Денес е шести ден откако започна големиот пожар во близина на Пепелиште, Неготино, кој потоа ја зафати планината Серта, а веќе влезе и во атарот на Општина Штип.
За локализирање и гасење на пожарот се дејствува со воздухоплови, но бројни се и екипите на земја, составени од пожарникари, вработени во јавни комунални претпријатија, разни здруженија, месно население, како и доброволци од други краеви.
Неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов денес на терен ги однесе екипите на регионалната КТВ, од каде даде детално појаснување за пожарот и моменталните активности кои се превземаат за стабилизирање на состојбата.
Денес пристигна и меѓународна помош, два ер трактори и еден хеликоптер од Турција, кои заедно со двата ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување ќе започнат со гасење на другиот голем пожар во близина на Ново Село, струмичко, а потоа и на Серта.
„Фокус“ е во постојан контакт со претставници на надлежните екипи вклучени во гасењето, но и со месното население и доброволци кои шест дена се на терен.
Како што повеќето од нив раскажуваат, не може да се даваат прогнози за состојбата, бидејќи зависи од многу природни фактори, иако во еден момент изгледа дека се става под контрола, за доста кратко време се случува пожарот пак да се разгори.
-Дали можеше да се спречи оваа катастрофа од невиден размер, доколку навремено и соодветно се реагираше? Дали се направени пропусти уште на првиот ден, кога избувна пожарот околу 10 часот наутро во средата, тоа допрва ќе треба да се утврдува. Факт е дека нашата земја нема доволно капацитет за вакви ситуации, посебно во однос на спремни и достапни воздухоплови за гасење, велат мештани кои се местото на настанот речиси цела недела.
Речиси сите вклучени во гасењето тврдат дека помошта од воздухопловите е од клучна важност. Но, во Македонија проблемот со ер тракторите, кои ги има три на број, датира со години наназад.
Јавноста се сеќава на настаните од 2021 година, кога трите ер трактори беа приземјени во хангарите, во ек на летна сезона, среде бројни големи пожари, затоа што истите не биле сервисирани. Сервисирањето на овие авиони кои носат околу 3.000 литри вода, трае околу 40 до 45 дена. Во тој период се знаеше дека стоеле во хангарите две години, бидејќи не биле сервисирани, оти се чекало да падне тендер за добавувач-сервисер. Од ДЗС тогаш појаснуваа дека сервисерот барал многу висока сума.
Пожарите тогаш направија огромни штети, се уништи многу шума, и беше тоа удар врз животната средина и економијата.
Кон крајот на мај 2023 година од Дирекцијата соопштија дека еден авион е подготвен за летање, а двата биле на поправка во Хрватска и требало да бидат готови кон крајот на месец јуни. Сепак, од поправка се вратија дури кон крајот на месец јули 2023 година, во ек летните горештини, кога опасноста од пожари е на највисоко ниво.
Но, проблемот со авионите се активираше повторно оваа пролет, кога двајца од пилотите заминаа во пензија. Јавноста е револтирана затоа што не се реагирало на време и авионите биле оставени без пилоти, посебно среде лето, па сега откако се случи хаваријата со пожарот кај Неготино, повторно се ангажираа пензионираните пилоти.
– Да се работи на превенција, а не да се чека да се случи немил настан, па да се реагира, велат граѓани од Неготино, кои се вклучени во гасењето на пожарот.
Додаваат дека државата треба да ја научи лекцијата од сегашните настани, и на превентива од летни пожари треба да се мисли уште во зима.
-Ер тракторите треба да бидат спремни во секое доба од годината, и без тоа ги немаме во доволен број. Ситуацијата со пожарот дефинитивно ќе имаше друг правец доколку уште првиот ден се вклучеа авионите во гасење. Во една ваква состојба, секоја секунда е важна, сметаме дека се изгуби многу време. Штетата е огромна, ќе треба да поминат децении за да се обнови оваа шума.
Би порачале да се вложува во овој сектор, да се набават уште ер трактори, да се обучат поголем број на пилоти. Од терен, гледаме дека токму тие го завршуваат најголемиот дел од работата при гасењето, но многу се важни и силите на копно, кои откако ќе поминат авионите, ги гасат помалите пламени зад нив, за да не се разгорат повторно, раскажуваат луѓето кои доброволно гасат.
Тие уште во саботата преку „Фокус“ апелираа државата да побара помош од други земји, во вид на воздухоплови, појаснувајќи ја крајната сериозност на ситуацијата и потсетуваат на приказната со штурецот и мравката, порачувајќи дека на време треба да се мисли и да се превенираат вакви катастрофи.
Вики Клинчарова