Дури за неколку месеци ќе биде познато дали бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски ќе бидат вратени во Македонија, бидејќи според адвокатите кои ги консултиравме, Врховниот суд во рок од неколку месеци носел одлуки по вакви жалби.
Претходно, Советот на судии во Солун за екстрадиција одлучи бегалците да бидат екстрадирани, но нивните адвокати поднесоа жалби кои треба да ги разгледа тамошниот Врховен суд и да донесе конечна одлука. Според адвокатите, на Врховниот суд ќе му требаат најмалку три месеци да се произнесе, бидејќи ваквата постапка најчесто траела од три до пет месеци, но сепак додаваат дека постојат и исклучоци па постапката би можела да се забрза.
Дотогаш, Бошкоски и Грујевски ќе бидат во затвор близу Солун, каде се во екстрадициски притвор речеси три месеци.
Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошкоски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година.
Грујевски и Бошкоски се обвинети и во случајот на СЈО „Тврдина и Таргет“, за кој на 17 јануари во Кривичниот суд во Скопје е закажано судење.
Тие беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври лани, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.
В.В.