Дали „огнената група“ дојде до третиот пратеник во парламентот?

Откако одржа средба со Меџети и Беџети, кои бараат промени во ДУИ, Кастриот Реџепи за „Фокус“ вели дека во четврток ќе се произнесе за неговата одлука.

by Фокус

Дали пратеникот Кастриот Реџепи ќе се приклучи кон таканаречената „огнена група“, која бара промени во ДУИ, ќе се знае во четврток, кога Реџепи треба да ја образложи неговата одлука.

Вчера, фотографија со Реџепи објавија пратеникот Изет Меџити и градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, кои побараа промени во начинот на функционирање во ДУИ, формирање на партиските органи, како и повлекување на Артан Груби.

Како што е познато, Реџепи беше клучен за спас на актуелната влада на СДСМ и ДУИ, кога одлучи го повлече потписот што го даде како пратеник на Беса и не се појави на парламентарната седница за изгласување на недоверба на Владата.

Покрај Меџити, кон оваа иницијатива се потпиша уште еден пратеник на ДУИ – Мерита Колчи Коџаџику, па се поставува прашањето дали „огнената група“ со Реџепи дојде и до третиот пратеник во Собранието, што е особено битно ако се знае дека парламентарното мнозинство се потпира на 64 пратеници?

„Фокус“ исконтактира со Реџепи, кој кусо изјави дека во четврток ќе се произнесе дали се приклучува кон иницијативата на незадоволните функционери и членови на ДУИ.

Инаку, „огнената група“ доби и две скопски јавни претпријатија по договор со скопската градоначалничка Данела Арсовска, што, според извори од ДУИ, не било во консултација со партиското раководство на чело со Али Ахмети.

В.С.

Поврзани новости