Министрите за одбрана на НАТО членките утре ќе одржат нов вонреден состанок во Брисел, на кој ќе разговараат за предизвиците од руската воена операција и опасноста по земјите членки на Алијансата.
Едно од прашањата кои редовно се појавуваат во јавноста во последните денови е можноста од напад со хемиско оружје.
Русија обвинува дека Украина развива таков вид на оружје, но за НАТО ова се обиди за дезинформација, како и можност Москва да исценира лажен напад од страна на Украина, со што би оправдала нова руска офанзива.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, попладнево предупреди дека ваков чекор би довел до силен одговор од страна на Северноатлантската алијанса.
-Секаква употреба на хемиско оружје значи нарушување на повелбата за забрана на хемиско оружје, потпишана од Русија. Ја повикуваме Русија да не го користи и да ги повлече своите сили, и посебно хемиското оружје – изјави денес Столтенберг.
Тој напомена дека во минатото е документирана употребата на биолошко оружје од страна на Русија на странска територија против политички опозиционери, како и помош за хемиски напади во Сирија во повеќе наврати.