Дали згрешив што ги барав и пронајдов родителите кои ме оставија во дом?

by Fokus

Повеќе години наназад на социјалните мрежи се актуелни групи чија цел е да им помогнат на децата дадени на посвојување да си ги пронајдат биолошките родители, или пак на родители кои оставиле свое дете во дом, да успеат да го најдат.

Во групите можат да се сретнат потресни животни сведоштва, а изминативе години и „Фокус“ пренесе повеќе апели на деца, или пак на родители, кои се во потрага по корените, односно потомството.

Дел од овие приказни благодарение на читателите за кратко време имаа епилог и се случи деца да ги пронајдат родителите, или пак мајка да си го најде чедото кое под немили околности го дала на посвојување.

Актуелни се и јавните реакции за ваквите случаи, кога наидуваме на поделени мислења. Дали децата дадени на посвојување треба да ги бараат биолошките родители или да го продолжат животот со низа неодговорени прашања за своето потекло, и дали родителите кои еднаш се откажале од својата рожба, имаат право да трагаат по детето, кога тоа е веќе возрасно и можеби не ни знае дека е посвоено.

Возрасни лица кои трагаат по своето биолошко потекло, а со кои разговаравме, категорични се дека имаат право да ја знаат вистината за себе, потсетуваат дека се лишени од информации за наследни болести, алармираат на последици поради инцест и тврдат дека им е ускратено основното право – да го дознаат својот биолошки идентитет.

Потрагите денес, на некој начин се олеснети поради интернетот и ширењето на информации. Во мала земја, речиси секогаш некој ќе се сети на некој детал, и се случува вистинската информација да дојде до вистинските луѓе.

Нашата соговорничка на темава е во своите рани 50-ти години, и во времето кога тргнала да ги бара одговорите за своето потекло не беа распространети социјалните мрежи, ниту пак лесно се доаѓало до било каква информација.

Сепак, со упорност, со многу контакти, и како што вели, со среќа, успеала да ги пронајде биолошките родители и да ја дознае вистината за своето потекло. За тоа дека пронаоѓањето не секогаш значи и приказна со среќен крај, укажува сите кои се потрага да го имаат тоа на ум и да бидат психички подготвени дека ако ги пронајдат родителите, можат да доживеат големо разочарување.

-Моите спомени за детството и раната младост ми се врзани за домот за деца без родителска грижа во Скопје. Никогаш не бев посвоена, а како растев, сфатив дека причина за тоа е мојот вроден телесен хендикеп. За жал, потенцијалните посвоители секогаш инсистираат на совршено здраво дете, и не ги обвинувам, ги разбирам. Но, и покрај хендикепот, јас успеав да имам нормален живот и да функционирам без значителни потешкотии.

Прашањата за потеклото се нешто кое е присутно во мислите на секое дете во дом, или пак дете кое знае дека е посвоено. Без оглед на тоа колку љубов му дале посвоителите, природно е тоа, да сакаш барем ликот да им го видиш на биолошките родители.

Мојата потрага интензивно започна кога излегов од домот и знаев дека можеби прашањата никогаш нема да ми бидат одговорени. Единствената трага која ја имав беше името на градот на мајка ми. Немаше Фејсбук тогаш, па да започнеш да пребаруваш, значи единствена шанса ми беа информации од луѓе од истото место од каде беше потеклото на мајка ми. Добив вработување во јавна институција каде доаѓаа странки од цела земја, па тоа ми беше еден вид на олеснување во потрагата, тој контакт со лица од сите градови, па и од градот на мајка ми.

Првите конкретни информаци ги добив дури по неколку години потрага. Дојдов до нејзиното име и моминско презиме, а потоа работите одеа полесно. Ги пронајдов блиските роднини на мајка ми, а за неа дознав дека заминала со странство, дека има сопруг и две деца. Со нејзините сестри и браќа одржувала контакт, но ниту еднаш откако се омажила, не се вратила во родниот град, ниту на одмор, ниту кога родителите и починале – вели нашата соговорничка, која денес и самата живее во европска земја и има оформено свое семејство.

Вели дека првата средба со блиска роднина на мајка и поминала добро, добила одговори на многу прашања. Дознала дека е непланирано дете од кратка врска, дека мајка и немала друг избор освен да ја даде на посвојување, се живеело во сиромаштија, а родителите на мајка и биле лица со низок социјален статус, неуки и во шок од веста дека нивната ќерка, немажена ќе роди дете. И биолошкиот татко не бил заинтересиран за брак и деца.

