дамева.
Конкретно за кандидатската листа за член од редовите на Врховниот суд, Дамева порача: – Одлучив гласно да молчам и така да го изразам мојот став „против“. Се надевам дека моето молчење ќе одекне гласно.
Инаку, вчера Судскиот совет на затворена седница ја запре постапката што се водела против Георгиев, отворена минатата година за перидот додека бил претседател на Апелациониот суд во Штип.
Наке Георгиев е врховен судија за граѓанска област. Трансферот го направи од позицијата претседател на Апелацискиот суд Штип. Во биографијата на Георгиев е запишано дека станал судија во струмичкиот Основен суд во 1997 година, а во 2004 е избран за судија во штипска Апелација. Претседател на овој суд станал во ноември 2017.
Неговата сопруга е обвинителка во Струмица, а синот заврши на Академијата за судии и јавни обвинители со контроверзната генерација на слушатели, чии имиња се поврзуваа со звучни политички и судски имиња.
Нанев го работеше извештајот за злоупотребите на АКМИС системот во скопските судови, за кој Судскиот совет се изјасни негативно, тој е претседател и на Комисија за дигитализација на судството и заедно со поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески и обвинителката Фатиме Фетаи со гратиси од ФФМ ја бодреа Македонија.
Кога беше избран за претседател на судот во Кавадарци, тогашниот состав на Судски совет му порача дека треба да биде судија, а не ТВ ѕвезда.
Димовска пак е долгогодишен судија во Граѓанскиот суд и се кандидираше и за Уставен судија.
Судскиот совет денеска формираше и Комисија за спроведување на изборите и донесе решение за нивно одржување на 13 јули годинава.
Ф.Ф.С.