Дали „Хашките случаи“ ќе оживеат и ќе се разбудат духовите од 2001 година?!

by fokus

Ќе се разбудат ли духовите од 2001 година? Оваа прашање се наметна на почетокот на годинава, кога комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, испрати писмо до македонската влада (која сега е во нов состав) и побара да се поништи амнестијата за „Хашките случаи“ и да се отворат досиејата што беа вратени од Хашкиот трибунал, со порака да ги процесуираат домашните судови.

Од вооружениот конфликт поминаа 23 години, а повеќе од 15 години откако четирите судски предмети во 2008 година беа вратени од Хашкиот трибунал во Македонија. Дома правдата не беше спроведена, бидејќи прсти вмеша и политиката. Па, наместо судски финиш, предметите добија политички заплет.

Но, сега прашањето повторно се актуелизира и поради фактот дека пред Уставниот суд има иницијатива кое може да ги „оживее“ „Хашките случаи“. На прашањето на „Фокус“, дали оваа иницијатива е ставена на дневен ред, го добивме следниот одговор:

-Се уште се води претходна постапка. Штом таа ќе заврши иницијативата ќе се стави на дневен ред, ни одговорија од Уставниот суд.

Дали приказната навистина е завршена или не, сепак ќе треба да каже Уставниот суд, односно наскоро ќе треба да пресече дали случаите остануваат закопани во минатото или, пак, обвинителството и судовите ќе добијат задача да постапуваат.

ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ ЈА ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВАТА

Подносител на иницијативата е Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, со која бара поништување на автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија, бидејќи е во колизија со неколку домашни и меѓународни законски прописи.

„Имено, член 112 од КЗ е дециден и категоричен дека не постои застарување кривични дела за кои со ратификувани меѓународни договори е предвидена незастарливост.
Доколку вака наведената законска норма се анализира со член 51 од Протокол 1-Дополнителен протокол кон Женевските конвенции од 12 август 1949 година, ќе се дојде до заклучок дека автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија е недозволено и неуставно“, се наведува во иницијативата.

Во неа се заклучува дека со наведеното законско решение, всушност се кршат меѓународните норми, со тоа што во конкретниот случај, во конфликтот во 2001 година, имавме директни напади на цивили, со цел да се шири терор меѓу цивилното население, што е недозволено според Женевската конвенција.

„Во меѓународните норми е децидно наведено дека „цивилното население и цивилните поединци уживаат општа заштита од опасностите што произлегуваат од воени операции“, што во конкретниот случај во конфликтот во 2001 година не беше исполнето, што упатува на околноста дека со автентичното толкување се постапува спротивно на меѓународно ратификуван договор.

Исто така, автентичното толкување е во спротивност со член 11 од Уставот, кој децидно стимулира дека „се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување“, пишува во иницијативата.
Во членот 1 од Законот за амнестија е дефинирано дека нема да одговараат лица, кои и пред 1 јануари 2001 година, но и до 26 септември 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. Но, тука има еден исклучок, кој гласи:

„Одредбите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат на лицата што извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка“.

Во превод, исклучени се Хашките случаи, зошто за нив била поведена постапка пред меѓународниот суд. Но, со автентичното толкување се даде нов правец.
Пратениците го избришаа ЌЕ, и толкуваа дека амнестијата не важи само за случаите за кои ХАГ повел постапка.
Според нивната правна логика, тоа што случаите се вратени постапката не била поведена. Па така, и овие случаи мазно ги амнестираа.

УСТАВНИОТ СУД ВЕЌЕ ЕДНАШ ОДЛУЧУВАШЕ

Овој случајот дополнително го усложнува тоа што веќе еднаш, во 2012 година, највисокиот суд зазеде став околу автентичното толкување, кога, исто така, беше поднесена иницијатива за оценување на неговата уставност.
Тогаш судот ја отфрли иницијативата со образложение дека автентичното толкување не е подобно за уставно-судска оцена.

Според наведеното во решението од пред 13 години, за Уставниот суд, членот 1 од Законот за амнестија и автентичното толкување се едно исто.

„Произлегува дека автентично толкување претставува скратена содржина на членот 1 од Законот. Тие меѓусебе се разликуваат по тоа што во законскиот текст е содржана формулацијата: „ќе поведе постапка“, а во толкувањето е содржана формулацијата: „повел постапка“.
Останатите изрази употребени во толкувањето се сосема идентични со законскиот текст“, се наведува во решението.

Оттаму, како што навеле уставните судии, даденото автентично толкување е без суштинска нова содржина, која би требало да биде во функција на интерпретација на нормата за која се дава толкувањето, односно во суштина да ја разјасни недоволно јасната норма, што овде не е случај.

