Македонија утре ќе ги слушне песните кои се во игра за Евровизија 2022, во емисијата Стисни Плеј на МТВ, со почеток од 22 часот, кога ќе започне и онлајн гласањето. Јавноста ќе може да гласа за својот фаворит до 4-ти февруари, а за победникот ќе одлучуваат гласовите на јавноста и стручно жири, во сооднос 50% – 50%.
Кандидатите кои се во трка да ја претставуваат нашата земја на музичката манифестација во Италија се релативно нови имиња, и повеќето од нив недоволно познати за пошироката јавност.
Калина Велковска – Кaly, Јон Ајдини – Yon Idy, Лара Иванова, Виктор Апостоловски, Андреа Коевска и Борис Цветановски – Ris Flower се избраните изведувачи од вкупно 47, коишто се пријавиле на конкурсот организиран од страна на МРТ.
Листата со изведувачи, на која нема ниту една музичка ѕвезда и докажано име на нашата сцена, го наметнува прашањето дали Евровизија повеќе не е предизвик за популарните пејачи, кои во минатото кршеа копја за да бидат наши претставници на настанот, кој повеќето дури го доживуваа и како врв на музичката кариера.
Имаше случки на јавни обвинувања и расправии од незадоволни пејачи кои не успеваа да победат на домашниот избор, и кои не го криеа револтот што не им се остварил сонот да бидат наши претставници на Евровизија.
Некои на пример, како Калиопи, Тамара и Каролина Гочева, дури и по неколку пати застанаа на евровизиската сцена, со желба да и донесат висок пласман на Македонија.
Наши претставници беа Владо Јаневски, Тоше Проески, Есма и Лозано, Ѓоко Танески, Некст Тајм, Влатко Илиевски, Елена Ристеска, Тијана Дапчевиќ…
Дали ветераните на нашата музичка сцена на Евровизија повеќе не гледаат како на можност за докажување и поголем напредок во кариерата, или едноставно процениле дека нема да им се исплати целиот труд околу подготовките и учеството, барем досега, ниту едно познато музичко име јавно се нема огласено.
Се обидовме да дознаеме и дали некој од популарните пејачи воопшто испратил песна на конкурсот, но до објавата на веста не добивме одговор од надлежните од МРТ.
Вики Клинчарова