Во рамки на албанскиот опозициски сојуз, кој на двојните избори настапи под називот ВЛЕН, има дискусии како внатрешно да се организира и да продолжи да делува на политичката сцена.
Како што е познато, во насока на формирање на оваа албанска опозициска коалиција првиот чекор го направија лидерите на Беса и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши.
Откако тие си подадоа рака, им се придружи и Изет Меџити, кој по несогласувањата со начинот на функционирање во ДУИ одлучи да формира нова партија – Демократско движење.
На крајот, на нивна страна дојде и тогашниот лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, кој со овој потег предизвика раскол во матичната партија, па правната битка за партискиот печат ја доби Зијадин Села.
Првично, Касами, Гаши и Меџити ја крстија оваа коалиција Европски сојуз за промени, или скратено ЛЕН, додека по приклучувањето на Таравари таа го доби називот ВЛЕН.
Според информации на „Фокус“, во рамки на ВЛЕН се води дебата дали оваа коалиција да продолжи да делува во досегашниот формат, односно како сојуз на партии и фракции, или, пак, да се формира целосно нов субјект со коалицискиот назив.
Како што велат нашите добро упатени избори, има аргументите „за“ и аргументи „против“ и за едната и за другата варијанта, па се мери нивната тежина.
Имено, во ситуација на фузирање на сите партии и структури во една може да се јави проблем или предизвик кој да биде лидер на новиот субјект, што, пак, зависи од нивото на довербата меѓу партиските лидери.
Инаку, тие моментално одлично соработуваат, но којзнае што може да донесе времето, имајќи во предвид дека минатото искуство покажува дека во различни периоди биле на различни страни.
Од друга страна, спојувањето на партиите во еден нов субјект под називот ВЛЕН ќе го засили и дополнително ќе го промовира овој бренд, кој, според внатрепартиски проценки, станал многу силен за краток период.
Притоа, има различни размислувања и идеи дали евентуалното здружување во нов субјект да оди од горе или пак да започне како иницијатива од партиската база и ограноците, кои прво би се споиле на локално ниво, па потоа природно да дојде формирањето на нова партија.
Во тој контекст, може да се прават одредени споредби со Алијанса за Албанците, која не се формираше иницијално под овој назив, туку прво беше коалиција од повеќе партии, а потоа се издвои како посебен субјект.
За потсетување, оваа коалиција ја формираше тогашното Движење за реформи во ДПА на Села, НДП на актуелниот амбасадор во Италија Весел Мемеди и Унитети на Гзим Острени, кој се издвои од ДУИ и формираше нова партија, нешто слично како сега Меџити.
Но, по парламентарните избори во 2016 година, откако СДСМ и ДУИ формираа ново мнозинство и влада со помош и на тројцата пратеници на Алијанса за Албанците, дојде до превирања во оваа коалиција.
Тогаш, Села одлучи да формира нов субјект со коалицискиот назив, тврдејќи дека така било предизборно договорено со Мемеди и Острени, кои пак ги негираа таквите тврдења.
Сепак, Села успеа да го истурка овој проект, формираше партија под називот Алијанса за Албанците и се наметна како најголема политичка сила после ДУИ.
Исто така, и сега во ВЛЕН се разговара дали да продолжат вака или во нов субјект под коалицискиот назив, со таа разлика што тоа се прави по конструктивен пат и дијалог, а не по пат на конфликт.
За тоа каква ќе биде судбината на ВЛЕН ќе зависи и од тоа каква ќе биде нивната судбина во идната влада, со оглед дека се на добар пат да формираат парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ.
„Фокус“ ја отвори темата за (ре)организирањето на ВЛЕН, кога пред неколку дена објави дека се уште актуелниот вицепремиер и потпретседател на СДСМ Фатмир Битиќи ќе стане дел од оваа коалиција.
Како што објавивме, доколку лидерите на ВЛЕН одлучат да делуваат во сегашната форма, тогаш Битиќи ќе биде дел од Демократското движење на Меџити, кој се споменува како иден министер за политички систем.
Доколку, пак, Меџити, Таравари, Касами и Гаши одлучат да формираат нов политички субјект каде сите ќе бидат на купче, со цел да го задржат и засилат брендот ВЛЕН, Битиќи ќе биде дел и од овој субјект, но на поинаква позиција.
Кога се обративме до Битиќи, не добивме одговор како постизборно ќе делува во парламентот и дали е точно дека ќе направи трансфер во ВЛЕН.
Потоа, тој одлучи да објави реакција, велејќи дека дека не оди никаде и дека, како што рече, цврсто стои на патот на социјалдемократијата.
Битиќи тврди: Цврсто стојам на патот на социјалдемократијата
Патем, напишавме дека не станува збор за шпекулација, како што вели Битиќи, туку за исклучително кредибилна информација за неговото идно делување, а времето најдобро ќе покаже дали ќе биде така или не.
Влатко Стојановски