Горан Милевски си ја третира ЛДП како гранапче, затоа молчи за криминалот на СДСМ и ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дури и членови на ЛДП преку медиумите обвинуваат дека Милевски откако е министер си ја вработил сопругата на Клиника, додека баџанакот го поставил за директор во Државна Лотарија. Милевски има вработено свој братучед во Државната видео лотарија, а кумашинот во Идризово, додека кумашинката си ја вработил во министерството за локална самоуправа. Дали Милевски преку ЛДП ја поддржува мафијашката влада на СДСМ – ДУИ, за да си ги вработува роднините во администрација?“, прашаа од партијата на Христијан Мицкоски.
Од таму прашуваат дали двајцата пратеници на ЛДП (Моника Зајкова и Боби Мојсоски) ќе смогнат сили и ќе му кажат „не“ на Милевски и неговиот, како што велат, непотизам?
„ВМРО-ДПМНЕ е спремна на избори без техничка влада и една изборна единица, што е главно барање на помалите партии помеѓу кои и ЛДП, еве условите ќе бидат исполнети. Нека смогнат сили пратениците на ЛДП, да изгласаме промени во изборниот законик за една изборна единица, а потоа да одиме на брзи предвремени избори, или ќе останат да му слугуваат на Милевски и неговите роднини?!“, порачаа од ДПМНЕ.
Освен за вработување на роднини, сопартијци го обвинуваат Милевски дека нестатутарно се номинирал за уште еден министерски мандат, без притоа да се донесе одлука на Централниот одбор. Лидерот на ЛДП, пак, ги отфрли сите обвинувања и најави дека утре ќе се одржи седница на ЦО а набрзо и нов партиски конгрес.
„Се продолжува со лечењето на личните фрустрации на поединци во партијата кои изгубиле функции и секаква доверба во ЛДП, го изгубиле лагодниот живот и неброените чаши вина испиени на Санторини, и кои сега сакаат преку грбот на мојата чест, достоинство и чесност да го манипулираат членството и граѓаните, сакајќи како паразити да се префлат од една на друга позиција, продолжувајќи си ги угодностите за кои жителите на Скопје не казнија на локалните избори а заборавајќи ги граѓаните и партијата“, реагираше Милевски.