-Дознав детали и за мојот хендикеп, роднината на мајка ми ме видела веднаш по раѓање, знаела дека имам физички проблем, кој го препишува на тоа што мајка ми долго молчела за бременоста, го стегала трудничкиот стомак за да не се забележува, се врзувала и криела… Како што рекле, трудната жената и лагата не се кријат, кога- тогаш се ќе излезе на виделина.
Ако средбата со една од роднините помина добро и дознав многу одговори, многу други работи не одеа баш добро. Останати роднини на мајка ми не сакаа да се сретнат со мене, на роднината и кажаа и таа да прекине контакт, бидејќи ќе сум донесела само проблеми…

Успеав да се сретнам и со татко ми, тој си има свое семејство, животот продолжил за него, останавме во некаков формален контакт, си честитаме родендени и празници и толку. Со неговите деца немам контакт. Важно ми беше да му го видам ликот, да знам кој е, и без тоа не очекував некое чудо- вели нашата соговорничка.

Со мајка и, иако вели дека била подготвена на се, сепак доживеала разочарување од кое и било потребно време да се опорави. Првин роднината и јавила на мајка и дека таа дошла и ја бара, но мајката одбила било каков контакт со неа. Нејзиниот сопруг и децата не ни знаеле дека некогаш родила девојче и го оставила во дом, и тоа за неа била болна тема која ја избришала од животот.

-Молев и убедував да ми го дадат телефонскиот број на мајка ми. Не знам, можеби се надевав дека ако ми го слушне гласот, во неа ќе се разбуди тој мајчински инстинкт. Многу долг пат поминав додека да ја најдам, па сметав дека барем ми должи еден разговор.

Дојдов до бројот, првин и пуштив порака, одговорот беше поразителен. Ми кажа да и го заборавам бројот, да заборавам и на неа. Имав моменти на очај, на гнев, се случи и да и се јавам, таа ми спушташе слушалка, дојдов до ситуација кога дури и се заканив дека ќе и дојдам на врата, пред децата и сопругот, па нив нека им појаснува која сум. Сега ми е жал поради таа реакција, но во тие моменти непромислено и емотивно делував.

Секако дека не и дојдов на врата, но ми требаше време да ја прифатам вистината, да сфатам дека животот за моите биолошки родители продолжил, дека и јас треба да си продолжам со својот живот. Ако сум се родила како непланирано дете, не значи дека треба да бидам и огорчена личност, ете, го дознав тоа што ме интересираше, најдов начин да ја прифатам вистината и продолжив напред – вели таа.

Денес, повеќе од 20 години откако ја дознала вистината за своето потекло, таа раскажува дека кога би го вратила времето назад, сигурна е дека пак би постапила исто, и покрај разочарувањето, повторно би го поминала истиот пат и би дала се од себе да си ги дознае корените.

-Тоа е нешто природно, тоа е инстинкт, да се бараат одговори, да се видат барем на слика оние кои те створиле. Читам многу реакции деновиве, по објавата на приказна за мајка која ја бара ќерката, не може народот туку-така да суди. За среќа, има и деца и родители кои истовремено се бараат, има и приказни кои завршуваат добро, иако тоа е ретко. Сметам дека дури и посвоителите треба да им помогнат во потрагата на своите деца, кога ќе станат возрасни луѓе, оти тоа не е чин да се оди против посвоителите, туку начин да се дојде до внатрешен мир.

Она кое го забележав од контакти со деца кои биле оставени од биолошки родители, а и од родители кои оставиле дете, ама речиси секогаш родителите на биолошката мајка биле тие кои не дале поддршка, најчесто луѓе полни со предрасуди и ограниченост, а пак за родители на биолошкиот татко и да не зборувам. Многу од нив воопшто ни не се заморувале со тоа што нивниот син створил дете, никакво прифаќање на одговорност или пак некаква човечка реакција.

Јас како непланирано дете, сега веќе дојдов до животен период кога можам само да кажам дека сум благодарна што сум се родила, на сите им простив за се, и повеќе ниту сум огорчена, ниту пак некому судам.

На јавноста да и порачам исто така да не суди од страна, секој си носи свој товар, а на оние кои се во потрага по вистината за себе, им посакувам да дојдат до одговорите за своето потекло, но и да умеат да ги прифатат смирено – истакна соговорничката.

Вики Клинчарова

 

 

Поврзани новости