Подолг период наназад, актуелниот премиер, други претставници на власта, како и владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН говорат за индиции за криминал во многу институции, додека тие биле раководени од претставници на СДСМ и ДУИ. Дури, властодршците често ја употребуваат фразата „епски криминал“, алудирајќи дека има сомневања за незаконско постапување од енормни размери, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Досега, беше поднесена кривична пријава против поранешниот министер Крешник Бектеши и за внуците на Али Ахмети, додека повеќе институции спроведоа акција во Струмица, при што дел од медиумите ја оквалификуваа како акција против „струмичката империја“. Станува збор за предмет во кој опфатен е бизнисменот Ристо Крмзов, за кого известувањата одат во насока дека е близок со поранешниот премиер Зоран Заев и неговиот брат Вице Заев. Одредени медиуми, пак, со овој случај ја поврзаа и поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска.
Паралелно со тоа, партиите држат пресови, во кои се изнесуваат обвинувања и наводи за сомнително постапување од страна на поранешниот вицепремиер Артан Груби и неговиот сопартиец Ејуп Рустеми, за поранешните министри и актуелни пратеници Љупчо Николовски и Бисера Костадиновска, за пратеникот Елми Азири… Се споменуваат и АД ЕСМ, јавните претпријатија за патишта, железници, шуми, јавните здравствени установи итн.
Кога говори за РЕК Битола, премиерот Христијан Мицкоски споменува индиции за криминал, во врска со набавениот јаглен, што временски го лоцира од 2021 до 2024 година, кога ЕСМ имаше двајца директори – Васко Ковачевски и Васко Стефанов. Згора на тоа, премиерот навести дека дел од овие пари завршувале кај партии и моќници! Всушност, за РЕК Битола истото го говореше и вицепремиерот Александар Николоски, кој патем не ја одмина ниту Лотарија, поврзувајќи ја со Груби.
Во таа насока, вреди да се потсети дека Мицкоски предизборно му порача на Ахмети дека ќе ја заврши политичката кариера криминалец, а притоа истакна дека натрупал „милионски имот и дворци во Зајас“. Претходно, токму имотната состојба на семејството Ахмети говореше актуелниот министер за социјала, Фатмир Лимани, кој патем е во роднинска врска со лидерот на ДУИ.
Очигледно е дека власта, преку јавно соопштување сознанија и тврдења за нелегални дејства, обележува претходници како мети за апсење. Арно ама, досегашниот епилог е само неколку кривични и предистраги, што е далеку од обвинение, а камоли судска пресуда. Затоа, се поставува прашањето дали најавите за „епски криминал“ ќе завршат со епска одговорност, односно дали ќе „паднат“ и крупни ѕверки или само ситните риби?
„МВР во континуитет постапува, во координација со ЈО, за повеќе случаи за коруптивни дејанија во кои се инволвирани поранешни именувани функционери. По завршувањето на истрагите, јавноста соодветно ќе биде информирана“, ни одговорија од Министерството за внатрешни работи во однос на прашањето дали се преземаат одредени истражни дејства и активности поврзани со лицата и субјектите јавно посочени во контекст на финансиски злоупотреби.
Исто така, се обративме и до Јавното обвинителство, со прашање дали се оформени предмети по допрен глас или по поднесена пријава? Од таму велат дека за дел од споменатите правни лица, врз основа на ревизорски извештаи и други сознанија, надлежни јавни обвинителства водат предистражни постапки и преземаат дејствија, а за дел од останатите сознанијата што се однесуваат на наведените физички лица има доставени известувања по кои се постапува.
„За еден дел, пак, се уште нема доставено известување до обвинителството, меѓутоа не е исклучена можноста по сознанијата да постапуваат МВР или други органи на правосудната полиција кои се надлежни да ги откриваат кривичните дела и сторителите и да ги процесуираат до Јавното обвинителство“, велат од ЈО.
Воедно, од таму додаваат дека „допрениот глас како процесен институт за оформување обвинителски предмет ќе биде искористен доколку Јавното обвинителство процени дека во конкретен настан има кривично-правни дејствија, а органите од правосудната полиција не постапуваат согласно своите надлежности за процесуирање“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.