Дали Мицкоски ќе прифати средба со Ковачевски?

ВМРО-ДПМНЕ смета дека лидерот на СДСМ ќе биде некредибилен премиер, вели за Фокус висок партиски функционер, додавајќи дека, сепак, ќе почекаат да стигне поканата за средба.

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ смета дека лидерот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски, кој веќе до Собранието достави предлог за членови на влада и предлог-програма, ќе биде некредибилен премиер.

Сепак, не се исклучува можноста за средба меѓу Ковачевски и партискиот лидер Христијан Мицкоски, бидејќи, како што неофицијално велат од опозициската партија, ќе почекаат да стигне поканата.

-Да не брзаме, нека го изберат прво некредибилниот премиер, нека стигне поканата за средба, па потоа ќе разговараме за средбата и за теми – вели за Фокус висок партиски функционер.

Вчера, Ковачевски најави дека откако ќе биде избран за премиер ќе упати покана до Мицкоски за средба, на која, како што рече, ќе разговараат за сите отворени теми и прашања.

Инаку, седницата за избор на нова влада, која треба да се потпира на парламентарно мнозинство на СДСМ, ДУИ, Алтернатива и „помалите“ партии што досега беа дел од власта, е закажана за сабота.

В.С.

Поврзани новости