„Ова имајќи ја предвид целта што треба да се постигне со автентично толкување, а тоа е со него да се даде појаснување што се сакало да се постигне со таквата норма, како и тоа што тоа ќе значи во примената и како ќе се одрази постојната норма.
Тргнувајќи од наведеното, Судот смета дека содржината на конкретното автентично толкување, која во себе не содржи какво било појаснување по однос на тоа како треба да се разбере содржината на членот 1 од Законот и како треба тој да се примени, Судот оцени дека истото не е подобно за уставно судска оцена“, пишува во решението од 2012 година.

Објаснувајќи зошто Уставниот суд не е надлежен, судиите навеле:

„Уставниот суд не е надлежен да детектира за кое обвинето лице, за кое конкретно кривично дело, за кој конкретен формиран предмет ќе се однесува автентичното толкување од причина што на тој начин би преземал надлежност на Собранието на Република Македонија, на редовните судови и обвинителството, односно би навлегол во практичната примена на самиот закон.
Поради тоа, секое поинакво толкување на автентичното толкување и впуштање во давање на одговор на наводите од иницијативите во суштина би го навел Судот преку своето мислење да нормира односи кои се надвор од неговата надлежност пропишана со Уставот”.

КАКО ДОЈДОВМЕ ДО ТУКА

Во 2002 година, по седумесечниот вооружен судир меѓу македонските вооружени сили и албанските бунтовници на Ослободителната народна армија (ОНА) беа отворени истраги за пет случаи на воени злосторства – „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Липковска брана“, „Мавровски работници“ и „Раштански лозја“.

Нешто подоцна овие предмети ги презеде Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.
Но, кога Трибуналот реши да се фокусира само на високопрофилираните предмети, со цел да завршат што повеќе случаи пред да се затвори во 2017 година, на Македонија, во 2008 година ѝ беа вратени четири од петте предмети.
Тоа беше направено со насока судски да ги заврши, нешто што тогаш го дозволуваше Законот за амнестија од 2002 година.

Но, тие никогаш не добија судска завршница, бидејќи, наместо во судот, се преселија во Собранието, каде што им пресудија политичарите.

Откако три години фаќаа прашина, во 2011 година, во духот на новата владина коалиција, ВМРО- ДПМНЕ, во договор со ДУИ, изгласаа автентично толкување на Законот за амнестија, со што им ставија крај на случаите што допираа до врвот на интегративците, односно до Али Ахмети и Талат Џафери, но и до уште десетина нивни функционери.

СЛУЧАИТЕ СЕ ЧУВААТ, НО СЕ ТЕНКИ

Од Уставниот суд, уште кога се актуелизираше прашањето, во февруари, ни посочија дека не може предвреме да се каже каков ќе биде ставот на судот.

„Судот може да постапува доколку има поднесено нова иницијатива, каков став ќе заземе по конкретното прашање не може однапред да се прејудицира бидејќи Уставниот суд одлучува на седница со мнозинство на гласови“, појаснуваа од судот.

Од таму појаснуваа и дека, иако во 2012 година беше отфрлена иницијатива за оценување на уставноста на автентичното толкување, со образложение дека тоа не е подобно за уставно-судска оцена, сепак и сега ќе постапуваат.

„Имајте предвид дека секоја иницијатива и наводи се посебни и не може да се прават паралели и споредба, за да се прејудицира однапред некоја одлука. Судот ќе го изрази мислењето за конкретната иницијатива на седница, што значи ќе има дискусија, па гласање на предлог за одлучување“, ни одговорија од Уставниот суд.

Штом веќе еднаш судот одлучил по ова прашање, постои голема можност и сега да се повикаат на истото решение, но, сепак, има и шанса да постапуваат доколку иницијативата отвара нови дилеми.

Но, сепак, упатените велат дека по толку години не може да се очекува правда и доколку предметите влезат во судница. Поточно, соговорниците со кои разговаравме, се присетуваат дека овие предмети не биле докрај истражени, па освен годините што поминале, отежителна околност е што случаите не биле добро сработени.

Од нив единствено „Мавровски работници“ влегоа во судница, но и таму е прашање дали може да се дојде до вистината. За овој грозоморен случај беа обвинети 22 поранешни припадници на ОНА, кои се гонеа за киднапирање и измачување на седуммина градежни работници.
Според нашите сознанија, повеќето оштетени во случајот се веќе починати, но уште и во времето кога се судело, имало проблем со препознавањето на злосторниците.

„Кога го извршиле злосторството, повеќето злосторници имале бради, а во судница се појавија обвинети со избричено лица. Уште тогаш беше тешко, а не, пак, сега по толку години да се изврши препознавање“, се присетува нашиот соговорник.

Но, во архивите на Хашкиот трибунал е зачуван документ од 2002 година, според кој, тогашниот републички јавен обвинител Ставре Џиков навел дека се водат кривични постапки за случаите „Водството на ОНА“, „Непроштено“ и „Липковска брана“, со тврдење дека сторителите на злосторствата се откриени.
Како осомничени биле посочени 56 лица, а нагласил и дека им доволно докази за три од случаите и тоа „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“ и „Липковска брана“, изразувајќи мислење дека може да се очекува осуда.

Валентина ВУРМО

Поврзани новости