Дали планинарите се грижат за здравјето: Најчесто страдаат дијабетичарите и луѓето со висок притисок!

by Fokus

Вчера беше Меѓународниот ден на планината а голем дел од планинарите ширум светот го прославија со искачување на некој врв. Овој спорт носи посебни убавини, но и ризици кои треба да се минимализираат при организирањето на планинарските тури.

Едно е сигурно – како и сите професионални спортисти, така и планинарите треба сериозно да се грижат за своето здравје со оглед на висините на кои се качуваат, но и стрмните предели по кои планинарат.

Весна Трајческа Локвенец, специјалист по спортска медицина вели дека кај нас има основна култура за грижа кон своето здравје кога станува збор за планинари.

„Можеби еден-двајца планинари месечно дошле на преглед на спортска медицина. Можам да кажам дека се доаѓа исклучиво ако му наложат од планинарското друштво дека треба да направи преглед“, вели Локвенец.

Освен честите здравствени прегледи, планинарите треба да бидат постојано физички активни затоа што нивното тело функционира во друг ритам.

„Задолжително пред да се појде на планина, да се направи специјалистички преглед кој најчесто опфаќа преглед на срцето со коронарен стрес тест и преглед на плуќните капацитети со спирометрија. Значи планинарот освен што треба да биде комплетно здрав физички и ментално способен за да го издржи напорот, толку треба да биде и подготвен со соодветна опрема за да се избегнат несреќи, затоа што ризици секогаш постојат“, додава таа.

Локвенец потенцира дека здравствените прегледи треба да се случуваат на секои шест месеци поради превенција од повреди или здравствени заболувања кои подоцна се откриваат.

„Затоа совет до оние кои планинарат или почнуваат со планинарење обавезно да практикуваат секојдневно физичка активност – брзо одење или џогирање за да се постигне посакуваната физичка кондиција. Само така ќе се превенираат одредени здравствени тегоби кои би се појавиле и на овие секојдневни физички активности. Редовни спортско медицински прегледи на секои шест месеци“, анализира нашата соговорничка.

Во Македонија во изминатите шест години загинале четворица планинари, од кои најмногу на Шар Планина. Причините за смртта се различни, но внимателноста треба да биде на исклучително високо ниво.

„Освен миокардитисот како причина за ненадејна смрт, тука се и проблемите со нарушување на вообичаениот срцев ритам-аритмии, коронарните срцеви заболувања –ангина пекторис, дијабетичарите, луѓето со висок крвен притисок, заболувања на срцевите залистоци, заболувања на перикардот – перикардитис предизвикан од вирусни инфекции или ревматоиден артрит, кардиомиопатии, вродени срцеви мани“, го заврши разговорот Локвенец.

Првиот човек на планинарскиот клуб „I love hiking Macedonia“, Дејан Доневски вели дека аматерите кои се на почетоците од овој спорт, се подисциплинирани и многу внимателно влегуваат во планинарењето.

„Тие се грижат за сопственото здравје и формата повеќе отколку понавлезените планинари во овој спорт. Професионалните планинари, не дека ја избегнуваат оваа одговрност за сопственото здравје, туку некако како да немаат време во овој динамичен свет и таа психофизичка спрема ја занемаруваат малку. Но ние сме тука да бидеме досадни и да ги потсетуваме“, вели тој.

Во Македонија речиси и да не постои развиен систем за овој проблем и целиот терет е префрлен на неколку поединци и клубови кои се придржуваат кон непишаните правила – спортска медицина или потврда од матичен лекар.

„За ова сме обврзани и го спроведуваме затоа што е и најважното нешто на секој поединец кој се бави со овој спорт. Напорот на искачувањата се големи, кислородот се намалува, а со тоа и многу функции се намалуваат, па затоа и организмот мора да биде појак. Со планинарството се јакнее многу организмот и низ годините тој станува јак. Сепак за целиот тој напор задолжително е да се направи стрес тест и сите други тестови за да може секој безбедно да се искачи на посакуваната цел во животот“, анализира Доневски.

За трагедиите нема правила и тие се случуваат на планина и ќе се случуваат, а нашиот соговорник советува – секој да се движи во група според своите можности.

„Советот кон повозрасните е да се движат според своите можности, да одат со група која не брза, ниту на поизложени временски услови подолго време на пример снежни виулици или сончеви припеци. Секој немил настан има големо искуство кое може да помогне за секоја идна генерација, само ако континуирано се работи во правец на безбедност“, го заврши разговорот Доневски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости