Откако Фокус пишуваше за тендерот на Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистрални и регионални патишта во вредност од 9 милиони евра, што го доби компанијата „Топ Билд“ во конзорциум со босанската „Хифа Оил“, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Фирмата која го добива тендерот е и единствено пријавена, иако интерес покажале повеќе компании, заради и чии барања се олесниле условите за учество на тендерот, за на крај тие воопшто и да не учествуваат. Имено, од првичниот услов банкарската гаранција да изнесува 5 отсто од целиот износ на набавката, тој е преформулиран гаранцијата да се дава на секоја поединечна нарачка“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија додаваат дека домашната компанија што го добила тендерот не можела самостојно да ги исполни условите, поради што е дел од групација со странска фирма, која, според партијата, во повеќе наврати била „обележана и како фирма од која е увезуван штетен мазут“.
„Дали зад тендерот од 9 милиони евра стои некој од власта и зошто фирмите кои се јавиле првично со барање да се корегираат условите не учествувале? Дали и кој ја спречил конкуренцијата? Дали некој од власта профитирал од тендерот тежок 9 милиони евра“, прашаа од партијата на Христијан Мицкоски.
Како што претходно објави Фокус, тендерската документација претрпела неколку промени по барања и жалба на две компании – „Транслеад“ и „Кооп Инженеринг“, кои потоа не доставиле ниту првична понуда. На крајот, тендерот бил спроведен со еден понудувач, кој веќе почнал да врши испораки…