Во Словенија периодов се бележи драстичен пораст на новозаразени до 4.000 нови случаи дневно. Приближно ист број на жители како Словенија има и Македонија, која, со помал обем на вакцинирано население, има 10 пати помалку заразени дневно.
Дали и нас не очекува „словенечкото сценарио“, со пораст на заразени, што, доколку се случи, ќе резултира со голема смртност, поради слабата кондиција на здравствениот систем?
Поточно, официјалните податоци говорат дека Словенија има околу 53 проценти вакцинирани лица, или тринаесетина проценти повеќе отколку кај нас, каде регистрирани се 40 отсто вакцинирани.
На дневна основа, пак, смртноста во Словенија се движи околу 15 пациенти, речиси исто како и во Македонија, од што произлегува дека смртноста кај нас, процентуално гледано, е многу повисока, со оглед дека засега има 300-400 инфицирани дневно.
-Единствена сличност со Словенија може да имаме само според бројот на жители, но во никој случај не можеме да гледаме низ призмата на вакцинација или пак бројот на заразени бидејќи нашата земја има слаб здравствен систем, вели во разговор за „Фокус“ доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом-Скопје.
Тој појаснува дека во Словенија буџетот за здравствениот систем е 2,5 милијарди евра, а кај нас е само 500 милиони евра.
Токму затоа, додава Мехмедовиќ, Словенија има ист број на починати како и во земјава, односно во просек по 15 со 3.000-4.000 дневно новоинифицирани, додека пак кај нас таа бројка е околу 400.
Кога би имале ние толкав број на заразени, според него, сигурно бројката на починати би била поголема.
-Дали ќе имаме четврт продолжен или пак петти нов бран многу зависи од процесот на вакцинација. Кај нас тој процент е 37 отсто, а колективен имунитет се постигнува со примена вакцина кај сите возрасти, а не поделби кај полнолетно или пак над 60 години, бидејќи на овој начин му дозволуваме на вирусот да се шири и повеќе да мутира, појаснува тој.
НОВ БРАН
Според Мехмедовиќ, со новиот бран се очекува досегашната бројка од 500 заразени и двојно, па и тројно да се зголеми, а со тоа и хоспитализациите.
Од досегашната пракса, посочува тој, дури тогаш, кога болниците ќе бидат преполни, а ќе нема доволно медицински капацитети, ќе им текне на властите да воведат нови непопуларни рестриктивни мерки.
-Ова е предвидливо, кај соседите веќе има голем број на зарази. Потребно е да имаме упатство за лекување на пациенти со ковид, потребно е низ системот полесно да се поминува и првичните терапии да се добиваат уште кај матичниот лекар, заклучува тој.
Колку за информација, поради наглото влошување на епидемиолошката состојба, словенечката влада одлучи да воведе построги рестриктивни мерки, а не се исклучуваат и дополнителни, уште построги мерки, доколку продолжат да се засилуваат досегашните негативни трендови.
Имено, меѓу дел од новите мерки се воведување тестови за учениците за да можат да одат на настава, како и редовни задолжителни тестови во здравствените и социјалните установи, а маски ќе треба да носат и вакцинираните, доколку се во директен контакт со други лица.
Исто така, затворени се дискотеките и клубовите за сите, а се размислува и за посериозни рестрикции.
– Епидемиолошката слика е лоша, се движиме кон најлошата состојба во епидемијата досега. Доколку ситуацијата не се промени и ако бројот на хоспитализирани на интензивна нега поради ковид-19 се зголеми на 160 до 180 (моментално ги има 133), тоа би значело можно затворање на делови од општеството – вели министерот за здравство Јанез Поклукар.
Тој додава дека со последните рестриктивни мерки се обидува да се спречи бранот и понатамошниот раст на бројот на заразени, што би довело до колапс на здравствениот систем.
НЕДОВОЛНО ТЕСТОВИ
Според доктор Никола Пановски, најголемиот проблем во земјава е тоа што нема доволно тестирања кои се покриени од Фондот за здравствено осигурување, бидејќи и од финансиски аспект граѓаните не можат да си дозволат толку скапи тестови во приватните лаборатории.
-Јас многу пати напоменав дека е потребно да се склучи договор со приватните лаборатории и да се зголеми тестирањето. Сигурен сум дека ние сега имаме поголем број на заразени од официјалните бројки бидејќи асимптоматските случаи се тестираат со брз тест од аптека и не се регистрираат во системот, појаснува тој за „Фокус“.
Тој вели дека поради селективните мерки и погрешниот пристап на присилна вакцинација од страна на властите се постигнува контраефект бидејќи голем дел од вакцинираните го пренесуваат вирусот, а немаат симптоми.
Затоа, според него, се потребни рестриктивни мерки кои ќе важат за сите, тоа значи затворени дискотеки, скратено работно време на кафулиња, заштитни маски и најважното зголемена контрола од страна на властите.
Всушност, станува збор за мерки кои веќе ги воведе Словенија откако почна експоненцијално да расте бројот на новозаразени, што, според експертите, се очекува да се случи и во земјава доколку навремено не се преземат мерки и не се зголеми обемот на вакцинација.
Соња Танеска