Дали Муцунски е градоначалник само на граѓаните кои мразат животни, прашуваат од Анима Мунди

by fokus

Со отстранување на куќарките кои активистите ги направиле за бездомните кучиња да ја минат зимата во нив, не се решава проблемот со бездомните кучиња! Градоначалникот Тимчо Муцунски да ги замени овие засолништа со нови, на сметка на општината, бидете ефикасни за создавање, како што бевте ефикасни за уништување – реагираат од здружението за заштита на животните Анима Мунди.

Оваа реакција доаѓа откако по критики на социјалните мрежи градоначалниот испратил инспекција на увид, и во вторникот тамошните служби ги расчистиле куќарките на кучињата во паркот, направени од активисти, а куќињата биле згрижени во ЈП Лајка.

Според Анима Мунди, ова е сосема погрешен чекор и не води кон решавање на проблемот, па јавно го прашуваат Муцунски дали е тој градоначалник само на граѓаните кои мразат животни.

-Актуелниот градоначалник на Општина Аеродром мисли дека проблемот со бездомните кучиња се решава со нивно лишување од засолништа на минусни температури!

По притисок на одредени јавни личности и ширење омраза од јавноста спрема бездомните кучиња од Општина Аеродром оваа недела два бездомни миленици на жителите од Аеродром беа заловени од страна ЈП Лајка и сместени на безбедно во стационарот заради страв од понатамошни постапки што можат поединци да ги преземат бидејќи знаеме, докажано е, во какво општество живееме.
Истите тие кучиња ќе бидат спроведени за вдомување.

Ние го осудуваме начинот на кој целиот тој немил настан беше “пријавен” од страна на јавна личност со користење на социјалните мрежи, што постигна само да се разбудат монструмите во нашата држава и да посегнат по животот на животни кои не по своја вина се на улица и не по своја вина немаат каде да живеат освен – на улица. Тие не се улични, туку бездомни.

Дополнително овој статус го поттикна градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски на минусни температури да им ги уништи засолништата на останатите бездомни кучиња во тој дел, куќарки за кои совесните жителите на Општина Аеродром вложиле да ги направат и да им обезбедат нешто пристојно каде што ќе можат да ја поминат зимата.

Наместо да го следи примерот на поранешни градоначалници кои донираа материјали и отстапуваа простор за активистите да направат куќарки за овие несреќни животни тој без трошка совест и хуманост постоечките ги фрли во отпад!
Ви се обраќаме лично градоначалнику, дали навистина мислите дека со отстранување на тие куќарки се решава проблемот со бездомните животни?
Дали вие сте градоначалник само на жителите во општината што мразат животни?
Имајте на ум дека Општина Аеродром како една од најголемите општини во Скопје има и еден од најголемите проценти на љубители на животни.

Бараме градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски да ги замени овие куќарки со нови, подобри, на сметка на општината. Бараме општината да биде исто толку ефикасна и експедитивна за создавање, колку што беше за уништување на куќарките кои граѓаните со сопствен труд ги поставиле за да си ги заштитат маалските миленици-наведено е во реакцијата на здружението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости