Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска зборувајќи пред медиумите во рамките на својата посета на Радовиш, истакна дека партијата поседува информации според кои високи функционери на СДСМ и ДУИ се вклучени во афера за фиктивно испумпување пари од УЈП, поради што, како што тврди Мицкоски, буџетот бил оштетен за 20-30 милиони евра.
-Постојат дури и докази дека лица вработени во Управата за јавни приходи се повикани во МВР да дадат свој исказ за тоа што јас вчера го зборував. Затоа е многу важно дали МВР ќе излезе со детали и ќе го спроведува законот заедно со Обвинителството за организиран криминал или ние тоа ќе го направиме, ќе го обелодениме во јавноста, и тоа во детали со имиња и со точни фирми што се дел од оваа би рекол злосторничка дружина – рече Мицкоски.
Тој воедно обвини дека во оваа афера се вклучени високи функционери на СДСМ и на ДУИ, а потоа објасни и на кој начин, како што тврди тој, бил извршен овој криминал.
– Имаме субјект А која е инстант-компанија и која генерира фиктивни побарувања од УЈП за поврат на данок на додадена вредност, и фирма Б, односно субјект Б, кој долгува на УЈП по основ на данок на додадена вредност. Фирмава А, која е инстант-компанија отворена со фиктивни фактури, ѝ приоѓа на фирмава Б и ѝ вели дај да се прибиеме со цесија односно ниту тие мене да ми вратат ниту вие да платите. Нормално, со определен надомест. И тогаш што се случува? Тие се прибиваат и ниту овие што ѝ должат на Управата, фирмата Б плаќа ниту фирмата А добива официјално поврат на ДДВ, а фирмата Б нормално за одреден надомест ја прифаќа оваа услуга од фирмата. Детали за ова можеби може да ви каже и една актуелна пратеничка на СДСМ која сега е пратеник, а порано беше директор на скопската подружница на Управата за јавни приходи – објасни Мицкоски.
Од УЈП, пак, реагираа дека не станува збор за афера на УЈП, туку станува збор за утврдено незаконско работење сторено од Даночни обврзници кое УЈП го детектираше навремено уште во јули 2021 година.
„Во интерес на предистражната постапка на Јавното Обвинителство, информираме дека сите потребни материјали и податоци од страна на УЈП се доставени до институциите и дека се превземени сите потребни мерки во насока на заштита на државната каса. Управата за Јавни приходи е институција со висок интегритет и во истата работат високо ефикасни професионалци кои навремено и ефективно ги извршуваат своите работни задачи. Меѓу другото, раната детекција на незаконската работа кај одредените даночни обврзници е резултат на посветената и професионалната работа на вработените во УЈП“, стои во реакцијата.