Дали наследниците на Мицкоски и Ахмети ќе ги обновуваат мостовите на соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?

Старото партнерство чека подобри времиња...

by vlatko 20:04
20:04

Текстот е објавен на 02 јули, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.604.

Уште пред двојните избори, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ целосно ги нарушија односите и влегоа во отворена конфронтација, а последната и главна причина за таквиот анимозитет беше обидот на ДУИ да го врати Груевски во земјава, што во ВМРО-ДПМНЕ беше протолкувано како мешање во нивните внатрешни работи. Во таква ситуација, ВМРО-ДПМНЕ ги стимулираше превирањата во ДУИ со „огнената група“, додека по изборите направи влада со ВЛЕН. И покрај тоа, ДУИ дава(ше) сигнали дека сака да подаде рака и да го скрши мразот кон ВМРО-ДПМНЕ, како на пример со поддршката на законскиот пакет за реорганизација на државната управа. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да гради партнерство со ВЛЕН, кое беше исклучително продуктивно на локалните избори, кога ДУИ не постигна убедлива победа за да предизвика вонредни избори по кои би се вратила на власт. Арно ама, се поставува прашањето дали, кога и во какви услови е можно обновување на старото партнерство меѓу ВМРО и ДУИ, кое функционираше десетина години? Дали промената на лидерските позиции во двете партии, што, според најавите на Мицкоски и сигналите на Ахмети, треба да се случи безмалку истовремено за неколку години, може да создаде атмосфера за повторна соработка, особено ако во меѓувреме ВЛЕН влезе во процес на внатрешни раслојувања?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

За време на 8-годишниот престој во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски неколкупати се обиде да го убеди ДУИ да го растури тогашното владино партнерство со СДСМ, односно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заеднички да предизвикаат предвремени парламентарни избори и потоа да формираат влада.

Сепак, ваквите обиди на ВМРО-ДПМНЕ се покажаа неуспешни, бидејќи партијата не успеа да ги кандиса ДУИ и Али Ахмети да влезат во процес на рекомпонирање на силите на политичката сцена.

Наместо тоа, интегративците тогаш одбраа да го одржат пактот со СДСМ, силно поддржан и од меѓународната заедница, која ценеше дека СДСМ и ДУИ е добитна комбинација за реализација на стратешката цел на земјава за членство во ЕУ, што патем се совпаѓаше и со нивните геополитички интереси да се ограничи влијанието на трети држави.

Дури, со цел туркање на процесот за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, што, според преговарачката рамка, стана услов за почеток на преговорите со ЕУ, интегративците осмислија и почнаа да спроведуваат операција за враќање во земјава на поранешниот премиер и вмровски лидер, Никола Груевски.

Имено, целта беше Груевски да ѝ помогне на тогашната владејачка гарнитура да остане на власт, а по парламентарните избори во 2024 година, плус да помогне да се обезбеди и двотретинско мнозинство за уставни промени, на сличен начин како што беше сторено со Преспанскиот договор.

На крајот, од враќањето на Груевски не бидна ништо поради низа причини, пред сè поради отпорот во Врховниот суд за реактивирање на општата аболиција на Ѓорге Иванов.

Но, она што го предизвика овој обид за враќање на експремиерот, кој во меѓувреме стана унгарски азилант, е тотално нарушување на односите на релација ВМРО – ДУИ.

Ако одбивањето на ДУИ да ја урне сопствената влада со СДСМ и да влезе во политичка игра со ВМРО-ДПМНЕ ги залади односите меѓу ВМРО и ДУИ, тогаш слободно може да се каже дека обидот на ДУИ да го врати Груевски и преку политички инженеринг да го спречи Мицкоски да дојде на власт подолгорочно ја расипа калимерата меѓу двете партии, што впрочем го покажа и времето.

За ВМРО-ДПМНЕ, обидот за враќање на Груевски го помина рубиконот, бидејќи, според нив, тоа не беше легитимна политичка стратегија во рамки на политичкиот натпревар, туку мешање во внатрешни работи на една во друга политичка партија.

Како одговор на тоа, ВМРО-ДПМНЕ почна да ги стимулира внатрешните превирања во ДУИ, кои добија засилена диманика и интензитет со „огнената група“, која на крајот стана битен елемент во формирањето на коалицијата ВЛЕН.

