Дали градоначалниците на ВМРО се пофалија и со туѓи проекти?

by fokus

Градоначалниците кои за 100 дена сработиле над 1.000 проекти за коишто вчера отчет даваше партискиот лидер, Христијан Мицкоски денеска се мета на критики и од премиерот, Димитар Ковачевски и од лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски.

Ковачевски критикува дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не сработиле ништо и дека само бараат пари, а Милевски пак ги обвини дека се китат со туѓи перја.

– Доминантно, власта во локалните самоуправи ја освои опозицијата и тие мора да бидат свесни за својата одговорност. Од она што можам да го видам е дека ништо не се прави во општините. Јас живеам во градот Скопје каде што гледам дека ветувањата што беа давани во текот на кампањата воопшто не се реализираат.

Единствено нешто што добиваме од градоначалниците е барања за помош, меѓутоа од другата страна не постои никаква иницијатива од нив да се вклучат во справувањето со енергетската и економската криза, изјави Ковачевски.

Милевски пак порачува дека е безобразно да се манипулира со јавноста и да се китите со туѓи перја и потоа да обвинувате дека струјата ви ја исклучиле на отчетот.

-Направиле 1.000 проекти. Читам градоначалникот на Радовиш обезбедил милион евра од ЕУ за еколошки проект. Прво тоа е проект од пред локалните избори на Делегацијата на ЕУ, Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада.

Тоа е работа која ја завршил нивниот претходник во Радовиш. Или во Битола стадионот го изградиле. Тие немаат таму шајка заковано. Не може за 100 дена да проектитра улица, да распишете тендер и ја направите улицата. Тоа им го обезбеди градоначалничката на Битола, вели Милевски.

ВМРО-ДПМНЕ вчера презентираше што се сработиле градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите сто дена.

-Во изминатите 100 дена реализирани се 1.090 проекти од кои 166 проекти се капитални. Реализирани се 68 проекти во областа на образовната инфраструктура, 33 проекти во градинки, изградени и реконструирани се 206 улици во должина од приближно 100 километри, се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови, а расчистени се 200 диви депонии, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости