Дали Стразбур ќе ги оживее аболициите?

by fokus

Автор: Валентина Вурмо

Одлуката на Судот за човекови права ќе има не само правни туку и големи политички последици. Доколку актите на поранешниот претседател Иванов бидат прогласени за важечки општеството може да влезе во антикатарза.

Откако почнаа да се изрекуваат пресуди за поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а некои завршија и во затвор, Стразбур се претвори во прозорецот на спас за обвинетите и осудените. Но кон Европскиот суд за човекови права не гледаат само оние кои ги гонеше поранешното Специјално јавно обвинителство, туку и државата.

Таа треба да даде одговор дали предметите на СЈО ќе преживеат и судењата ќе продолжат без пречка, или сѐ ќе падне во вода, односно ќе запрат и ќе се поништат повеќето предмети, а обвинетите и осудените ќе бидат прогласени за жртви, на кои државата дури ќе треба да им плати и обесштетување.

Или, накратко кажано, Судот во Стразбур ќе треба да пресече дали „космодиск аболицијата“ на експретседателот Ѓорге Иванов сѐ уште важи, иако изгледаше шашаво.

Во ноември 2017 година, адвокатот Влатко Илиевски  ја поднесе првата апликација до Судот во Стразбур, а потоа следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени. Првата е на име на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, а по десетина дена пристигнала и она на Едмонд Темелко, ексградоначалникот на албанската општина Пустец. Истиот месец, на ист датум се поднесени уште две, на Никола Груевски и една заедничка на Тони Јакимовски и Гордана Јанкулоска.

Следната година, во февруари 2018, пристигнува и заедничката апликација на Јанкулоска и Миле Јанакиески, а по три месеци се изготвува и на Киро Тодоровски. Летото 2018 година во Стразбур пристига и апликација од поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, а годината завршува со апликациите на Јанакиески и Кирил Божиновски.

За сите нив е заедничко барањето кривичниот прогон да запре со образложение дека помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател не можело да се повлече.

Министерството за правда не сакаше да се спогоди со апликантите, па сега ќе треба да поднесе докази дека целата правна рашомонијада е незаконска и неуставна, иако е акт на претседател на држава.

Оттаму не ја откриваат стратегијата, бидејќи одговорите до Стразбур сѐ уште се пишуваат, но од изјавите на министерот за правда Бојан Маричиќ, може да се откријат основите врз кои ќе се заснова – ќе се обидат да го убедат судот дека аболицијата од самиот почеток е ништовна.

„Помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа избор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред Судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот нив да ги оцени, упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост“, порачува Маричиќ.

КАКО УСТАВЕН СУД ГО ПОДГОТВИ ТЕРЕНОТ ЗА АБОЛИЦИЈАТА

Сѐ започна на 12 април 2016 година, кога тогашниот претседател Иванов се огласи во јавноста со информацијата дека аболирал вкупно 56 лица, меѓу кои Никола Груевски, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска…, повикувајќи се на членот 11 од Законот за помилување.

Уште не ги дочита помилуваните, а веќе на нозе се крена стручната јавност, која потсети дека овој член е избришан од правниот поредок и дека не може да воскресне!

Членот 11 беше „жив“ сѐ до 2009 година, кога беа донесени законски измени со кои беше избришан. Измените на Законот беа направени по барање на тогашната влада раководена од ВМРО-ДПМНЕ, која тврдеше дека членот 11 му овозможувал на претседателот да се меша во судската власт, бидејќи на тој начин Бранко Црвенковски го спаси Зоран Заев од кривичен прогон, а за време на аферата „Големото уво“ во 2001 Борис Трајковски ја аболираше Доста Димовска. Идејата беше претседателите во иднина да не го користат овој член за спасување на свои партиски приврзаници или друг вид соработници.

