Дали корона вирусот е појавен многу порано, но се „мешал“ со сезонскиот грип?!

by Fokus

Текстот е објавен на 23 април во неделникот „Фокус“ во бројот 1281 

Последните статистички податоци покажуваат дека годинава од сезонски грип се разболеле 33.112 граѓани, додека, пак, лани истиот период оваа бројка изнесувала 21.531 заболен, што значи зголемување за 61 отсто во споредба со минатата сезона. Статистиките, исто така, покажуваат дека најстрашни месеци се јануари и февруари, односно во јануари биле регистрирани 6.315 заболени, додека, пак, во февруари таа бројка изнесувала 19.874 заболени само за тој месец, што значи дека само во една недела се регистрирани од 4 до 5.000 нови случаи. Истиот период лани, бројките се двојно помали

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Корона вирусот уште од декември лани се појави во Вухан, град во централна Кина, кој претставуваше прво жариште на опасниот вирус, од кој досега заболеа повеќе од 2,4 милиони граѓани низ светот, а 165.093 починале. Со најмногу смртни случаи од заразниот вирус се соочија САД, Италија, Шпанија, Велика Британија…

Во Северна Македонија досега, од официјалното појавување на првиот случај од 26 февруари годинава има повеќе од 1.200 заразени и околу 50 починати од смртоносниот вирус, кој коси низ светот.

Ковид 19 е непознат вирус за епидемиолозите, односно тие за првпат се соочуваат со ваков вид зараза, која се шири со брзина на светлината. Од тие причини, речиси низ целиот свет веќе месеци наназад се воведени рестриктивни мерки, затворени граници, затворени факултети, училишта и детски градинки, затворени угостителски објекти, полициски часови…

Како што поминува времето и како што секојдневно се зголемува бројот на заразени и починати во земјава, така сѐ повеќе прашања остануваат без одговори.

Факт е дека опасниот Ковид 19, засега, им е непознат на стручните лица, односно се појави како нов вирус, кој наводно досега не постоел, не е клинички испитан, без вакцинален третман и со различни манифестации на симптоми кај различна категорија луѓе. Сѐ што се прави околу заразниот вирус е на база на експеримент, нема соодветна терапија, како на пример што беше „тамифлу“ за познатиот свински грип, од кој во пандемската 2009 година починаа 33 лица.

Исто така, се експериментира со различни видови лекови за да се види како би дејствувале врз заболените. Некои од заразените имаат полесна клиничка слика и завршуваат на домашно лекување, додека дел, посебно хронично болните се најмногу на удар на ова заболување, кое може да биде кобно за нив.

Според досегашните искуства, поточно од овие два месеца, колку што трае корона кризата во земјава, може да се заклучи дека симптомите на опасниот вирус, ако не се нагласуваат постојано по медиумските кампањи се слични на оние на сезонскиот грип, па нема да изненади овој вирус уште многу порано да се појавил во државата, со оглед на тоа што и бројките на заболени се речиси за 12.000 повеќе од лани?

КОЈА Е ПРИЧИНАТА ЗА БРИС ЗА КОРОНА КАЈ ПОЧИНАТАТА ВЕЛЕШАНКА?

Како што поминува времето, така сѐ повеќе се плетат разни приказни околу новиот вирус, за кој никој ништо не знае.

Работите дополнително добија нов тек, откако министерот за здравство Венко Филипче на една од редовните прес-конференции истакна дека починати мајка и син се пронајдени мртви во својот стан во Велес и дека жената е позитивна на корона вирусот, односно тој бил откриен со направен тест веднаш по нејзината смрт.

Првично, во јавноста се зборуваше дека починатата велешанка веќе два месеца била мртва, односно од 6 јануари годинава, што според таа логика, жената вирусот во себе го носела цели два месеца.

