Зад унгарскиот заем се крие политички интерес, тврди опозицијата. Според СДСМ, законот со кој се овозможува задолжувањето од Будимпешта, се усвојува во скратена постапка зашто власта не сакала јавна дебата, со цел да ги скрие политичките интереси. Повикувајќи се на новинарски истражувања, од таму велат дека потеклото на унгарските пари е од Кина.
-Зошто Христијан Мицкоски крие кое е потеклото на парите? Зошто крие дека Унгарија всушност се задолжува со понеповолни услови кај Кина за парите кои нас ни ги дава? Ова, според нас, е јасен сигнал дека тука има политички интерес. Покрај ова, законот изобилува со нелогичности, недоречености и многу непознаници. Како на пример, не се предвидени јасни критериуми, што е многу важно, не се предвидени ниту механизми за распределба на позајмените пари – изјави денеска Богданка Кузеска од СДСМ.
Одговор пристигна од ВМРО-ДПМНЕ, од каде ги оценија тезите на СДСМ како небулозни и информираат дека Венко Филипче продолжува да биде против капиталните проекти за кои се обезбедени, како што потенцираат, унгарските пари. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче оди и против општините на чие чело се градоначалници од СДСМ, кои аплицирале на повикот за проекти што ќе се реализираат со заемот од Унгарија.
-Овој заем бил коруптивен, но меѓу првите поднеле Општина Делчево, Општина Пробиштип, Општина Струмица, Општина Валандово и Општина Крива Паланка. Тие поднеле апликации. Општина Крушево… Тие поднеле апликации, ама заемов бил коруптивен – рече Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.