Членот 11 седум години беше „мртов“, дури и заборавен, но неочекувано на сцената се појави Уставниот суд за да му го подготви теренот на Иванов и од нигде-никаде ги укина измените на Законот од 2009 година. Само еден месец подоцна, Иванов и неговите политички партнери протолкуваа дека Уставниот суд со оваа одлука го воскреснал членот 11 и старото законско решение е вратено во сила.

Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, и уште многу други, сметаа дека аболицијата нема правна сила, односно е непостоечка.

Тој вели дека помилувањата се мртви уште пред да се родат, односно тие се непостоечки од моментот на нивното потпишување.

„Помилувањата се ништовни и како такви не произведуваат правни последици кон никого бидејќи се засновани на непостоечка законска норма. Тие се виртуелни, па не обврзуваат никого, ниту сега ниту во иднина“, појаснува Шкариќ.

Професорот додава дека ништовна норма е еднаква на непостоечка норма, која се смета како да не е донесена.

„Против таква ништовност нема правен лек, ниту во Македонија ниту каде било во светот уште од римското право. Ако некоја норма се роди ’грбава‘, тогаш грбавоста засекогаш останува како факт“, потенцира професорот, кој додава дека еднаш укинат член може да го врати само законодавниот дом, бидејќи Уставниот суд нема моќ да нормира.

Тој потсетува дека Уставниот суд во 2012 година донесе решение за отфрлање на иницијативата поднесена од Движењето за социјална правда „Ленка“ за враќање во сила на избришаните одредби од Законот за вработување, со образложение дека „Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи со враќање во сила на оние кои повеќе не се во правниот поредок“.

„Уставниот суд намерно го заборави ова решение, со цел да му го расчисти патот на Иванов и да му овозможи да се потпре врз членот 11 од Законот за помилување, создавајќи привид дека наведениот член одново се враќа во живот“, потсетува професорот во разговорот за ова истражување.

Но Шкариќ додава дека во овој привид на тимот на Иванов му се приклучило и Собранието со додавање нов член, накалемен на веќе спорниот член 11.

По еден месец голем притисок на домашната и меѓународната јавност, претседателот Иванов повторно се јави во јавноста за да соопшти дека ја повлекува дадената аболиција. За многумина денес изгледа дека овој потег бил мудро предвиден.

Дополнувањето на Законот, со член 11-а беше изгласано на 19 мај 2016 година по скратена постапка, на барање на пратениците Илија Димовски и Талат Џафери, со образложение Иванов да може ја поништи аболицијата во рок од 30 дена.

Дали тоа беше пораз или скриена победа на Иванов би требало да се знае по одлуката на Судот во Стразбур, но јасно е дека со оваа одлука аболицијата влезе во правен галиматијас.

ИЛИЕВСКИ: ВЛАДАТА КУПУВА ВРЕМЕ

Подносителот на апликациите, адвокатот Илиевски, кој е сопруг на една од засегнатите, ексминистерката Јанкулоска, вели дека очекувал наскоро Судот да донесе одлука, но рокот е пролонгиран по барање на Владата.

„Владата се обиде на сите можни начини да го одолговлече процесот. Првично имаа рок од три месеци да се спогодат со нас, но тие не покажаа волја за такво нешто. Токму последниот ден од истекот на рокот го известија Судот дека не сакаат спогодба. Зошто тогаш чекаа дo последниот ден? Веројатно да купат дополнително време“, вели Илиевски.

Според него, Владата побарала пролонгирање на рокот за три месеци на оние три што ѝ биле дадени.

Владата наводно се повикала на ситуацијата со Ковид-19, известувајќи го Судот дека морале да ги променат своите работни ангажмани што имало влијание врз достапноста на членовите на тимот и нормалниот начин на работа. Потоа, дека пандемијата значително влијаела врз работата на домашните судови и, конечно, затоа што апликациите се однесуваат на многу сложен и уникатен пакет-факти за кои е потребна длабинска анализа.

„Тоа не е точно“, тврди Илиевски.

Со продолжувањето на рокот Владата има време до средината на јуни да одговори на наводите во жалбите, а пресудата би се очекувала најрано кон крајот на годината.