Конечно, во ова тактичко надмудрување ВМРО-ДПМНЕ го победи ДУИ, имајќи предвид дека убедливо победи и на претседателските и на парламентарните избори, а битен фактор за таквата разврска беше формирањето на ВЛЕН и нивното истакнување на претседателски кандидат, што предизвика домино-ефект истото да го стори и ДУИ, па остана чиста битката во македонскиот блок без можност за прелевање на, условно кажано, албански гласови.

Всушност, наместо ДУИ и СДСМ да дојдат до 61 пратеник преку окрупнување во заедничка предизборна коалиција и преку фрагментација на гласачкото тело во десницата со помош на Груевски, се испостави дека ВМРО дојде до безмалку двотретинско мнозинство преку фрагментација на гласовите во левицата со помош на ЗНАМ на Максим Димитриевски и преку елиминација на ДУИ како потенцијален партнер со помош на обединувањето на албанската опозиција во ВЛЕН.

Па, тоа што сега се поставува како прашање е колку долго ќе трае оваа фаза на крајно заладени релации меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и има ли можност двете партии повторно да станат партнери?

Односно, какви предуслови и околности треба да постојат и да се исполнат за да се случи тоа?

МАНЕВАР ЗА ПРОМЕНА НА КОАЛИЦИСКИОТ ПАРТНЕР

Иако првично заговараше формирање предизборна коалиција со СДСМ и други партии, ДУИ подоцна се откажа од овој политички проект кога виде дека на анкетите сите што би влегле во овој „европски фронт“ не можат да дојдат до доволно гласови за обезбедување на минимум 61 пратеник, колку што се неопходни за формирање парламентарно мнозинство.

Со други зборови, ДУИ сфати дека во предизборен фронт со СДСМ не можат да дојдат до мнозинство, што фактички значи заминување во опозиција, во ситуација кога сите субјекти се групираат во два големи блока и нема можност за постизборни коалицирања.

Така, интегративците полека, но сигурно почнаа да ја напуштаат оваа идеја и да се оддалечуваат од СДСМ, па дури почнаа да ги обвинуваат социјалдемократите дека тие имале резерви кон македонско-албанска предизборна коалиција, бидејќи испитувањата покажале оти етничките Македонци биле против тоа.

Како и да е, очигледно беше дека ДУИ се дистанцира од СДСМ, откако процени дека рејтингот на СДСМ е до таа мера еродиран, поради што нивната понатамошна соработка немаше ниту математика, ниту иднина.

Затоа, ДУИ почна да игра на картата да обезбеди што подобар изборен резултат за себе и својата коалиција составена со партии на „помалите“ етнички заедници, и тоа преку директен судир со ВМРО-ДПМНЕ.

Арно ама, ДУИ се преигра во проценката дека, и покрај сите конфликти со ВМРО и жестоката предизборна реторика, по изборите двете страни ќе седнат на маса и ќе договорат влада, слично како што своевремено правеше Ахмети додека на чело на ВМРО-ДПМНЕ беше Груевски.

Сепак, Мицкоски остана на ставот дека нема да коалицира со ДУИ, туку за владејачки партнер го избра ВЛЕН, независно што коалицијата на ДУИ имаше повеќе гласови и пратеници од коалицијата ВЛЕН, иако предмет на анализа беше колку од тие гласови се на ДУИ, а колку на другите партии од коалицијата, меѓу кои имаше претставници на турската, ромската, бошњачката заедница.

Нејсе, кога стана дефинитивно дека ВМРО ќе формира влада со ВЛЕН и ЗНАМ, ДУИ премина на план Б, кој подразбираше договарање или предизвикување предвремени парламентарни избори по кои интегративците повторно бргу би се вратиле на власт, исто како што тоа го направија во 2008 година.

Во таа насока, претставници на ДУИ јавно говореа оти Ахмети добил уверување од Мицкоски дека бргу ќе има вонредни избори, меѓутоа тоа не се случи, бидејќи следните избори беа редовните локални ланската 2025 година.

Што се случуваше во меѓувреме?

Веднаш по двојните избори во 2024 година, токму со помош на гласовите на ДУИ беа изгласани законските измени за реорганизација на државната управа, што се толкуваше како обид на ДУИ да подаде рака и да го скрши мразот кон ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, ништо не се промени барем во делот на крупната политичка слика (за евентуални подземни договори и концесии од друга природа никој не може ништо да тврди), туку напротив – односите меѓу двете партии почнаа дополнително да ескалираат.

Притоа, во значителен обем, тоа беше предизвикано и од постојаните предупредувања на Мицкоски дека ДУИ подготвува сценарио за дестабилизација, со цел да се врати на власт преку контролирани немири на меѓуетничка база.

Дали навистина ДУИ имала таков план, никогаш официјално не се потврди, но одредени сознанија говореа дека овој план бил делумно осуетен и од страна на меѓународната заедница, која упатила јасна порака до Мала Речица дека не толерира радикализација.

Патем, во истиот период на „црна листа“ на САД беше ставен Артан Груби…

ДАЛИ ИСТОРИЈАТА ЌЕ СЕ ПОВТОРИ (КАКО ФАРСА)?

За потсетување, главната точка на напад на ДУИ во тоа време не беше ВЛЕН, туку ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи веројатно во Мала Речица сметаа оти така повторно максимално ќе ја капитализираат поддршката на избори.

Но, на ланските локални избори ДУИ доживеа неуспех, бидејќи ги загуби речиси сите големи и важни општини со мнозинско албанско население, што беше вовед во одредени промени и реформи во ДУИ.

Освен што партијата промени голем број функционери, истовремено се забележува дека го менува и наративот, бидејќи во нивните настапи веќе не доминира ВМРО-ДПМНЕ, туку ВЛЕН.

Факт е дека ДУИ често говори дека се поништува Рамковниот договор и се суспендираат национални права на Албанците, но за тоа веќе не го обвинува ВМРО-ДПМНЕ, туку акцентот го става на ВЛЕН како албански партнер во владината коалиција, кој, според нив, ги аминува ваквите политики.

Кога ќе се земе предвид сето тоа, заедно со информацијата дека со помош на ДУИ е обезбедено продолжување на постапката на промена на Изборниот законик што СДСМ и Левица планираат да го блокираат, се наметнува дилемата дали ДУИ можеби повторно се обидува да се доближи до ВМРО-ДПМНЕ, како што се обиде со поддршка на двотретинските закони за реорганизација на државната управа, со начелната поддршка за укинувањето на техничката пржинска влада и сл.?

Бездруго, апсолутниот одговор на ова прашање може да го даде однесувањето на ДУИ кон предлог-законот за правична и соодветна застапеност што владата (ќе) го предложи заради надминување на ситуацијата по укинувањето на балансерот.

Со оглед дека потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи најави дека неговите сопартијци треба по секоја цена да го спречат донесувањето на овој закон, макар и ако тоа значи физички да се спротивстават, останува да видиме дали ДУИ ќе се постави крајно ригидно против ова законско решение, или, пак, декларативно ќе се противи ама практично нема да се обидува да го спречи неговото усвојување со деструктивни методи?

Доколку се случи второто, тоа ќе биде уште еден јасен знак и сигнал дека ДУИ, не само што не сака дополнително да ги заостри односите со ВМРО, туку дека сака да прави терен за возобновување на некогашната соработка.

Инаку, историјата покажува дека двете партии имале големи меѓусебни осцилации, ако се земе во обѕир дека по 2-годишната битка од 2006 до 2008 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на Груевски соработуваше со ДПА на Мендух Тачи, ВМРО имаше децениско стабилно партнерство со ДУИ, кое заврши откако Ахмети му сврте грб на Груевски и направи влада со СДСМ на Зоран Заев во 2017 година.

По последните избори пред 2 години, Мицкоски, исто како Груевски во 2006 година, одлучи да не соработува со ДУИ, туку со ВЛЕН, но засега тешко може да се процени колку оваа соработка ќе трае.

Сепак, како што барем засега стојат работите, може да се претпостави дека сојузот меѓу ВМРО-ВЛЕН нема да заврши така лесно и брзо како оној меѓу ВМРО и ДПА од повеќе причини.

