Дали враќањето на бегалецот Дешо ќе им донесе слобода на осудените за „27 април“?!

by fokus

Осудените за „27 април“, кои веќе 7 години се зад решетки, не сакаат да излезат на слобода со амнестија од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Иако по смената на шефот на државата добија ваква можност, повеќето од нив, неколкупати испратија јавен абер дека не сакаат милост, туку бараат можност на ново судење да докажат дека се невини за упадот во Собранието во 2017 година.

Затоа во изминатиот период сѐ погласно се говори дека својата правда ќе ја бараат на повторено судење. Но, за да се случи такво нешто, потребно е да биде поднесено барање за повторување на судската постапка, и тоа врз основа на нови докази, кои би ја смениле досегашната слика за случајот.

Сепак, досега во Кривичниот суд не е пристигнато вакво барање, а таква најава немаат ниту повеќето адвокати со кои разговаравме. Сите се сложуваат дека повторување на постапката би бил излезот за нивните клиенти, но посочуваат дека не поднеле барање до судот, ниту пак откриваат како би дошле до него.

Изминатиот период, пак, во партиски кругови на ВМРО-ДПМНЕ, се шпекулираше дека постојат нови сведочења, односно сведоци што веќе еднаш сведочеле, но сега ќе ги сменат своите искази. Барајќи одговори како ова сценарио правно ќе се реализира во судница, „Фокус“ дојде до едно од можните решенија…

СУДЕЊЕТО НА ДЕШО СПАС ЗА СИТЕ?

Поточно, многу веројатно е дека шансата за новото судење да се крие во Дејан ДавидовскиДешо. Тој беше еден од обвинетите, но бидејќи беше во бегство, за него постапката беше запрена. Летото, по седум години бегство, Давидовски самиот реши да се врати во државава, при што беше уапсен на граничниот премин „Деве Баир“.

Тој во изминатите години живееше во Шведска, каде што имал регулиран престој, но и заштита, бидејќи тамошните власти одбија да го екстрадираат. Оттука изненади неговата одлука да се врати дома, бидејќи знаел дека веднаш ќе биде однесен во притвор. Сега пред него претстои ново судење и можност да докаже дека не е виновен.

Во моментов, тој се наоѓа во куќен притвор и чека на потег од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Дали ќе му поднесат обвинение со истите аргументи како од претходно, ќе направат преквалификација или можеби ќе се откажат од прогон.

Но, неговата судска борба, најверојатно, ќе значи и втора шанса и за другите. Очекувањата се дека на неговото судење ќе се повикаат истите сведоци од претходно, но еден или можеби и повеќе сега ќе го сменат сведочењето што го дадоа во првата постапка, која заврши со осудителна пресуда за 16 обвинети.
Не се исклучува ниту можноста сведоците за различните изјави да се правдаат дека на првото судење биле под притисок на органите на прогонот. Врз основа на различното сведочење, пак, правните тимови на осудените ќе побараат повторување на постапката за своите клиенти.

Ваквото сценарио носи кривична одговорност за сведоците за лажно сведочење, но, сепак, се очекува да се најде блага казна за нив, со оглед на очекуваниот конечен резултат. За реализација на ова сценарио е потребно време, но очигледно е дека осудените немаат друг избор, со оглед на тоа дека ја отфрлаат амнестијата како опција.

,, НЕ БАРААТ АМНЕСТИЈА“

Неодамна, претседателката Сиљановска одговори дека таа е за амнестија, но тоа треба да го побараат од неа.

– Кога се кажува за „27 април“, мора едно да се знае дека мора да има барање од луѓето. Тие мора да побараат или некој нивен близок. Тие сакаат да ја истераат правдата. Прашавме, но никој нема побарано. За „27 април“ мислам дека Судот е сега на потег.
Шест години, некој да ве држи во затвор, без правен основ е страшно нешто. Таа селекција на организатори и учесници не беше правно заснована. Судот е на потег да го има последниот збор за луѓето што животот го поминуваат таму каде што не треба да бидат и каде се подложени на притисоци, изјави Сиљановска.

Инаку, новото судење засега 14 од вкупно 16-те осудени. Абдуљфета Алими, осуден на 6 години, пред една година излезе од затвор, откако доби помилување од претседателот Стево Пендаровски.

За некој месец на слобода ќе биде и Александар Василевски-Нинџа, кој беше осуден на 7-годишна казна затвор. Тој веќе една година, поголемиот дел од денот го минува на слобода. Затворската казна ја издржува во отвореното одделение на истражниот затвор „Скопје“, што значи дека наутро излегува и оди на работа, а навечер се враќа и преспива во „Шутка“.

Василевски првично беше осуден на осум години затворска казна, иако за делото за кое се товареше минималната предвидена казна е десет години. Апелација потоа му ја намали казната на седум години. Тој беше клучен сведок во судењето за упадот на 27 април во Собрание, а опозицијата обвинуваше дека целото обвинение се темели на неговиот исказ.
На судењето за 27 април, тој тврдеше бил човек на тајната полиција, донесен од Горан Грујевски и Никола Бошкоски, иако никогаш не бил вработен во службите.

Највисока казна има тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков – 16 години затвор, како и уште неколкумина што беа вработени во МВР. Па, така, Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви добија 13 години затвор, Оливер Поповски – 11 години затвор, а Оливер Радулов – 9 години затвор.
Мунир Пепиќ беше осуден на 13 години затвор, Младен Додевски – 11 години затвор, Јане Ченто – 13 години затвор, Горанче Анѓеловски – 11 години затвор, Игор Југ – 11 години затвор, Влатко Трајковски – 14 години затвор, Вилијам Михајловски – 13 години затвор и Никола Митревски – Кољо – 14 години затвор.

Валентина Вурмо

Поврзани новости