Илиевски смета дека Владата сака да поминат локалните избори, а дури потоа, како што тврди, „да се соочи со одлуката на Меѓународниот суд за човекови права дека аболицијата е важечка“.

Еден од неговите главни аргументи е дека и СЈО и Кривичниот суд веќе донеле одлуки и решенија кои им одат во полза.

„Има одлука на СЈО да се прекине гонењето додека не се поништи помилувањето. Во тој период не презедоа никакви дејствија. Исто така, Кривичниот суд во 2016 година ја запре и кривичната постапка за ’Пуч‘, токму заради аболицијата“, убеден е адвокатот.

Уставниот суд уште еднаш се вклучи во овој случај. Во 2018 година ја отфрли иницијативата за оцена на уставноста на член 11, но не со образложение дека членот не постои, туку дека веќе одлучувале за истата работа во 1999 година, кога исто така не повеле постапка. Адвокатот Илиевски вели дека Уставниот суд на овој начин го отворил патот за аболираните.

Пред неколку месеци повторно се огласи Уставниот суд. Оценувајќи ја уставноста на членот 11-а, односно на повлекувањето на аболицијата, судите се одлучија за „најбезболната“ варијанта за нив, односно со запирање на постапката за оценување на уставноста. Образложението е дека примената на членот била исцрпена, поради рокот од 30 дена, поради што повеќе не може да произведе правно дејство.

Ваквата одлука е донесена со мнозинство гласови, а „за“ гласал и претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати. Својот глас тој го поткрепува и со издвоено мислење во кое дава детален осврт на аболицијата на Иванов, која според него во старт била ништовна. Мурати се осврнува и на одлуката на Уставниот суд од 2016 година, за која вели дека не треба да се толкува дека „го вратила“ членот 11 во правниот промет.

„Ова е од проста причина што бришењето на овој член влегло во сила 2009 година и во истиот момент произвело правно дејство кое трае сѐ до денес, на што не може да има никакво влијание укинувачка одлука на Судот, која пак има правно дејство од моментот на влегување во сила, па во иднина. Според тоа, логично се наметнува единствениот можен заклучок: не постоел правен основ за донесување на одлуките за аболиција од април 2016 година на претседателот и како такви тие не можат да произведуваат никакво правно дејство“, дециден е Мурати.

Тој додава дека и покрај тоа што Собранието додало нов член 11-а, тоа не значи дека, со можноста за поништување, претходните одлуки за аболиција добиле правен легитимитет.

„Уште во Рим била позната правната изрека: ’Она што не чини уште на почетокот, не може да се оснажи со текот на времето‘. Тоа е случајот и со овој Закон, кој не може да конвалидира и легитимира акти што се донесени без правен основ“, вели Мурати.

ШТО ЌЕ ОДГОВОРИ ВЛАДАТА?

Сосем веројатно е дека Министерството за правда во својот одговор до Европскиот суд за човекови права ќе се повика на мислењето на претседателот на Уставниот суд. Во таа насока беше и мислењето од Владата, која заклучи дека членот 11 не е дел од правниот систем.

„Со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година се укина членот 11 од Законот од 1993 година. Одлуката на Уставниот суд го укина Законот од 2009 година, но со укинување не се враќа во сила одредбата од членот 11“, се вели во мислењето на Владата.

Од Владата признаваат дека со укинувањето на одредбата се создала правна празнина, но во нашиот Устав не е регулирано како таа да се пополни. Ваквото прашање било решено во уставите на некои држави, но не и во нашиот Устав.

Од Владата побараа автентично толкување од Собранието, а од таму, пак, одговорија дека барањето за давање автентично толкување на овој член не е оправдано.

„Членот 11 не е дел од правниот систем, што значи дека не може да се применува, па според тоа нa член од закон којшто не постои не може да се даде автентично толкување“, одговори Собранието.

