Дали со воена неутралност на Украина, ќе запре „Маршот на глупоста“?

by Fokus

Што ако е вистина дека најдобрата политика за запирање на војната за зачувување на територијалниот интегритет на Украина е прифаќање на воена неутралност од нејзина страна и почитување на мултиетничноста во општеството?

 

Пишува Ѓорѓи СПАСОВ

 

Лесно е денес да бидиш во хорот на оние што го осудуваат Путин за нападот врз Украина. Секој нормален човек ќе каже дека воениот напад врз независна држава со цел „таа да се денацифицира и демилитаризира„ е крајно бесмислено оправдување за отворена агресија, колку и во него да е содржан „страв„ на агресорот по сопствената безбедност.

Денес дури и Талибанците кои се вратија на власт во Авганистан, објавија дека внимателно ја следат ситуацијата меѓу Русија и Украина и дека се загрижени за можните цивилни жртви.

Светот јавно размислува и дава идеи како да биде прекината војната и како таа да заврши со што помалку жртви и разурнувања.

Претседателот на Русија Владимир Путин се споредува со Хитлер во моментот кога ја нападнал Чехословачка, но се уште никој не предвидува дека ќе заврши како Хитлер, бидејќи за такво нешто светот треба да влезе во војна со Русија и таа да биде војнички поразена.

Скапа авантура

Путин се нарекува и новиот Слободан Милошевиќ кој со убиства на цивили во Украина веќе може да биде обвинет за воени злосторства и да заврши, по промена на власта во неговата земја, на судот во Хаг.

А во некои анализи тој се споредува со Садам Хусеин кој во 1990 година воено го нападнал и освоил Кувајт, но по 13 години санкции против неговата држава, врз неа бил извршен напад и тој беше заробен, осуден и обесен во 2006 година.

Сега изгледа е премногу рано или премногу доцна да се размислува на темата за тоа што го доведе претседателот на Русија до точката во која тој отворено влегува во скапа воена авантура.

Таа авантура е предизвикана сосема очигледно од голем страв издигнат до ниво на параноја, дека може неговата Русија да биде избришана од земјината карта со приближувањето на НАТО до границите и особено со можноста, членка на НАТО сојузот, кој тој не го смета за одбранбен, да стане соседната Украина.

Дали е тоа само пропагандната матрица на Путин што тој ја користи за напад на Украина и за остварување на своите „империјални соништа“ или има вина за тоа негово однесување и во некој друг, е прашање на кое исто така се обидуваат да одговорат некои аналитичари во светот.

„Понижувачки договор“

Оние што го споредуваат неговото однесување со Хитлер, ќе споменат дека можеби историјата на Германија пред Втората светска војна и на светот ќе беше поинаква ако на Германија по поразот во Првата светска војна не и беше наметнат „ограбувачки мировен договор“, како што ќе го нарече Хитлер Договорот од Версај.

Со тој договор од 1919 година, Германија е прогласена за виновна и задолжена да им плати на победниците Франција, Англија и САД 132 милијарди германски марки за репарации (денешни 400 милијарди долари).

Под притисокот на тој долг, во Германија расте незадоволството и револтот на граѓаните од својата влада, а Хитлер тој „понижувачки договор“ го користи како клучна алатка во пропагандата од потребата за воздигнување на нацијата, враќањето на националната гордост и за сериозно наоружување и политичка одмазда.

Хитлер во своето дело „Мојата борба„ пишува: „Во 1919 година, кога на германскиот народ му го натрапија ограбувачкиот мировен договор, можевме да се надеваме дека токму тој ропски договор ќе извлече од градите на цела германска нација извик на протест и барање за слобода“…

Договорот од Версај

Користејќи сличен речник што денес го слушаме од Русија, тој во истото дело вели: „Ние треба да го научиме нашиот народ да не се занимава со неважни работи и да се концентрира на главното, никогаш да не заборава дека нашата најголема цел е борбата за голо постоење на нашиот народ и дека нашиот единствен противник е онаа држава која не лишува од правото на постоење“.

Без договорот од Версај, смета професорот Карл Лудвиг Холтфририх од Слободниот универзитет во Берлин, насоката на германската историја веројатно ќе беше сосема поинаква.

И тоа беше лекцијата што ја извлекоа Американците по Втората светска војна, вели тој, по која тие се залагаа за воспоставување на нов светски поредок во кој немаше место за наметнување репарации.

Германија прифати да ги отплати долгот наметнат со Версајскиот договор по Првата светска војна, и последната рата беше исплатена дури по обединувањето во 2010 година односно дури по 92 години од завршувањето на Првата светска војна.

Русија не беше поразена во Втората светска војна. Нејзе не и бил наметнат неправеден договор кој би предизвикал гнев сличен на оној во Германија по Првата светска војна.

Будалеста решителност

Но, факт е дека таа, по завршувањето на Студената војна, се согласи да го распушти воениот сојуз познат како Варшавски договор, се согласи да бидат обединети Источна и Западна Германија, ја прифати без противење незвисноста на низа републики кои порано беа дел од Советскиот Сојуз и можеби очекуваше или веруваше во ветувањето дека НАТО нема да се шири со земји блиску до границата на Русија. 

Австралискиот универзитетски професор и поранешен австралиски амбасадор во Полска и во Камбоџа, Тони Кевин, деновиве потсетува на книгата од Барбара Тухман, „Маршот на глупоста“ – во која таа вели „интелигентни влади често дејствуваат глупаво и спротивно на нивниот најдобар интерес“.

