Дали Максим Димитриевски ќе биде новиот Тито Петковски?

И двајцата одлучија да започнат нови политички проекти поради неостварени амбиции и внатрепартиски конфликти во СДСМ. На локално ниво, Димитриевски веќе соработува со ВМРО-ДПМНЕ, па времето ќе покаже дали двете страни ќе направат постизборна коалиција на централно ниво. Тоа своевремено го направи Петковски, но за 2 години се врати во старото јато.

by Фокус

Иако на последната анкета на ИРИ не се појави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, сепак, тој и неговото политичко движење, кое, според најавите, во септември треба да прерасне во политичка партија, очекуваат да одиграат значајна улога на следните парламентарни избори.

Во неколку јавни настапи во последниот период, Димитриевски прво оптимистички најави дека тој ќе ја предводи идната влада, додека потоа малку ги скроти очекувањата, па истакна дека неговата партија во најава ќе биде клучот за формирање на идната влада.

Како и да е, аналитичарите очекуваат дека партијата на Димитриевски, во која тој најавува дека ќе има општественици, бизнисмени па и академци, ќе биде парламентарна партија, а најдобар резултат се очекува да постигне во втората изборна единица, каде впрочем влегува Куманово.

Често се прават аналогии меѓу Димитриевски и Тито Петковски, кој исто така своевремено се отколони од СДСМ и ја формираше НСДП, по што постигна респектабилен изборен резултат и направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводена од Никола Груевски.

Инаку, НСДП на Петковски во 2006 година освои над 50 илјади гласови, што и донесе 7 пратенички мандати со кои ја поддржа владата на Груевски. Но, оваа политичка љубов траеше само 2 години, до следните избори во 2008 година, кога двете партии ја прекинаа соработката, а НСДП се врати во старото јато и до денес е стабилен партнер на СДСМ.

За потсетување, пред да ја формира НСДП Петковски не ја доби довербата повторно да биде претседателски кандидат на СДСМ, откако на претходните избори буквално му беше украдена победата од Борис Трајковски и ВМРО-ДПМНЕ. Наместо него, во претседателката трка одлучи да влезе тогашниот сдсмовски лидер и премиер Бранко Црвенковски.

Што се однесува до Димитриевски, пак, тој долго време беше во одреден конфликт со централата, која тактизираше со неговата кандидатура за втор градоначалнички мандат во Куманово, иако некои истражувања го исфрлуваа како најдобар градоначалник заедно со Арбен Таравари (Гостивар) и Митко Јанчев (Кавадарци). Во таква ситуација, одлучи да истрча како самостоен кандидат и успеа да победи.

Кога Петковски го почна новиот политички проект, СДСМ беше на власт, а ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, додека исто е и сега кога тоа го прави Димитриевски. Дека Димитриевски може да го следи патот на Петковски, што би значело постизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ, оди тоа што тоа веќе имаат соработка на локално ниво, каде вмровски кадри предводат општински јавни претпријатија.

На последните локални избори, ВМРО-ДПМНЕ официјално го поддржа Димитриевски во вториот круг, кога тој се соочи со кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски. Меѓутоа, има индиции дека соработката била воспоставена малку поодамна.

Имено, и кандидатот за кумановски градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Тони Михајловски во една прилика јавно обвини дека матичната партија го предала и дека тој бил жртвено јагне. Според него, ДПМНЕ и Христијан Мицкоски уште во старт играле на картата на Димитриевски, со цел да создадат проблеми со СДСМ.

Дури, како што рече Михајловски, Димитриевски самиот му го признал тоа и му кажал дека после избори ќе му открие кој му работел зад грб. Но, како што рече, се уште не ја добил таквата информација.

Засега, политичката траекторија на Димитриевски има многу сличности со онаа на Петковски, со тоа што времето ќе покаже дали ќе се повтори во целост, односно дали ќе се повтори сценариото десничарското ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски после избори да стигне до парламентарно мнозинство со левичарот Димитриевски, како што порано му успеа на Груевски со Петковски.

Влатко Стојановски

Поврзани новости