Османи: Одложувањето на евроинтеграциите станува егзистенцијална закана

by irena 15:11
15:11

Понатамошното одложување на европската интеграција се претвора во егзистенцијална закана за Македонија и затоа зачленувањето во Европската Унија мора да се издигне на ниво на национална безбедност, порачал Бујар Османи на панел-дискусијата организирана од институтот „Абдилаким Адеми“.

Според него, забрзувањето на евроинтегративниот процес и намалувањето на овој јаз повеќе не се само прашање на животниот стандард, туку и на демографскиот опстанок на државата.

„Песимистичкото сценарио на ОН предвидува дека до 2100 година нашата земја би можела да остане со само 524 илјади жители. Колку е поголем развојниот јаз меѓу нас и ЕУ, толку е посилен притисокот за иселување“, истакнал Османи.

Покрај ова, Османи предупредил и на други геополитички ризици. Во период кога, како што навел, сè почесто се зборува за „Јалта 2“, враќање на сферите на влијание и договори меѓу големите сили, Западниот Балкан не смее да дозволи да остане во сивата зона на Европа.

„Историјата нè научи дека кога големите сили преговараат за сфери на влијание, малите држави ризикуваат да станат предмет на договори, наместо субјекти на одлучување“, оцени тој.

Слични вести