Прво, ВЛЕН сега е далеку поконкурентен од тоа што своевремено беше ДПА, особено откако успеа да ги преживее внатрешните турбуленции по заминувањето со Арбен Таравари, па дури и да извлече одличен резултат на последните локални избори, кога победи во Чаир, Сарај, Тетово, Дебар, Струга…

Второ, ДУИ денес е во далеку послаба кондиција од периодот 2006-2008 година, кога беа по полна политичка потентност, бидејќи, меѓу другото, воениот конфликт беше тукушто завршен. За разлика од тогаш, ДУИ денес е компромитирана партија, која врз себе има голем товар поради бројните корупциски скандали.

ШТО ЌЕ СЛЕДУВА ПО ИЗБОРОТ НА НОВИ ПАРТИСКИ ЛИДЕРИ?

И трето, но можеби најважно, ДУИ до таа мера го изостри конфликтот со ВМРО-ДПМНЕ, предизвикувајќи го Мицкоски јавно да даде збор дека „криминализираната ДУИ“ ќе ја прати во опозиција и ќе расчисти со нејзините инсталации.

Во таква атмосфера, за Мицкоски сега политички погубно би било да рече – сè што зборував досега, не важи, повторно ќе соработуваме со ДУИ на чело со Ахмети, кој, да потсетиме, му ја стави главата на тацна со обидот за враќање на Груевски.

Имајќи го предвид сето тоа, произлегува дека повторната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се разбира, доколку бројките тоа не го наметнат како единственo изводлива опција, е можна само ако се променат претходно констатираните состојби.

Во тој контекст, кога ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски велат дека нема простор за соработка со ДУИ на чело со ова раководство предводено од Ахмети, тоа значи дека оваа пречка би исчезнала ако на чело на партиите застанат други лидери, што не изгледа така невозможно.

Од една страна, Мицкоски веќе најави дека ова ќе биде негов последен мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а сè поизгледно е дека ова е и последен мандат на Ахмети, на чело на ДУИ.

Тоа значи дека, доколку нема некакви специфични околности или кризна состојба, Мицкоски и Ахмети за околу 3 години веќе нема да бидат партиски лидери, иако тоа не мора автоматски да значи дека целосно ќе се пензионираат од политиката.

Дали нивното заминување од чело на ВМРО и ДУИ, кое е повеќе од изгледно од денешна перспектива, може да создаде амбиент за соработка меѓу двете партии за неколку години?

Теоретски, тоа изгледа многу логично и возможно, но тоа не е единствениот услов. Воедно, многу битно ќе биде и тоа кој би застанал на чело на двете партии, како и во каква кондиција тогаш би била ВЛЕН.

Во таа смисла, Мицкоски веќе ги укина потпретседателските функции, бидејќи довчерашните потпретседатели Александар Николоски и Тимчо Муцунски, како и шефот на полицијата, Панче Тошковски, сè повеќе и сè почесто се споменуваа како можни наследници на Мицкоски.

Сега кога нема потпретседали, голема тежина добива новиот генерален секретар Драган Ковачки, кој многумина го гледаат како иден лидер на ВМРО, бидејќи, покрај другото, досега има слична траекторија како Мицкоски.

Што се однесува до ДУИ, многу фаворити на Ахмети за негов наследник отпаднаа – Хазби Лика наводно го разочарал, Изет Меџити замина во друга партија, Османи беше делегитимиран на избори, Груби се соочува со други предизвици…

Во повеќе разговори со блиски соработници, Ахмети посочил дека сака идниот лидер на ДУИ да биде од Тетово, како битен центар за Албанците, што го исфрла во конкуренција за лидер актуелниот потпретседател Фатон Ахмети, а во одредени кругови се споменува и Бајрам Реџепи.

Без разлика кои ќе бидат наследници на Мицкоски и Ахмети, тоа ќе отвори простор за повторно воспоставување соработка меѓу ВМРО и ДУИ, особено ако дотогаш дојде до внатрешни тензии и раслојувања во ВЛЕН, која претставува сложена структура и конструкција.

Уште отсега јасно како бел ден е дека моделот со двајца копретседатели е само привремено решение. Во (блиска) иднина, неминовно ќе следува борба кој да биде единствен лидер на ВЛЕН – Меџити или Биљал Касами, која многу лесно може да биде моделирана и од трети страни.

Ако се одржи кохезијата на ВЛЕН, партијата ќе биде силен политички фактор. Но, ако почне процес на распад, тогаш автоматски ќе се крева ДУИ, која со нов лидер во догледно време ќе има и поголем коалициски потенцијал.

Слични вести