Оттука, се поставија бројни прашања: Kако вирусот може толку долго да опстои во еден организам, поточно посмртно? Кога настапила смртта? Како починале и мајката и синот што биле пронајдени заедно? Дали има траги на насилство? Како починатата жена го закачила корона вирусот кога наводно не излегувала од дома? Тоа што е уште почудно во целата ситуација – кој е поводот посмртно да ѝ биде земен брис за корона вирус, со оглед на тоа дека секојдневно во билтените на Министерството за внатрешни работи можат да се забележат слични случаи, па сигурно на сите нив не им земаат брисеви за да детектираат дали има присуство на опасниот вирус?

Првиот човек во здравството, на прес-конференцијата во вторникот истакна дека завршила обдукцијата на починатите мајка и син во Велес и, според информациите, тие починале три до пет недели, откако првично биле пронајдени, што значи починале во март, а не во јануари.

Филипче нагласи дека и понатаму ќе се истражува причината за смртта, но тој во ниту еден момент не спомена дали има информации дека жената имала корона вирус и како се заразила, нешто што претходно го кажа на прес-конференција. Тој единствено го нагласи временскиот период – кога тие починале, додека заразата од корона вирусот не ја ни спомена.

Случајот предизвика сомнежи дали можеби корона вирусот е присутен во земјава уште од декември, а Филипче на пресот на 10 април не ја исклучи таа можност, со оглед на присуството на големата зараза од грип, што годинава е во алармантни бројки.

Само два дена подоцна, доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на видеосесијата „Сѐ за корона вирусот“ истакна:

Тоа што е многу важно да се каже е дека со тестот се детектира генетски материјал. Не мора да значи дека тестот укажува дека постои жив вирус, едноставно е најдена нуклеинска киселина, која одговара на вирусот. Сѐ уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена е навистина инфицирана или не – додаде Микиќ.

Сепак, овој случај ја разбранува јавноста, па се наметна прашањето – „Колку точно време „владее“ корона вирусот?

САМО ВО ФЕВРУАРИ 19.874 ЗАБОЛЕНИ ОД СЕЗОНСКИ ГРИП

Оваа сезона во последните девет години може да се смета за најалармантна во однос на бројките на заболени од сезонски грип, кој од тоа што може да се види на веб-страницата на Институтот за јавно здравје до лани тие бројки се движеле од 20.000 до 35.000.

Сепак, оваа сезона е по многу работи поразлична од претходните, и тоа и во однос на бројките со појавувањето на заразниот корона вирус. Последните статистички податоци покажуваат дека годинава од сезонски грип се разболеле 33.112 граѓани, додека, пак, лани истиот период оваа бројка изнесувала 21.531 заболен, што значи зголемување за 61 отсто во споредба со минатата сезона.

Статистиките, исто така покажуваат дека најстрашни месеци се јануари и февруари, односно во јануари биле регистрирани 6.315 заболени, додека, пак, во февруари таа бројка изнесувала 19.874 заболени само за тој месец, што значи дека само во една недела во просек се регистрирани од 4.000 до 5.000 нови случаи.

Истиот период лани, бројките се двојно помали. Тоа што е специфично за оваа година на сезонски грип е тоа што најмногу на удар се децата на училишна возраст, односно од 9 до 15 години.

Од друга страна, пак, смртните случаи покажуваат дека во сезоната 2018/2019 година починале 29 заболени од сезонски грип, што е втора година по најмногу починати по пандемската 2009 година, кога од свински грип починаа 33-ца. Според статистичките податоци на Институтот, годинава од сезонски грип починале тројца граѓани. Сепак, откако се појави корона вирусот, вниманието на сите е насочено во тој правец, па повеќе не се споменуваат ниту заболени, ниту починати од сезонски грип.

„Фокус“ ги обезбеди и бројките на заболени и починати од сезонски грип во последните седум сезони, па така во 2013/2014 година имало 29.074 заболени од сезонски грип, од кои 12 починале. Само една сезона подоцна, 2014/2015 имало 33.228 заболени, но немало ниту еден починат, додека во 2015/2016 година 29.094 и само двајца починати. Сезоната, пак 2016/2017 има најмногу заразени досега, односно 35.079 и двајца починати, а во 2017/2018 година таа бројка изнесувала 23.959 заболени и немало починати.

Со оглед на тоа, дека многу прашања поврзани со корона вирусот се непознати, односно овој вирус е една голема мистерија за која единствено познато е дека заразата се шири многу бргу. Опасниот вирус можно е да се појавил многу порано во земјава, откако беше регистриран првиот случај, но тоа не се знаело, бидејќи ако не се знаат точните симптоми, може слободно да се претпостави дека станува збор за сезонски грип.

Јас сум првиот што посочи и мисли дека корона вирусот го има многу порано во земјава, уште пред да биде регистриран првиот случај. Тоа го покажуваат и бројките, односно големата разлика во бројките на заболени од сезонски грип лани и оваа година. Тоа што дополнително докажува дека опасниот вирус е присутен можеби од јануари е тоа што половината од училиштата беа празни, децата беа болни, а, исто така, беа преполовени и институциите, што не било случај лани. Можно е многу да го прележале Ковид 19, мислејќи дека станува збор за сезонски грип – истакна Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје.

Во последно време, сѐ почесто се споменуваат брзите тестови кои откриваат дали некој веќе го прележал опасниот вирус. Дури и властите во неколку наврати досега истакнаа дека се во план да се набават вакви тестови за да се провери од кога корона вирусот се појавил во земјава. Поточно, потребно е да се направи масовно тестирање за да се види колку веќе од заболените од сезонски грип го прележале заразниот вирус. Тоа што, исто така е специфично за овој вирус, е што многу од заразените воопшто немаат никакви симптоми, па тие се и најголеми преносители.

Ситуацијата со корона-кризата допрва ќе се расплетува, односно епидемиолозите и вирусолозите допрва ќе истражуваат што се крие зад опасниот вирус, кој го клекна светот на колена, не само здравствено, туку и економски. За кратко време, мерките ќе олабават, животот колку-толку ќе се врати во нормала, но дали ние ќе можеме да се вратиме во нормала?

Рамка1:

Се зголемува бројот на излекувани, а се намалува на новозаразени

Во последните неколку дена, владините функционери на речиси сите прес-конференции упорно најавуваат олабавување на рестриктивните мерки.

Тоа што може да се забележи во редовните дневни извештаи на Министерството за здравство е дека прво за што информираат е бројот на излекувани пациенти, па подоцна даваат информации за тоа колку новозаразени и починати пациенти има од корона вирусот.

Во вторникот, до затворањето на весникот, беа регистрирани само седум новозаразени од корона вирус, што покажува дека бројките секојдневно се намалуваат, додека, пак, во истиот извештај имаше нови 24 излекувани, со што вкупната бројка достигна и до 224 оздравени пациенти.

Рамка2:

Германски доктор заразен со Ковид 19 оди на работа во заштитна облекаВо Северна Македонија, секој што имал контакт со заразен од Ковид 19 мора да остане во самоизолација во наредните 14 дена. Тоа е нешто што најчесто го слушаме во последните два месеца. Но, сите земји не функционираат на истиот начин.

„Фокус“ поразговара со вработена докторка во болница во Германија, која ни кажа дека нејзиниот началник на одделение е заразен од корона вирусот, но нормално оди на работа, редовно дежура и секогаш е опремен со заштитна опрема.

Рамка3:

Исланд спроведе масовно тестирање, 42 отсто од позитивните без симптоми

 Исланд спроведе тестирање за новиот корона вирус на 10 отсто од својата популација, а оваа мала земја од 364.000 жители почна со тестирање еден месец пред да се потврди првиот пациент на таа територија, пренесува Хина.

Со програмата се реализирани две кампањи на тестирање. Со едната, опфатени се лица со симптоми слично на оние предизвикани од корона вируси и лица што се вратиле од најризичните земји или што биле во контакт со заразените. Тие тестирања покажале дека 13,3 отсто од над 9000 тестирани луѓе биле заразени.

Студијата откри дека дури 43 отсто од луѓето кои биле позитивни на тестот немале никакви симптоми или барем немале во моментот на тестирање.

 

Поврзани новости