Јавниот оглас за избор на директор на Јавната установа Зоолошка градина на Град Скопје, на кој единствен пријавен е Ѓорги Галетановски, поранешен директор на установата, не е поништен, дознава ,,Фокус” од извори од Град Скопје.
Кандидатурата на Галетановски ,,висеше” во воздух, откако минатата недела јавноста дозна дека Управниот одбор на ЗОО Скопје останал без два члена, бидејќи во меѓувреме истите биле назначени на директорски позиции во јавни установи.
Како што тогаш за ,,Фокус” појасни сегашниот директор на Зоолошката, Зоран Попов, тоа значело дека ќе треба да се изберат нови членови на одборот, јавниот оглас да биде поништен, па потоа откако УО ќе има кворум, да се објави нов оглас за директорска функција.
Но, според последните информации, огласот кој го распиша Арсовска, не е поништен.
Со тоа, се отвора прашањето дали до градоначалничката на Град Скопје допреле бројните јавни реакции, како на обичните граѓани, така и на многу јавни личности, кои отворено преку социјалните мрежи, но и преку медиуми, му дадоа отворена поддршка на Галетановски, во чиј мандат Градината бележеше голем напредок, рекордна посетеност, и стана пример за позитивно работење.
Како потсетување, Галетановски поднесе оставка од директорската функција во времето кога Арсовска беше избрана за градоначалничка.
Тогаш ни изјави дека се обидел да оствари средба со неа, за да разговараат за плановите и проектите во Градината, но не бил примен на разговор, по што сфатил дека доаѓаат неизвесни времиња за Зоолошката.
Набргу потоа, во Градината се случи кланица на коњи, кои тогашниот директор Христијан Стаменов планирал да завршат како храна за месојадните животни, а откако скандалот изби во јавност и Стаменов беше разрешен од функцијата, стана актуелно јавното прашање – Згреши ли Арсовска што дозволи Галетановски да си замине од ЗОО Скопје?
По низата на негативни случувања во Градината, кои се нижеа изминатите години, откако се сменија тројца директори, како што се изгубениот кандидатски статус во ЕАЗА, угинување на голем број на заштитени видови на животни, но и убиството, односно труењето на трите пржевалски коњи со силен отров, кое се уште не е расчистено и не е пронајден сторителот, во јавноста повторно е актуелно прашањето – Ќе попушти ли Арсовска пред јавниот притисок и ќе добие ли Галетановски шанса да го исполни ветувањето – Да ја направи Градината установа која ќе биде гордост на Македонија?
Вики Клинчарова