Министерот Бојан Маричиќ засега не ја открива стратегијата на државата. Доброупатени извори ни појаснуваат дека Владата не треба да го убедува судот за ликот и делото на поранешниот претседател Иванов, туку да докажуваат дека аболицијата од старт била ништовна.

Овие извори велат дека одлуката на судот ќе зависи директно од одговорите на прашањата кои им ги испратија на македонските власти.

– Дали одлуките за помилување на претседателот на државата од 12 април 2016 година беа неотповикливи?

– Дали одлуките за отповикување се засновани на член 11-а и дали биле компатибилни со принципите на владеење на закон и на правната сигурност?

– Дали помилувањето било од индивидуализиран карактер, чија цел биле конкретни лица?

– Дали е дозволено кривичното гонење на апликантите во врска со наводниот криминал за кој биле помилувани и за кои е отповикано помилувањето?

– Дали постои повреда на член 6 од Конвенцијата во врска со кривичните постапки кои се во тек за апликантите во врска со наводниот криминал за кои се помилувани и за кои е отповикано помилувањето?

Правните експерти кои ги консултиравме, предупредуваат дека државата треба сериозно да ја сфати ситуацијата и да направи процена каде може да поентира, а каде може да изгуби.

„Еднаш дадена аболиција не може да се повлече. Не може да се очекува Судот во Стразбур да навлегува во тоа како претседателот ја дал аболицијата. Доколку не почитувал закон и устав, требало кривично да одговара, но последица за тоа не може да сносат оние кои ги аболирал. Тоа е на рамниште кога не може да се поништи правосилна ослободителна пресуда. Врховниот суд може ќе утврди дека судиите незаконски постапувале, но тоа значи дека се отвора простор за кривична одговорност на судиите, но ослободените обвинети остануваат на слобода. Тоа е правната сигурност“, вели нашиот соговорник за ова истражување, кој претпочиташе да остане анонимен. Тој додава дека треба да се потенцираат фалинките во самата аболиција. Односно дека аболицијата не е општ, туку индивидуален акт.

Од кривично-правен аспект, според Уставот, чинот на давање милост може да биде со амнестија или со помилување. Амнестијата е општ акт, кој го носи исклучиво Собранието во форма на закон и тогаш може да стане збор за поголема група, односно за колективна амнестија. Тоа е ексклузивно право на Собранието, а претседателот може да даде помилување, што е акт предвиден за поединечни случаи како корекција на правдата во специфични и оправдани случаи.

Или што би рекол Уставниот суд: „Помилувањето е поврзано со индивидуализација на сторителите на кривичните дела, а не со општо набројување на кривичните дела кои се елиминираат од помилувањето, бидејќи општоста е елемент на амнестија а не на помилувањето“.

Според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, државата би требало да се обиде да го убеди судот дека ова не се ситни и изолирани случаи на злоупотреби, туку дека се работело за сериозна и организирана злоупотреба на власта со масовно кршење на човековите права, констатирани во низа извештаи на домашни и странски институции и организации, меѓународни, владини и невладини.

„Се чини дека досега ваков случај како нашиот (случај на т.н. ’заробена држава‘, односно политичката елита како организирано злосторничко здружување) не е тестиран пред меѓународните судови, што секако ќе ја отежнува одбраната на нашата влада и агентот“, вели Калајџиев.

Професорот смета дека на државата не ѝ оди во прилог и тоа што ова прашање дома постојано беше туркано под тепих.

„Подобро ќе беше нашите судови кои одлучуваа по ова прашање (на пример, по повод приговорите против обвиненијата) да изнесеа некаква аргументирана правна аргументација во оваа смисла, наместо проблемот да го решат така што ќе го стават под тепих. Полесно ќе беше и ако повлекувањето на помилувањата беше проследено со каква било правна (или барем политичка) квалификација на помилувањето како неуставно и незаконито, односно како умислена злоупотреба на службените овластувања на претседателот на државата“, вели Калајџиев.

Тој додава и дека отежнувачка околност е што против Иванов никогаш не беше побарана кривична одговорност.

