Дали Врховен ќе биде последниот чекор за спас на Груевски од „политички прогон“?

by fokus

Дали Врховниот суд ќе биде конечниот спас за поранешниот премиер, Никола Груевски – ова прашање се наметна откако беше објавено дека адвокат што го бранел Орце Камчев поднел иницијатива до Врховен, во која се бара највисокиот суд да донесе начелен правен став за аболициите на Иванов. Правно е тешко изводливо, но политички е сѐ поизвесно дека Груевски ќе биде рехабилитиран, дотолку повеќе што високи владини претставници сѐ погласно говорат за помирување. Уште пред еден месец, Фокус“ објави дека Ахмети разработил план за спас на Груевски, при што нашите извори споменуваа токму одлука на Врховниот суд.

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Сѐ додека трае политичкиот прогон не се враќам во Македонија, порача бегалецот од Будимпешта, поранешниот премиер, Никола Груевски во интервју за српскиот весник „Политика“.

– Помина повеќе од месец дена откако се усвоени измените на Кривичниот законик и сега е сосема јасно дека таа измена не е наменета за мене. Тоа беше валкан спин со краток рок на траење. Да беше тоа така, да беше тоа во мој интерес, јас веќе еден месец ќе бев во Скопје и овој разговор би го воделе во Македонија – вели Груевски.

Во интервјуто, тој тврди дека правосудството е во канџите на неговиот следбеник во власта, Зоран Заев, а за негов сојузник го прогласи и следбеникот во партијата, Христијан Мицкоски.

Притоа, не го споменува актуелниот лидер на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, ниту неговиот партнер во власта Али Ахмети, кој неодамна јавно го фалеше Груевски и велеше дека тој бил жртва на медиумска пропаганда.

Сѐ додека трае политичкиот прогон не можеме да зборуваме за враќање во Македонија. Дали судот во иднина ќе успее да се оттргне од Заевите канџи зависи од повеќе чинители.

Кога станува збор за политичкиот прогон од Македонија, знам дека нѐ тужат обвинителите и нѐ судат судиите. Тие работат само формално. Одделни политичари обвинуваат, судат и се задолжени за медиумската пропаганда – порача Груевски.

Неговото враќање е главна тема на политичката сцена, па политичарите од власта веќе јавно почнаа да зборуваат за помирување со него. Прв рака за помирување подаде вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.

– Јас сум првиот што седнува и зборува за помирување, ако резултатот од тоа помирување може да донесе појасна иднина за државата и идните генерации кои треба да живеат овде – рече Битиќи. Враќање на Груевски не исклучува, но вели дека помирувањето не значи амнестија.

Помирувањето може донекаде да ја ублажи казната. Нема простување на дела – тврди тој.

Контра Битиќи и со конзистентен став дека Груевски ќе се врати и ќе си одлежи е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Најдоброто помирување ќе биде кога секој ќе одговара за своите криминали и тука нема и не треба да има компромис, за луѓето што направија сериозни штети на државата, на демократијата, на многу процеси, мора да се сноси одговорност – порача Спасовски.

И министерот за надворешни работи и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи се „отвори“ по прашањето за враќање на Груевски.

– Од безбедносен аспект, да имате премиер кој ви бил премиер 10 години и ги имал сите информации за државата, а е во рацете на друга држава, тоа не е паметно за која било држава. Најдобро е да е овде и да се справува со судските процеси што ги има.

Тоа би било најдобро решение. Затоа ова го кажувам повеќе аналитички, но целата оваа фама околу некаква комуникација е тој психолошки страв што ние не го разбираме – рече Османи.

Тука го чекаше неговиот довчерашен партиски другар, Изет Меџити, кој формираше партија и сега е најжесток критичар на ДУИ. Според него, спасот ДУИ не го бара во надежта дека Груевски може да обезбеди пратеници да гласаат за промена на Уставот, туку во повторување на истите епизоди.

ДУИ знае дека ќе оди во опозиција, а од таму го сака Груевски на власт. Тој им е должен нив. Така мислат дека Албанците ќе треба да им ги заборават сите штети, сите корупции, сите избркани деца од државата.

Измените во Кривичниот закон беа почеток, за сега да продолжат со иницијатива пред Врховниот суд со која се бара враќање на аболициите на Ѓорге Иванов – велат од партијата на Меџити.

„Фокус“, пред еден месец објави дека лидерот на ДУИ Али Ахмети разработил и почнал да спроведува план за спас на Груевски, во замена за помош за уставни измени, но и за правење проблеми во ВМРО-ДПМНЕ.

Уште пред да поминат измените на КЗ, функционери на ДУИ брифираа дека Ахмети ги уверувал оти води сериозни преговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека работи и на враќање на Груевски. Сепак, во контекст на реализацијата на овој план, овие извори не споменуваа законски измени, туку одлука на Врховниот суд.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости