Текстот е објавен на 15 април 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 824
Разговарале
Сунчица СТОЈАНОВСКА ЗОКСИМОВСКА
Олга СИМАНОВИЧ (Украина)
Анатолиј Гајдамака, најпознатиот украински уметник, е исфрлен од игра за музејскиот комплекс „Македонска борба – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунизмот“. Министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, официјално го назначи за надворешен соработник, беше во Киев во посета на неколку институции што Гајдамака ги осмисли, го пречека во Скопје, а потоа одеднаш големиот Гајдамака се почувствува непожелен!?
За мене останува мистерија – како тие прават музеј, вели сега големиот Украинец, кој тврди дека не знае зошто власта се откажа од неговите услуги. Гајдамака гради музеи веќе три децении и поставил повеќе од 40 музејски комплекси во светот, меѓу кои и во Русија, Полска, Канада и САД. Во решението, потпишано од министерката за култура на 19.12.2008 година, Гајдамака е назначен за надворешен соработник за музејскиот комплекс од аспект на ентериерот и постојната музејска збирка!
ФОКУС Што работевте за македонското Министерство за култура?
ГАЈДАМАКА Бев назначен како шеф на работната група за Музејот на македонската борба. Но, ако зборувам искрено, јас никогаш не сум ја видел оваа работна група. Не знам ни кои се членовите на групата. Запознав некои македонски научници и истражувачкиот тим. Се познаваме. Имавме и некои состаноци во 2009 година. Ме повика министерката за култура. Таа дури и ми даде место на советник. Имам и писмо со кое сум назначен за советник на министерот за култура на Република Македонија. Ја посетив Македонија и зборував со тимови на научници. Зборувавме со историчари, и тоа беше навистина добро друштво. Тие одлично си ја познаваат историјата. Секој од нив е специјализиран за одреден период. Имаат многу планови, но, ете, избрале пат кој јас не го разбирам!
ФОКУС На што конкретно мислите?
ГАЈДАМАКА Видете, некој нарачува нешто, некој нарачува восочни фигури, некој ги купува тие восочни фигури тука, во Украина, и ги носи во Македонија… А, притоа, никој не знае каде ќе бидат поставени толку многу скулптури!? Не постои таква концепција во Македонија, каква што има тука, во нашиот Воен музеј. Имаме оска која се следи низ целата егзибиција: Патот на војната. Патот е тежок и тврд. Ветераните сметаа дека тоа треба да биде прошетка низ убави соби со лустери и на прекрасен дрвен под во музејот.
Ова треба да биде воен музеј! Кога започнав да носам рѓосани пруги и измастени огради, тие пишуваа бесни писма! А јас им објаснив: Војната е валкана работа. Дали шетавте по паркет, кога се заземаше Берлин? Ова е ужасна нечистотија, но е животно дело. А вие тука сакате паркет!? Навистина не знам за восочните фигури – Каде ќе бидат поставени? Кои се тие кои ги смислија – навистина не знам. Кој ги носи тие восочни фигури во Македонија – никој не знае. Тие ги купуваат тука и само ги носат таму. Потоа ме прашаа за масовните слики на борбени сцени. Ми пишаа дека сакаат повеќе од 60 слики од борба. Ова е неверојатен број. Мислам дека студиото на Греков (Студиото на воени уметници на Греков) може да направи дел од нив, доколку е потребно. Тие се професионалци. Нема уметници тука во Киев кои можат да изработат диорама. Јас не би се зафатил да изработувам ваква сцена: Тоа е работа за еден живот, тоа е животно дело. Тие порачаа огромен број на воени слики. Навистина не знам, кој би ги изработил во Украина!? По мое мислење, тие не разбираат што значи ова!
ФОКУС Колку време му е потребно на еден уметник за да изработи масовна сцена?
ГАЈДАМАКА Ние немаме доволно уметници и немаме доволно ниту време за тоа квалитетно да го направиме. Студиото на Греков можеби може да ја направи таа работа, но ќе биде потребно долго време и луди пари. Во времињата кога немаше соодветна опрема, диорамата имаше уметничка и документарна функција. На пример, диорама на Рубов, кој настанот го видел со свои очи. Модерните уметници мора да ги проучуваат и најмалите детали на старите оружја, на униформите, за да ја пренесат сликата на војните што одамна завршиле. Студиото Греков може тоа да го направи. Но, во основа, тие до сега работеле само диорами на Втората светска војна. Еден уметник мора да ја научи историјата на Македонија за да изработи добра диорама. Проучувањето на само една слика може да одземе најмалку три години, затоа што целата облека, сите униформи до најмалото копче мора да бидат соодветни на времето кое се прикажува. Тоа е огромна работа, но никој во Македонија тоа не го разбира. Тие мислат дека диорамата е само слика!? Второ, тие немаат ниту доволно место да ги закачат сите овие слики. Ќе им бидат потребни четири музеи покрај реката за да ги сместат сите овие слики, но сепак – купуваат!?
ВОНЗЕМСКА ЦИВИЛИЗАЦИЈА ГО ПРАВИ ОВОЈ МУЗЕЈ!
ФОКУС Како сега гледате на тоа што е направено со музејскиот комплекс?
ГАЈДАМАКА Шокиран сум од ваквото поставување на музеј. Никој не се советуваше со мене. Некој отишол кај уметниците на Чернигов и нарачал некои портрети. Јас ги препорачав овие уметници, бидејќи тие можат да нацртаат борбени сцени, иако не онолку колку што им се потребни, но можат. Македонците сакаат овие сликари на борби да сликаат и портрети. Никој не доаѓа кај мене, никој не ми се јавува. Не знам кој доаѓа. Ова е некоја вонземска цивилизација која го прави овој музеј, ха-ха-ха…
Последен пат разговараа со мене на почетокот на 2010 година. Бев во Македонија минатата пролет или лето. Сепак, и натаму останува мистерија за мене, како тие прават музеј!? Сигурен сум дека немаат специјалист за музеи. Има архитекти. Архитектите изградија зграда. Значи, ја изградија. Некако сѐ уште е возможно таа да се прилагоди за музеј. Но, тоа апсолутно не е музеј. Тоа не се простории за музеј. Потребни се услови. Ова е само зграда, простор, соби. Ми ги испратија цртежите на зградата. Ги погледнав. Има три ката. Третиот кат е поврзан со вториот. Таа би била добра за резиденција или за палата. Ама, ако е за музеј, тогаш, кога една тура посетители ќе слуша на вториот кат, ехото ќе лета до третиот кат и ќе и пречи на друга група. Огромен хаос ќе се создаде таму. Тоа нема да биде музеј, затоа што ќе биде невозможно да се работи со различни групи во исто време. Јас предложив неколку трансформации во истите основни ѕидови. Меѓутоа, воопшто не знам дали ги прифатиле или не. Нема одговор – молк, тишина..!
ФОКУС Што се случи потоа?
ГАЈДАМАКА Побараа од мене да направам слика од стакло. Постои огромна купола. Знам еден уметник, Митко од Охрид, кој знае да прави слики од стакло. Тој може добро да ја изведе. Но, тој не може да даде нови идеи. Имаме ЦД кое ја покажува мојата идеја. Јас предложив да се отстранат сите столбови, целиот бетон и да се направи прекрасна отворена купола, каква што имаме на зградата на Советот. Таа е изградена во 1950 година. Денес со модерните технологии можете лесно да направите светла купола. Овој бетон е ужасен и не е функционален. Воопшто не им е потребен овој бетон, затоа што бетонската структура си создава сопствена слика, која не е јасна и светла. Куполата треба да има одредени симболи. Предложив интересна композиција од обоено стакло. Тоа е дрво на македонската историја со симболи и знаци на листови. Јас само го поставив принципот, а тој понатаму може да се разработува. Ова се нарекува концепт, а потоа работата продолжува. Но, не продолжи. Не знам дали го спровеле овој цртеж или не. Целосен молк!
ФОКУС Дали Ви платија за сево ова?
ГАЈДАМАКА Ништо не ми платија. Не сум добил никаков надомест. Никој не рече ниту фала. Мојата заработувачка никогаш не била проблем за мене. Но, ако проектот се одобри, мене ми се потребни пари за да вработувам луѓе, да направам некои дела, да купам материјали. Мојата работа е сегашност. Но, таа ми одзеде време и од свој џеб платив за 3Д анимацијата. Гледам на овие работи со доза на потсмев, на хумор. Македонците побараа од мене како надгледувач: Ајде да организираме група уметници. Побараа од мене биографија на уметниците, телефонски броеви, дури и криминални досиеја (уверенија за неосудуваност). Луѓето платија во полиција за да ги извадат сите овие информации. Потоа сите тие десетмина се собраа и си заминаа. Од тогаш се е тивко. Тоа е македонска карактеристика!
ЗАСТАРЕН КОНЦЕПТ ОД МИНАТИОТ ВЕК
ФОКУС Кој е Вашиот предлог, што треба да содржи Музејот?
ГАЈДАМАКА Јас мислам дека борбата на македонскиот народ треба да се прикаже преку документи наместо преку слики кои ќе бидат нацртани од уметници во Киев или Москва. Како може странец да навлезе во оваа македонска борба и да прикаже еден човек кој пресекува друг или некој човек кој пали нешто? Тоа наликува на пештерско време. Тоа е концепт кој застаре во 40-тите години. Тоа е размислување од минатиот век!
ФОКУС Каде ја шетавте македонската делегација кога беше во Украина?
ГАЈДАМАКА На Македонците им се допадна Националниот музеј на историјата на Големата патриотска војна од 1941-1945 во Киев. Министерката за култура веќе го посети, премиерот Груевски исто така. Тогаш се видовме. Но, таму нема слики. И нема восок. Нема ништо од она што тие го нарачаа, а ова е сепак добар музеј!
ФОКУС Дали сакате да продолжите да работите на комплексот ,Македонска борба,?
ГАЈДАМАКА Не се гледам себеси во оваа ситуација. Можам да им помогнам, само ако не го споменуваат моето име. Ако никој не кажува дека тоа е моја работа, бидејќи не знам што се случува. Знам дека работам на проект за Воениот музеј во Москва. Знам дека таму сум автор. Тие за секоја ситница се консултираат со мене. Би сакал да ја изработам сликата од стакло за Македонија и некои други делови. Можам да направам одлична работа за три дена. Но, тие не го бараат тоа од мене, не ми се обратиле. Не знам кој го води проектот на македонскиот музеј, не знам кој ги нарачува восочните фигури..!
ФОКУС Можеби има вистина во сомневањата на опозицијата дека се злоупотребуваат пари?
ГАЈДАМАКА Тоа е очигледно. Не е можеби, туку…
ФОКУС Зошто ги нарачуваат сликите во Украина, а не во Македонија?
ГАЈДАМАКА Во Македонија има само современи уметници, за модерна уметност. Ние имаме традиционална класична школа. Ние имаме советски уметници, кои на Европа ѝ даваат реалистична слика со нов начин на размислување.
ФОКУС Кои беа Вашите претходни ангажмани во Македонија?
ГАЈДАМАКА Црквата „Свето тројство“ во Македонија беше прва од моите сакрални работи. Морав да ги научам сите канони. Освен ова, се работеше за друга земја, друг начин на размислување. Беше навистина тешко. Возев низ цела Македонија, ги гледав фреските, македонската уметност, српската уметност, онаа од византискиот период. Навистина бев импресиониран од старите цркви во Македонија. За несреќа, ние не успеавме да сочуваме толку многу стари храмови како Македонците. Украина има некои мурали од 12-от век сочувани во Софија, но не толку многу уметнички дела како што останале во Македонија. Потоа, јас темелно ја проучував македонската декоративна уметност, нивната симболика. Ако посетам некоја земја, тогаш се обидувам да живеам според нејзината историја и култура!
КОЈ Е АНАТОЛИЈ ГАЈДАМАКА?
Студирал во Русија на „Строганоф“ (Државна уметничко индустриска академија во Москва). Завршил со диплома за монументално и декоративно сликарство – мозаици, обоено стакло, таписерии, сѐ што е фиксирано во една архитектура. Случајно почнал да се занимава со музеи, кога добил можност да го организира Музејот на книгата во Лаура, да помага, затоа што не можеле да го завршат на време. Следува Музејот на литературата во Одеса. Го поставил пред 28 години. Така почнала неговата кариера како музејски уметник. Потоа работел на Музеј куќата на Коцјубински во Чернихив на барање на неговата ќерка Микхалина. Неодамна го завршил Меморијалниот центар за глад и геноцид во Киев.Сега, Гајдамака работи на музејските комплекси во Екатеринебург и Москва. Вели дека негова „лебедова песна“ е Музејот на литературата во Одеса. Воениот музеј (Меморијален комплекс Национален музеј на историјата на Големата патриотска војна од 1941 – 1945 во Киев) само го променил. Црквата „Свето тројство“ во Македонија беше прва од неговите сакрални работи!