Откако некои медиуми објавија дека Алтернатива пак ќе се врати во владата и нејзин кадар ќе ја заземе функцијата на вицепремиерката Славица Грковска, реагираа од партијата на Африм Гаши, истакнувајќи дека станува збор за дезинформации пласирани од власта.
„Главните актери во власта имаат многу причини за страв. Една од причините е секако стравот од предлогот на Алтернативата за спречување на застареност на кривичните дела од политичката корупција. Затоа, голем број функционери на ДУИ и на СДСМ планираат да го спречат потенцијалот за консолидација на албанската опозиција. Но, ништо не може да ги запре процесите кои се неопходни за промена на власта“, напиша на фејсбук Орхан Муртезани од Алтернатива.
Неодамна, и Гаши посочи дека не постои можност за враќање во владата, туку можност за соработка меѓу Алтернативата, Беса и Огнената група, која функционира како фракција во рамките на ДУИ.