Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја повика Државната комисија за спречување на корупција да спроведе транспарентна постапка за јавноста да има увид и да утврди дали има судир на интереси и тргување со влијание, откако пратеникот на СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ си ги вработи синот и сопругата во Министерството за внатрешни работи.
-Симптоматично е како во рок од три години откако Рамчиловиќ стана дел од блокот на СДСМ кој ги поддржува анационалните политики во собранието, два члена од неговото семејство добиваат работа во МВР.
Ја повикуваме ДКСК не само да отвори постапка, туку таа да биде целосно транспарентна за јавноста да може да има увид. Особено што Рамчиловиќ и двете вработувања ги добил откако ја сменил политичка страна.
Очигледна е нишката на пазарење и мора да се утврди дали влијанието на Рамчиловиќ одлучувало за приемот на неговата сопруга на работа во МВР, но и потоа дали тој како пратеник повторно, но сега и неговата сопруга како висок функционер во МВР влијаеле за вработување на неговиот син како полицаец.
Дополнително ги повикуваме ДКСК истрагата да биде навремена, без да се чека случајот да се заборави од јавноста, изјави пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.
Рамчиловиќ e еден од осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кој гласаше за уставни промени и подоцна на вонреден извршен комитет веднаш беше исклучен од партијата. Пред неколку дена тој на Фејсбук објави дека син му е еден од новопримените полициски службеници.