Пред утрешниот прв круг од претседателските избори во Франција, познато е дека Емануел Макрон и Марин Ле Пен ќе се квалификуваат за вториот круг предвиден за 24 април и дека излезноста ќе се движи до 70 отсто, што ќе биде најнизок процент на излезност, вели за Фокус универзитетскиот професор и поранешен дипломат Нано Ружин.
Според него, Макрон, кој настапува со слоганот „Со Вас“, останува умерен фаворит, но, како што истакнува, никој не може однапред да гарантира дека на 24 април претседателот Макрон ке го наследи претседателот Макрон.
„На еден ден пред првиот круг на претседателските избори во Франција, разликата помеѓу Макрон и Ле Пен се смали на 1 отсто во полза на сегашниот претседател. Пред два месеци, никој не веруваше дека империјалниот Макрон, на кого му веруваше 36 отсто од француското бирачко тело, ќе се сведе на 26 отсто, додека Ле Пен, која заостануваше зад исламофобот Ерик Земур со 9 отсто, ќе достигне фантастични 25 отсто доверба од бирачкото тело – изјави Ружин.
Во меѓувреме, додава тој, Земур падна во сондажите, но популистичкиот левичар Жан Лук Меланшон направи фантастичен скок со 17,5 отсто подршка, што, според Ружин, е и најголемото изненадување на завршетокот на претседателската кампања пред првиот изборен круг.
-Падот на рејтингот на претседателот Макрон се објаснува со најмалку три елементи: отсуството во кампањата заради ангажманот околу Украина и разговорите со Путин, што на извесен начин ги навреди Француизите, иако тој сметаше дека „украинската епизода“ би била најдобар вид кампања за еден претседател на Петтата Репубика. Но, ниту успеа да ја спречи војната, ниту масакрот на цивилното население, констатитраа неговите политички противници – забележува Ружин.
Воедно, тој посочува дека лошо влијание врз рејтингот на Макрон имала и аферата за затајување на корпоративниот данок меѓу 2011 и 2020 на комапнијата „МкКинсли“, каде наводно постојат сомнежи за недоволната будност, а можеби и замешаност на Макрон, како и претераното кокетирање со најпривилегираните слоеви и запоставувањето на провинциите за сметка на главниот град Париз.
-Затоа, според Институтот ЈУГОВ, 49 отсто од Французите бараат промени на досегашната политика, а 50 отсо бараат нов политичар кој ќе го замени Макрон – потенцира Ружин.
В.С.