Советниците од ВМРО-ДПМНЕ потпишале нови свечени изјави со уставното име, но оние од Левица се уште одбиваат да го направат тоа, велат за Фокус од Инспекторатот за локална самоуправа, кој постапуваше откако овие советници после локалните избори во Скопје, Кисела Вода, Аеродром, Штип и други општини потпишаа заклетви со поранешното уставно име, во знак на протест против новото уставно име.
–По изречените опомени, советниците на Левица не се потпишаа на тој начин што целосно ја пречкртуваат „Северна“, туку едноставно со дел од нивниот потпис го покриваат зборот, веројатно со цел да се остави простор за толкување дали вака потпишаните изјави се валидни или не – објаснуваат од Инспекторатот.
Во однос на оваа ситуација, во изминатиов период првиот човек на Инспекторатот за локална самоуправа Африм Ќоку остварил координации со министерот за локална самоуправа Горан Милевски, кој смета дека овој процес околу свечените изјави на дел од советниците мора да се истера до крај.
–Иако во Законот за локална самоуправа се уште стои Република Македонија, Уставниот суд веќе одлучи дека свечените изјави треба да се потпишат со уставното име, а Управниот суд одлучи дека Инспекторатот е надлежен за постапување. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ веќе потпишаа изјави со уставното име, но од Левица се уште не – ни изјави Милевски.
Тој посочува дека сега се чека одлука од Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, од каде, пак, добивме известување дека до нив, како надлежна воростепена комисија во случајов, првично биле доставени 5 жалби од страна на градоначалници и совети.
„Сите 5 жалби се уважени, првостепените решенија се поништени и предметите се вратени на повторна постапка пред првостепениот орган поради сторени повреди на постапката, односно повреда на одредбите од Законот за инспекциски надзор“, велат од Второстепената комисија, додавајќи дека во моментов се постапува во однос на 2 жалби кон новите решенија на Инспекторатот.
Од Министерството за локална самоуправа и од надлежниот инспекторат истакнуваат дека, без оглед на епилогот, не може да се оспорат мандатите на советниците, но, предупредуваат од таму, може да се преиспита нивното одлучување и воедно да им се одземе правото на глас во иднина.
–На крајот, може да дојде до ситуација да се поништат одлуки донесени со помош на гласовите на советниците што потпишале несоодветна изјава, а може да се одземе нивното право на гласање, што значи дека онаму каде мнозинството го прави Левица практично ќе нема мнозинство – коментираат од таму.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски