Дали ГРОМ ќе остане без единствениот пратеник во Собранието?

Пренџов одби да ја коментира изјавата на Јакимовски дека само него од сите во ГРОМ му било добро со ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи дека деновиве на прес-конференција ќе го соопшти ставот за неговото понатамошно политичко делување.

by Фокус

Дали ГРОМ ќе остане парламентарна партија, откако партискиот лидер Стевчо Јакимовски вчера официјално ја раскина коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ, после, како што рече, низа несогласувања и дискомуникација со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски?

Ова прашање се наметнува откако единствениот пратеник на ГРОМ, Љупчо Пренџов, најави дека, и покрај ваквата одлука на партискиот лидер, останува дел од парламентарната група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со цел „уривање на актуелната власт на СДСМ и ДУИ“.

Во синоќешното гостување на Инфомакс, пак, Јакимовски прокоментира дека не го изненадила изјавата на сопартиецот и не очекувал Пренџов да каже ништо поинакво, истакнувајќи дека само него од сите членови на ГРОМ му било добро со ВМРО-ДПМНЕ.

Дури, Јакимовски спомена дека ВМРО-ДПМНЕ се обидела да испровоцира внатрепартиски пуч во ГРОМ, алудирајќи токму на пратеникот од оваа партија Пренџов.

Фокус го исконтактира Пренџов, кој одби да ја коментира изјавата на Јакимовски со образложение дека не ја слушнал, и притоа најави дека деновиве на прес-конференција ќе го соопшти ставот за неговото понатамошно политичко делување.

Инаку, меѓу причините за разидување со Мицкоски, Јакимовски наведе дека тој не можел да ја преболи неговата победа во Карпош и затоа, според него, ВМРО-ДПМНЕ преку советничката група во Карпош почнала да се пресметува со него преку блокада на урбанистичките планови.

Покрај тоа, Јакимовски критикуваше многу политички ставови и постапки на Мицкоски и воедно го обвини за непочитување на коалицискиот договор, бидејќи на ГРОМ требало да му припадне градското јавно претпријатие „Градски паркинг“, кое на крај го доби кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

Во следниот период, според Јакимовски, ГРОМ ќе трасира самостоен пат и ја отфрли можноста да стане дел од постоечките или нови коалиции.

В.С.

Поврзани новости