Судечкиот совет, составен од судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани, кој го води судењето за случајот ТНТ, за незаконското уривање на станбениот комплекс „Космос“ којшто беше во сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски, е решен судењето за овој случај да го заврши до Нова година, и покрај „адвокатските финти“ кои настојуваат да го одолговлечат судењето на сите можни начини.
Според адвокатите, на 24 декември им истекува мандатот на двете поротнички, членови на судечкиот совет, па ако нема пресуда, процесот ќе мора да почне од почеток со нов судечки совет.
Вчерашното рочиште за овој случај траеше десет часа, а следниот ден веќе, 13 часа по долгометражното рочиште почна ново рочиште. И денеска дел од обвинетите се обидоа на неколку начини да го одложат рочиштето, тројца адвокати кои застапуваа четворица обвинети не дојдоа на судењето, но судечкиот совет не попушти, им најде адвокати по службена должност. На крајот, токму новите адвокати успеаа да го убедат судечкиот совет да го одложи судењето бидејќи е некоретно да застапуваат клиенти и да поставуваат вкрстени прашања за предмет кој не го знаат. Сепак утре во 9,30 часот е закажано ново судење, а следното рочиште веќе во понеделник.
Во судница денеска дојдоа сите обвинети, освен поранешниот премиер, Никола Груевски. Неговиот адвокат кој му е поставен по службена должност, беше присутен, но не дојдоа адвокатот на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, адвокатот Мерџан Даути и Дончо Наков кој брани две обвинети. Трајковски синоќа му го откажал полномошното на неговиот досегашен адвокат, Боро Тасевски бидејќи не го предупредил дека за 13 часа ќе треба да дава одбрана. Тој најмил друг адвокат, Јовица Страшевски, но денеска тој не бил на судење во Кичево. Наков бил на судење во Куманово, а Мерџан Даути заминал за Србија.
Сите обвинети, освен поранешниот министер, Миле Јанакиески, кој беше дојде со својот адвокат Димитар Дангов од почетокот на рочиштето бараа рочиштето да се одложи, бидејќи ја немале подготвено својата одбрана, која им била единствена шанса да ја докажат својата невиност, заедно со нивните адвокати.
За судијата Ставрев и обвинителот кој го води овој случај, Бурим Рустеми овие барања се злонамерно одолговлекување на постапката, сега пред крајот на судењето, но Трајковски не заборави да потсети дека рочиштата биле одложувани и на барање на обвинителството, во периодо кога се распаѓаше Специјалното јавно обвинителство.
Обидите да се одолговлекува судењето во моментите кога е се поблиску до пресуда, почнаа кога адвокатот Димитар Дангов и го откажа полномошното на обвинетата Елизабета Најдовска, па судот нејзе и определи адвокат по службена должност, Мерџан Даути. Тој и стана познат на јавноста по неговите барања да целиот предмет да му биде преведен на албански јазик, а последно бараше изземање на поротничките бидејќи наполниле 60 години. Сите овие барања му беа одбиени, но обидите за одолговлекување продолжија.
Според обвинението, Груевски заедно со Јанакиески, заеднички со цел да му се одмаздат на Цаноски за неговата одлука, како претседател на политичка партија да ја напушти тогашната владејачка коалција и склучил коалиција со опозициската партија, го поттикнале поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски да преку општината да нареди незаконско рушење на станбено-деловниот објект Космос.
Првообвинетиот е во бегство, па сега прв на листата обвинети е Јанакиески. – За жал Груевски го нема во судница, јас не сум потпишал ниту едно ливче, рече Јанакиески во судница.
Утре одбрана треба да даде Јанакиески, а потоа и другите обвинети и да ја кажат својата верзија за рушењето.
За неколку дена пред Нова година, односно на 27 декември, е закажано да биде изречена пресудата за случајот “Тарифа“.
Во случајот „Тарифа“ обвинет е поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Ф.Ф.С.