Дали Рама ќе го остави Груби на „цедило“?

by fokus

Поминаа девет дена откако поранешниот вицепремиер Артан Груби се јави со статус од Косово, за да ги демантира шпекулациите дека избегал, но оттогаш му се губи и трага и глас. Според последните информации, тој е засолнет во Албанија, во близина на Драч, иако земјата ја напушти заминувајќи кон Косово.

При анализата на неговиот план за бегство, она што првично беше нејасно е зошто Губи веднаш не заминал за Албанија, особено ако е точна информацијата дека покрај македонскиот има и албански пасош, но и фактот што ужива големо почитување од албанскиот премиер Еди Рама. При една од посетите, албанскиот премиер за него изјави:

„Артан Груби е најдобриот Албанец меѓу Македонците и најдобар Македонец меѓу Албанците“.

Како што неофицијално дознава ,,Фокус”, од добро упатени извори, наводно Груби првично планирал да замине во Албанија, но не ја добил очекуваната поддршка од албанскиот премиер. Според нашиот соговорник, откако неговото име осамна на црната листа на САД, тој како што и направи, се повлече од политиката, но наводно планирал да се пресели во Албанија, каде што би бил советник на премиерот Рама. Но планот се изјаловил кога на негово изненадување разбрал дека сепак ќе биде еден од осомничените за ,,Лотарија”.

-Рама отворено му кажал дека нема да му даде азил, поради истрагата за ,,Лотарија”, зошто во таков случај би имал проблем со странците, бидејќи Албанија е во чуствителна фаза во преговорите за влез во ЕУ, вели нашиот соговорник.

Сепак, последните информации се дека Груби не се задржал на Косово, туку заминал за Албанија, каде моментално престојува. Поточно, велат добро упатени извори, тој се наоѓа во место во близина на Драч, лоцирано покрај Јадранско море, во објект кој не е во негова сопственост. Во таа насока, веќе 2 години има посебен режим според кој косовски и албански државјани непречено се движат низ двете држави, без да минуваат гранична контрола.

По распишувањето на меѓународната потерница од МВР, неговото движење се комплицира и во странство, бидејќи доколку помине на официјален граничен премин ќе треба да го задражат, по што би почнала и постапка за екстрадиција.

Министерот Панче Тошковски истакна дека засега немаат потврда од ниту една држава дека Груби е на нивна територија.

-Имаме комуникација со сите соседни држави и одлична е соработката со нивните министерства за внатрешни работи и досега официјална потврда не е доставена до македонското МВР, рече министерот.

Валентина Вурмо

Поврзани новости