Дали вишокот нафта на пазарот ќе ја намали цената на горивата?

by Fokus

Организацијата на земјите извознички на нафта, ОПЕК, размислува да го откаже планираното зголемување на производството во јануари во случај на презаситеност на пазарот со ослободените резерви.

Претставниците на организацијата предвидуваа дека уделот на нафта извлечена од стратешките државни резерви може да доведе до значителни вишоци на достава на светскиот пазар.

Според неофицијален документ, во кој Блумберг имал увид, под услов од резервите да се извлечат околу 66 милиони барели нафта, вишокот нафта може да се зголеми за 1,1 милион барели дневно во следните два месеци.

Веста доаѓа откако САД завчера соопштија дека ќе ослободат 50 милиони барели нафта од стратешките државни резерви. Белата куќа нагласи дека голем број други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Индија, Кина, Јужна Кореја и Јапонија, планираат да искористат дел од нивните нафтени резерви.

Но, дали акциите ќе имаат ефект? Не мора да значи. Пазарните процеси се сложени и цените се водени од многу фактори. Дури и да падне цената на суровата нафта, нема гаранција дека цената на бензинот и горивата за греење толку брзо ќе паднат. Освен тоа, извлекувањето резерви од солените пештери може да потрае и до две недели.

-Секако дека ефектот ќе биде краткотраен и ќе зависи од количините што ќе се пласираат на пазарот, изјави Стивен Нили од американската Администрација за енергетски информации (EIA) пред сенатската комисија.

Сепак, критичарите велат дека стратешките резерви се во вонредна состојба и треба да ја заштитат енергетската безбедност на земјата, а не да се користат за намалување на сметките „за неколку долари“. Нафтените компании во земјата дури коментираат дека подобро решение за оваа криза е да се зголеми производството на нафта во земјата.

 

 

Поврзани новости