Дали Мицкоски ќе ги „гаѓа“ Коцевски, Бислимоски, Муслиу и другите избрани од претходната власт?

by Fokus

Клучните приоритети – гонењето на криминалот и корупцијата, безбедноста и стандардот на граѓаните, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да ги спроведува делумно и со кадри избрани или именувани од претходното мнозинство и власт на СДСМ и ДУИ. Станува збор за функционери, кои ВМРО и Мицкоски жестоко ги критикуваа како опозиционери, тврдејќи дека тие ги девастирале институциите. Оттука, се поставува прашањето дали ќе има предвремена смена на државниот обвинител, на првиот човек во регулаторот за енергетика, на директорот на разузнавачката агенција, на претседателката на антимонополската комисија, како и на дузина други функционери со важечки мандат од уште неколку години?

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќето области, девастирана до мера на непрепознатливост, каде што институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност.

Вака ги оцени институциите, новиот премиер Христијан Мицкоски, во своето експозе пред пратениците и пред јавноста. Новата влада ја нарече влада на економија и развој, но и најави конечна одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите.

И во програмата на новата влада пишува дека нејзина носечка цел е да ја обнови довербата во институциите на државна власт, да ја елиминира корупцијата и да обезбеди владеење на правото.

На сегашната опозиција, а претходно владејачка СДСМ, ѝ порача дека изборите ги изгуби „затоа што ви играа фудбалчиња понижувајќи ве, пред сѐ вас како личности, вашите коалициски партнери, а потоа и Македонија како држава“.

Токму сомневањата за криминал на функционери од ДУИ и нивното испраќање во опозиција беше главната „победа“ на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски најави дека и лично ќе се заложи против криминалот. Но, оние кои законски треба да расчистат се обвинителствата.

А, на чело на републичкото јавно обвинителство, непосредно пред да бидат распишани изборите, тогашното владејачко мнозинство СДСМ-ДУИ го изгласаа Љупчо Коцевски, кој, законски, шест години треба да биде на чело на сите обвинителства.

Сите обвинители и раководители на обвинителства, за својата работа одговараат пред републичкиот јавен обвинител, односно во случајот пред Коцевски, кој е главен на сите обвинителства. За својата работа, „рапорт“ дава единствено пред Собранието.

За тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, скандал беше да се избира обвинител еден ден до распишувањето на изборите. Тие не го проблематизираа неговото искуство, туку тоа што е поддржан од владејачката коалиција СДСМ-ДУИ.

Освен корупцијата, одбраната и безбедноста беа едни од најкритикуваните области додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција.

Агенцијата за разузнавање, која е под надлежност на претседателот на државата, ја води Ерол Муслиу, кој во два мандати го именуваше поранешниот претседател Стево Пендаровски.

Лани почна да му тече неговиот втор мандат, а од Кабинетот на претседателот конкретно не одговорија на нашите прашања дали планираат смена на Муслиу.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, а сега и министер за транспорт, Александар Николоски, од опозиција дури ја обвини Агенцијата за разузнавање, на чело со Муслиу, дека ја прислушува опозицијата што од АР експресно го демантираа.

Но, одговорот на ова прашање можно е да го пишува во програмата на новата влада, каде што се предвидува спојување на Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во една единствена модерна безбедносно-разузнавачка служба.

АНБ, во 2022 година доби нов директор, Зарко Милошевски, кој го наследи Виктор Димовски. Тогашната опозиција, ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше неговиот избор и обвинуваше дека е пулен на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ.

Според информациите што тогаш ги пласираа, Милошевски за време на нападот во „Диво насеље“, каде што загинаа осум полициски припадници, бил началник на единицата за екстремизам во УБК и направил погрешна проценка на состојбата.

АНБ и ОТА (Оперативно-техничката агенција) произлегоа од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање по големиот скандал дека УБК прислушувала над 20 илјади граѓани.

Стандардот на граѓаните, според новиот премиер, а кој особено ќе зависи од цената на струјата, парното и целокупно енергетиката е, исто така, во фокусот на новата влада, па беше формирано и ново министерство за енергетика.

Сега од јули се најавува поскапување на струјата, а главен регулатор за цената на струјата е Регулаторната комисија за енергетика на чело со Марко Бислимоски.

Тој, пак, минатата година доби нов мандат од 5 години, а Мицкоски првично тврдеше дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не може сега да интервенира и да ја врати цената на струјата, туку од 1 јануари, кога ќе почне новиот период на регулирање на цената. Но, за неколку дена ја смени одлуката и предложи измени на Законот за енергетика.

Тој е свесен дека со новото мнозинство, со оглед на тоа што Бислимоски доби нов мандат со мнозинство на СДСМ и ДУИ, можно е да има негова смена.

Тоа секогаш е можно. Начинот на кој комуницираат владата и Регулаторната комисија е точно прецизиран во Законот за енергетика. Ние, како регулаторна комисија, поминавме ковид-криза, енергетска криза, исклучително тешки периоди – вели Бислимоски.

„Фокус“ испрати прашања до ВМРО-ДПМНЕ дали ќе има смени или новата коалиција ќе соработува со функционерите избрани од СДСМ – ДУИ кои се на клучни позиции во борбата против криминалот, Коцевски, безбедноста и стандардот за граѓаните, конкретно за Муслиу, Милошоски и Беслимоски.

Од партијата не одговорија конкретно на нашите прашања, ниту потврдија, ниту демантираа, но од одговорот може да се сфати дека за сите кои ќе има докази за незаконско работење органите да постапуваат и да поведат постапка.

-Во однос на вашите прашања за конкретните лица, а во врска со кадровските назначувања, ВМРО-ДПМНЕ вети дека политиките ќе ги спроведува согласно Уставот и законите, па врз основа на тоа по собирањето на евентуални докази за нивно незаконско работење или постапување, надлежните органи потребно е да поведат соодветна постапка. Довербата во судството, но и институциите во целина е на ниско ниво и истото може да се подобри исклучиво со работење согласно постоечките норми и одредби од Законот и Уставот, се вели одговорот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости