Норвешкиите власти им дозволија на Equinor и неговите партнери да го зголемат производството на гас во текот на летните месеци поради зголемената побарувачка во Европа, соопшти државната компанија за нафта и гас. Норвешкото Министерство за нафта и енергија издаде приспособени дозволи за зголемување на производството во полињата Трол, Осеберг и Хеидрун.
Руската инвазија на Украина го поттикна растот на веќе високите цени на бензинот и ги натера европските држави да се обидуваат да ги пополнат залихите исцрпени од зимската потрошувачка и да бараат алтернативи за руското снабдување.
Норвешкото Министерство за нафта и енергија се согласи да ги прилагоди лиценците за производство на три офшор полиња – Осеберг, Трол и Хајдрун – за да можат да му дадат приоритет на производството на гас пред нафтата.
-Во разговорите со властите и нашите партнери, сега преземаме чекори за одржување на зимското ниво на високо производство, рече во изјавата Кјетил Хове, извршен потпретседател за истражување и производство во Equinor.
Така, Осеберг ќе може да го зголеми извозот до 30 септември за околу милијарда кубни метри, или околу 15 до 20 отсто во тековната гасна година. Годинава би произвеле околу седум милијарди кубни метри гас, посочуваат во Equinor.
Планираниот прекин на производството заради одржување е одложен за септември, додаваат оттаму. Беше одобрено и барањето за зголемување на производството на гас во Хајдрун за 400 милиони кубни метри или околу 30 отсто.
Доколку се намали производството на други полиња, одобрено е барање и за зголемување на производството во полето Трол, на 38 милијарди кубни метри, што е зголемување за една милијарда кубни метри или три отсто годинава.
Осеберг и Хајдрун заедно можат да произведат 1,4 милијарди кубни метри, што може да ја задоволи побарувачката на 1,4 милиони европски домаќинства во текот на годината, се вели во соопштението на Equinor.
Норвешка покрива меѓу 20 и 25 отсто од потребите за гас на Европската унија и Велика Британија, додека Русија сочинува меѓу 45 и 50 отсто. Од руската инвазија на Украина на 24 февруари, ЕУ се обидува да го намали увозот на руски гас за две третини. Норвешка испумпува околу 4 милиони барели нафтен еквивалент дневно, поделени речиси подеднакво меѓу нафтата и природниот гас.
Норвешкиот извоз на гас сепак е притиснат од производствените капацитети, кои веќе се зголемуваат на
максимално ниво, и дистрибутивниот систем преку цевководи. Единствената норвешка постројка за течен природен гас (LNG), која овозможува испорака на гас со брод во течна форма, беше оштетена во пожар во септември 2020 година. Земјата извезува околу 95% од својот гас преку широка подморска гасоводна мрежа што ја поврзува со терминалите во Германија, Велика Британија, Франција и
Белгија. Оваа година ќе биде завршена нова цевка до Полска.
Во 2021 година, производството на гас во Норвешка изнесуваше 113 милијарди кубни метри, обезбедувајќи приближно една четвртина од побарувачката на гас во Европската унија и Велика Британија. Додека норвешките нафтени и гасни полиња произведуваат со речиси 100% капацитет, мешавината помеѓу нафта и гас може да се прилагоди во некои случаи.