На вчерашното гласање, ВМРО-ДПМНЕ со право се прогласи за победник што се однесува до Скопје, бидејќи нивните кандидати за градоначалници победија во првиот круг во неколку општини, во други општини влегуваат како фаворити, па дури имаат и реални шанси за пресврт во општини што традиционално важат за поблиски до СДСМ.
Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во Гази Баба во првиот круг, каде Бобан Стевковски освои 17.880 гласови, а актуелниот градоначалник Борис Георгиевски од СДСМ двојно помалку, или 8.766 гласови.
Исто така, ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи и во Аеродром, каде опозицискиот кандидат Тимчо Муцунски освои 14.770 гласови, а кандидатот на СДСМ Александар Филиповски освои 6.807 гласови.
Убедлива победа постигна и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода Орце Ѓеоргиевски, кој освои 14.691 гласови, додека неговиот противник од СДСМ Филип Темелковски освои 7.691 гласа.
Потоа, ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг победи и во Бутел, каде Дарко Костовски освои 9.012 гласови, а актуелниот градоначалник од СДСМ Велимир Смилевски 6.831 гласови.
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров, Александар Стојковски, освои повеќе гласови од противкандидатот на СДСМ Александар Наумовски (8.240 наспроти 5.636), но таму ќе има втор круг поради големиот број кандидати.
СДСМ победи во Центар, каде Горан Герасимовсски освои 8.160 гласови, а Наташа Котлар од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 6.720 гласови.
Овде ќе има втор круг, каде особени битно ќе биде однесувањето на оние 2.302 гласачи што гласаа за Андреа Јанков, кандидат за Левица, чиј лидер Димитар Апасиев веќе јавно посочи дека за вториот круг можно е да поддржат опозициски кандидати, доколку бидат повикани на преговори на локално ниво.
И кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош Душко Весковски освои најмногу гласови во Карпош. Поточно, тој освои 9.160 гласови и во втор круг најверојатно ќе се натпреварува со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Зафировски.
Инаку, Зафировски освои 6.595 гласови или само 50 повеќе од поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кој во првиот круг освои 6.545 гласови.
Сепак, треба да се има во предвид дека овие бројки се на нешто над 98 проценти обработени податоци од гласачките места, што значи дека, по пребројувањето на сите гласови, можен е поинаков исход кога се работи за втората позиција.
Како и да е, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ се во коалиција, па се очекува обид да се соберат нивните гласови на купче и на тој начин опозицијата да се обиде да го презеде Карпош.