Дали вашите деца знаат за корупција?

by Fokus

Дали зборувате отворено со вашите деца на тема корупција? Колку вашите деца се свесни за корупцијата во општеството? Дали знаат каде треба да се пожалат доколку посведочат корупција?

Сите држави имаат проблем со корупција, но во различен обем. Оваа таканаречена социјална болество нашата држава има пуштено корени во секоја институција, а тоа дефинитивно ja уништува економијата, ја поткопува социјалната стабилност и ја нагризува јавната доверба.

Младите како главни чинители за решавање на социјалниот проблем

Корупцијата им штети не само на возрасните, туку и на младите. За жал, истражувањата покажуваат дека значаен дел од младата популација не препознава одредени форми на корупцијата, а е особено слаба во тоа да увиди постоење на судир на интереси – кога некој е во позиција да одлучи во своја или туѓа приватна корист. Загрижувачки е фактот што постои високо ниво на толеранција кон овие негативни појави, а тоа дополнително ја истакнува потребата од создавање на антикорупциска клима во училиштата.

Јавните дебати, разменувањето на мислења, вклучувањето на темата во образовнитепрограми, се активности кои ќе придонесат за побрзо искоренување на корупцијата, како од образованието, така и од сите други сфери во општеството.

Антикорупциска едукација во училиштата

Недостатокот на општо препознавање на корупцијата ги прави младите повеќе ранливи и помалку отпорни на корупција.Образовниот процес може да ги подготви младите да ја препознаат корупцијата, нејзините форми и начините на кои може да ја спречат или пријават. Борбата против корупцијата веќе е тема во основното образование, од скоро влезе како тема во средното стручно но важно е и што побргу да стане тема и во гимназиското образование.

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) иДржавната комисија за спречување на корупција, заедно со Министерството за образование и Бирото за развој на образованието, во рамките на проектот „Антикорупциска едукација во средните училишта“,спроведе пилот предавања за борба против корупцијата при што беа вклучени 8 средни училишта, едуцирани беа 13 професори, а формална едукација имаа повеќе од 600 ученици од 6 градови.

Антикорупциското образование интегрирано во училишните активности е можност младите да добијат структурирани и објективни податоци. Меѓутоа, во услови кога се обмислува посеопфатна реформа на образовниот процес, државата може да постави поамбициозни антикорупциски цели на образованието.

Борбата со корупцијата е долг и сложен процес кој бара вклучување на сите чинители во општеството. Целта на антикорупциската едукација е да се влијае кај учениците, образовните работници, па и родителите, да се вклучат поамбициозно во решавањето на социјалниот проблем.

Затоа антикорупциската едукација треба да стане една од централните цели на образовниот процес, насочена кон градење на генерации со личен интегритет спремни да се спротивстават на корупцијата. Значи покрај едукативната цел, каде ќе ги научиме младите да ја препознаат корупцијата, антикорупциската едукација треба да има и своја воспитна цел. Затоа, уште од самиот влез во образованието, па се до крај, државата треба да насочи образовни ресурси кои ќе креираат вредности на отпор кон корупцијата, како почитување на ред и закони, вреднување на фер однесување, работење во корист на заедницата и доверба во луѓето.

Со вклучувањето на младите во борбата против корупцијата, се воспоставуваат вредности и интегритет за придвижување на општеството кон антикоруптивни практики.

 

Поврзани новости