А тој таа теза ја илустрира, не само преку политиката на Русија, туку преку политиките на Вашингтон и Киев.

Според него, „Русија и Украина можеа да ги средат односите како САД и Канада ама некому му одговараше да флертува со украинските нацисти за Украина да биде монокултурна, милитаризирана и трајно непријателска кон Русија.

Макрон и Шолц – вели тој , бараа излез но не можеа да ја спречат будалестата решителност на Вашингтон и Киев да се испровоцира руската мечка“.

„Факт е, објаснува Кевин, дека во текот на годините Путин во многу говори го признаваше целосниот украински суверенитет после распадот на поранешниот Советски Сојуз во 1991 година, авторитарна држава во која украинските комунисти имаа главни лидерски улоги.

Предлогот на Кисинџер

Путин упорно бараше две работи од Украина. Прво, пристојни добрососедски односи засновани на меѓусебно почитување и взаемна безбедност, како меѓу САД и Канада.

И второ, како и во Канада, почитувањето на целосните човекови права на бројните „Француски Канаѓани“ во Украина – 50 отсто плус од Украинците кои споделуваат руски мајчин јазик и култура.

Важно беше тоа да го вклучува правото на учество во формирањето на националните безбедносни политики и приоритети на Украина.

Но, САД, најмалку од 2013 година, ги користат украинските нацисти, а има многу такви, како ударна сила на решителноста Украина да стане монокултурна, милитаризирана и трајно непријателска кон Русија.

По окупацијата на Крим во 2014 година од страна на Русија и прогласувањето на независност од страна на Луганската и Доњецката народна република, Хенри Кисинџер напиша дека најдобар начин за зачувување на територијалниот интегритет на Укараина па и враќање на Крим во нејзиниот состав, заради нејзината мултиетничност и историска поврзаност со Русија, е таа да не биде членка на НАТО, да има меѓународен статус на Финска и да биде мост меѓу Истокот и Западот. Но него веќе никој не го слушаше.

Последните случувања во Украина, вели австралискиот амбасадор Кевин, ќе имаат негативни последици и за Истокот и за Западот. Францускиот и германскиот суверенитет веднаш ќе претрпат.

Тие ќе бидат вовлечени назад во хегемонијата на сојузот со САД. Овие две големи држави сега ќе бидат, иако неволно, поцврсто приковани за воените операции на НАТО предводени од САД.

Новата Студена војна

Сега е тешко да се види отворањето на гасоводот Северен Поток, што ќе биде голема економска и хуманитарна загуба за Европа. Ќе има поголем интензитет на санкции, што ќе им наштети на двете страни економски, и ќе има огромно назадување генерално. Новата Студена војна се зацврстува.

Ова не мораше да биде исход од кој сите губат, заклучува тој. Канадско решение беше можно, доколку имаше мала добра волја од Киев: федерална украинска држава со вистински права на суверенитет за руските Украинци, вклучително и збор во креирањето на надворешната политика на Украина.

Сега е веројатно доцна за анализи од видот што можеше да биде ако не се случеше војната. Но, никогаш не е доцна да се согледа можеше ли да биде поинаку и може ли после се да биде поинаку.

Што ако е вистина дека најдобрата политика за запирање на војната за зачувување на територијалниот интегритет на Украина е прифаќање на воена неутралност од нејзина страна и почитување на мултиетничноста во општеството? 

Што ако наместо испраќањето на се поголеми количини оружје во Украина за да продолжат да се убиваат со Русите се испрати еден совет таа да прифати меѓународен статус каков што има една Финска?

Што ако Зеленски, Порошенко и Тимошенко наместо оружјето со кое се фотографираат за да го демонстрираат својат патриотизам не седнат заедно и не разгледаат и друга можност за запирање на војната и зачувување на слободата.Или тоа би било сметано веќе за предавство и прифаќање на уцена.

Воени труби

Ако Украина сама избере воена неутралност, дури и сега, зошто тоа би се сметало за ограничување на „слободата на секоја земја сама да одлучува дали сака да биде членка на НАТО и спротивно на принципот на НАТО, како одбранбен сојуз, да биде отворен за прием на секоја држава што сака да му се приклучи“.

И зарем не беше политика на НАТО да не прима во свое членство земји кои имаат спорови со соседите додека не ги решат, како што тоа беше услов за Македонија? Зошто Украина би била исклучок од тоа правило, и постојано се повторува само политиката на отворени врати?

Зеленски, всушност, веќе изјавува дека е подготвен за се да разговара со Русија па дури и за воена неутралност, но тоа некако се избегнува или оневозможува од некого.

Зарем не е можно со еден таков договор под итно да се запре „Маршот на глупоста“ на сите страни.

Може ли да извлечеме поука од Првата светска Војна, па и од Втората, за да не дојде до Трета. За жал, аргументите веќе не се слушаат кога ќе почнат да пукаат топовите. И затоа е добро да се слушаат барем таму кај што уште не се заглушени од воените труби.

Или, сите ќе продолжиме да разговараме како глув со нем!

Агресорот никогаш не треба да биде награден. Но, ако постојат методи и политики тој да биди припитомен и да се избегнат жртви, тоа може да го спаси светот од нови војни и поделби, па и од опасноста за сопствено самоуништување.

Поврзани новости