Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја призна грешката, дали истото ќе го направи и Али Ахмети од ДУИ, прашуваат од ВЛЕН, откако Филипче вчера призна дека претходната владејачка гарнитура направила грешка со измените на Кривичниот законик, со што се намалија и застареа казните за поранешните функционери.
Од ВЛЕН велат дека скандалите и корупцијата инсталирани од ДУИ и нејзините сателити ја поткопале довербата во судството, го попречиле економскиот развој и социјалниот напредок. Од таму потсетуваат дека измената на Кривичниот законик од ДУИ била презентирана како усогласување со европските стандарди.
„Ова беше уште еден обид за измама на граѓаните и за заштита на нивните лични интереси на штета на правдата и транспарентноста. Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја призна грешката, дали истото ќе го направи и Али Ахмети? Спротивно на горенаведеното, коалицијата ВЛЕН е посветена на следење на чист и чесен пат. Се потпираме на поддршката од граѓаните за да изградиме подобра иднина за нашата земја“, се вели во соопштението.