СЛИЧНОСТИ И РАЗЛИКИ СО СЛУЧАЈОТ „ЛЕКСА ПРОТИВ СЛОВАЧКА“

Од поднесените апликации може да се види дека адвокатот на обвинетите ексфункционери се повикува на пресудата донесена од Европскиот суд за човекови права во случајот „Лекса против Словачка“.

Иван Лекса беше озлогласен шеф на тајната полиција во време на авторитарниот премиер на Словачка, Владимир Мечијар, во првите години од осамостојувањето на државата. Додека тој беше директор се случија големи криминали поврзани со тајната служба, како грабнување на синот на претседателот на државата и негово тајно исфрлање во Австрија и атентатот на еден висок безбедносен офицер. Кратко време пред изборите во 1998 година, Мечијар го амнестираше Лекса. Новото парламентарно мнозинство во 1998 година ја повлече аболицијата, Лекса беше уапсен, помина три месеци во затвор и по излегувањето побегна во Јужноафриканската Република, каде со помош на Интерпол беше уапсен и екстрадиран во 2002 година во Словачка. Словачките судови првично го гонат, а потоа запираат, бидејќи заклучуваат дека немало основ за повлекување на помилувањето.

Иако кривичниот прогон бил запрен, сепак Лекса поднесува тужба до Судот во Стразбур, за тоа што воопшто бил гонет во одреден период по неговото помилување и Судот пресудил во негова корист.

Судот во Стразбур во оваа пресуда детално го проучува проблемот на повлекувањето на амнестијата од аспект на човековите права, заклучувајќи дека во случајот тоа претставува повреда на Европската конвенција за човековите права. Критична била околноста дека помилувањето било законито, а повлекувањето воопшто не било предвидено со Уставот на Словачка.

Оваа одлука, како и сите останати донесени од Судот во Стразбур, создаваат обврска за сите земји членки на Советот на Европа, во идентична ситуација да ја следат практиката од Судот за човекови права.

Но во Словачка со оваа пресуда не заврши случајот на Иван Лекса. Собранието на Словачка ја укина амнестијата на Мечијар и беше отворена вратата за продолжување на процесот на грабнатиот син на претседателот против Иван Лекса.

Иако навидум има сличности, сепак овој случај се разликува од македонскиот. Пресудата на Судот во Стразбур за Лекса е последица на незаконитоста на повлекувањето на помилувањето, додека во Македонија проблемот е во законитоста на самото помилување. Исто така, Лекса бил само еден, а кај нас се помилувани 56 лица, што всушност е амнестија, а според Уставот претседателот не е овластен за тоа, бидејќи тоа е право на Собранието. Помилувањето, на кое има право претседателот, пак е корекција на правдата во поединечни случаи.

Не треба ниту да се заборави дека Врховниот суд во Грција ја аминуваше аболицијата на Иванов. Повикувајќи се на неа во 2018 година, Врховниот суд донесе одлука грчките власти да не ги испорачаат бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, двајцата високи оперативци во УБК.

Тогаш грчките судии пред себе имаа само еден дел од приказната, бидејќи македонските власти не се ни обидоа да ја докажат ништовноста.

Адвокатот Александар Тортевски се обидува да му даде политички контекст на целиот случај и вели доколку аболицијата помине во Стразбур, тоа нема да ѝ нанесе сериозен удар на сегашната владејачка гарнитура.

„Кога Владата не падна поради тоа што немаше вакцини, нема ниту да падне доколу Судот во Стразбур ја озакони аболицијата. Ќе се правдаат дека домашните судови почнале да ја испорачуваат правдата, а вината за спасот на ексфункционерите ќе му ја префрлат на Иванов, па така сите ќе бидат среќни и задоволни“, вели Тортевски.

ДЕЛ ОД СЛУЧАИТЕ ВО СЕКОЈ СЛУЧАЈ ЌЕ ПРЕЖИВЕАТ

Бегалецот Груевски добил седум решенија потпишани од Иванов, кои половично ќе му завршат работа доколу Стразбур одлучи во негова полза.

Но ова не значи дека Груевски во таков случај веднаш би се вратил во земјава, бидејќи ќе треба да влезе зад решетки и да одлежи ефективна казна од две години за набавката на луксузниот мерцедес од 590.000 евра, односно за случајот „Тенк“. Овој случај не е опфатен со аболицијата.

За предметот „Титаник“, или за изборните нерегуларности на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски се гони за три кривични дела, но и да помине аболицијата со сигурност би продолжило да му се суди барем за едно дело кое не е опфатено со решенијата. Исто така поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не би се спасил ниту од судењето за „Талир“ и „Талир 2“, за кои немаше аболиција.

Сепак, Груевски би куртулил од случајот „Насилството во Центар“, за кое беше осуден на една и пол година затвор.

Позитивна одлука на Стразбур не би ја спасило ниту Јанкулоска за случајот „Тенк“, за кој одлежува 4-годишна затворска казна, бидејќи кога Иванов ја раздаваше аболицијата, овој предмет сѐ уште не постоеше. Во 13-те решенија се нуди спас за десетина кривични дела. По направениот увид ќе престане да ѝ се суди за случајот „Титаник“, во кој е обвинета за четири крвични дела, а ќе се спаси и од 4-годишната казна за случајот „Таргет-Тврдина“, бидејќи е аболирана за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Рекордерот по дадени аболиции е Јанакиески, односно Иванов му потпишал дури 16 решенија, но против него се водат најмногу предмети во Кривичниот суд. Со позитивна одлука од Стразбур за аболицијата нема да завршат неговите правосудни маки. И понатаму би продолжило да му се суди за „Траекторија“, а половично би се спасил од предметите „Титаник“ и „ТНТ“.

Од многубројните решенија не може да се заклучи дека во случајот претседателот го искористил помилувањето како инструмент за корекција на правдата, туку дека тие му биле инструмент на политичка моќ и мешање во правосудниот систем.

Токму затоа професорот Шкариќ заклучува дека причините за апсолутна ништовност треба да се бараат и во сферата на моралот.

„Одлуките и решенијата за аболиција се донесени, не поради грижата за правдата и правната држава, туку заради заштита на криминалот на високопозиционирани лица во јавната сфера. Во таков контекст, аболицијата е морално неодржлива. А моралот бил отсекогаш основа на правото и ќе биде тоа и во иднина, инаку не би можел да опстане како цивилизациска вредност“, вели професорот Шкариќ.

Аболициите не беа прв случај експретседателот Ѓорге Иванов да даде, па да повлече помилување. Тој се стори пишман аџија само неколку месеци откако се смести во претседателската вила на Водно. Во летото 2009 година, меѓу шеесетината помилувани затвореници, се најде и името на Ламбе Арнаудов, поранешниот директор на ЕСМ, за време на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ. 

Арнаудов издржуваше 4-годишна затворска казна, а според одлуката објавена во „Службен весник“, казната му беше намалена за 10 месеци. По само еден ден, шефот на државата ја повлече одлуката за помилување, објаснувајќи дека била направена грешка. Иванов тогаш се правдаше дека во „Службен весник“ била објавена листата за консултации, а не конечната листа на целосно или делумно помилувани.

„Грешката е констатирана, ја признаваме и таа ќе се исправи со објавувањето на новата одлука во ’Службен весник‘. Дојде до одредено отсуство на комуникација, бидејќи во летниот период дел од Кабинетот е во Охрид, а дел во Скопје. Јас им се извинувам на македонските граѓани што направивме ваков технички пропуст“, изјави тогаш Иванов.

Арнаудов тогаш изјави дека не му се лути на претседателот и дека нема да поднесе жалба, а очекувано, ниедна институција не се повика за надлежна да ја разгледа одговорноста на претседателот.

Сторијата е изработена во рамки на проектот: „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.

Содржината е единствена одговорност на авторот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општествоМакедонија“.

Поврзани новости