Инвеститорите си бегаат од Република Македонија, а пример за тоа е изведувачот од шпанската компанија „Рубау“, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Тие се спакуваа, ја напуштија и ја тужат Македонија за десетици милиони евра оштета“, велат од ДПМНЕ.
Инаку, оваа шпанска компанија во 2015 година го доби бизнисот за изградба на една од трите делници од експресниот пат Прилеп-Градско (Фариш-Дреново) во вредност од триесетина милиони евра, меѓутоа сега го раскина договорот со ЈП за државни патишта бидејќи не им била исплатена последната фактура.
Од друга страна, пак, ЈПДП ја активира банкарската гаранција од 7,7 милиони евра, откако компанијата не доставила програма за работа со каква динамика ќе ги изведува активностите и го напуштила градилиштето.
Досега, шпанската компанија реализирала само 35 отсто од делницата, а по раскинување на договорот бара оштета од 10 милиони евра, за што ќе се решава на арбитража во Загреб.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски деновиве рече дека не стравува од негативен епилог на арбитражата, бидејќи сите аргументи се на македонската страна.
Во однос на тоа, адвокатот Александар Тортевски преку твитер упати прашање колку пари добила Рубау и колку префрлила во Шпанија и на сомнителни фирми, без да направи ништо?