Во пакет со разработување на кривични дела од областа на екологијата и животната средина, Владата до Собранието предлага измени и на кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злосторничко здружување“.
Како што веќе објави „Фокус“, членовите на собраниската Комисија за европски прашања добиле известување дека денес попладне се закажува комисиска седница, на која на дневен ред ќе биде владин предлог за измена на Кривичниот законик.
Итнo свикана собраниска комисија, се туркаат измени на Кривичниот законик со „европско знаме“!
Имено, една од најбитните промени се однесува на членот 353 за делото „Злоуотреба на службена положба и овластување“, кој во сегашното законско решение гласи:
(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет мгодини.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.“
Притоа, се предвидува промена во ставот 3, каде се предвидува дека сторителот ќе се казни со казна затвор од една од 4 години, што значи дека се воведува горна граница, од која се пресметува застареност.
Во актуелното законско решение, нема горна граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку 3 години, што значи дека горната граница се поставува на 20 години.
Во делот на злосторничко здружување, пак, членот 394, став 1 сега предвидува: „Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од една до десет години“.
Со предложените законски измени, пак, се предвидува дека пропишаната санкција до 10 години се намалува на до 3 години, а санкцијата пропишана до 5 години во ставот 2 се намалува на до 2 години.
За време на кусата расправа на собраниската комисија, реагирал пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој обвинил дека преку овие законски измени се турка амнестија на сторители на кривични дела од редовите на актуелната власт.
Тој посочил дека на срамен и шверцерски начин се вршат измени на Кривичниот законик преку злоупотреба на европското знаме, со цел, според него, да се обезбеди идна амнестија за актуелни функционери.
Патем, тој истакнал дека со предложените измени владини функционери, кои дошле со паролата „нема правда нема мир“, но сториле кривични дела во 2017-2018 година, веќе може да сметаат на застареност.
–Власта се надева дека избори ќе се случат најдоцна што може и се надеваат дека кривичните дела ќе застарат – рекол Николовски, порачувајќи дека, сепак, новата влада ќе најде правни механизми за да обезбеди одговорност.
Инаку, во образложението на законските измени, покрај останатото, владата навела дека целта е усогласување на Кривичниот законик со меѓународните документи, како и дека предлогот на законот се заснова врз истите начела врз кои се заснова Кривичниот законик.
„Веќе подолг временски период се изготвува новиот Кривичен законик. Во него посебно внимание е посветено на усогласувањето со меѓународните стандарди, а посебно со актите на Европската Унија“, навела Владата.
Со оглед дека се работи за обемен и сложен процес, додаваат од таму, постапката за негово донесување и примена ќе трае подолг временски период, заради потребата за усогласување и донесување на повеќе поврзани и зависни закони со Кривичниот законик.
Влатко Стојановски