Откако стана премиер, Христијан Мицкоски, во неколку наврати јавно се пријави да биде првиот јавен функционер од кој ќе почне процесот на испитување на потекло на имот, со цел да се утврди кој поседува имот со покритие, а кој поседува имот што не може да го оправда преку оданочени приходи, уреден заем, наследство или друг основ, што автоматски би значело дека го стекнал, најблаго речено, на сомнителен и нелегален начин.
– Нека почнат од мене прво. Дека има политичка волја, тоа е апсолутно – порача Мицкоски во интервјуто за „Фокус“ што го реализиравме во август годинава, кога уште течеше медениот месец од 100 дена на новата влада. Како што додаде тој, во текот не летото ќе се случува транзиција на власта и тој процес ќе фати до половина на септември, по што, како што рече, следуваат реформите.
– Дел од реформите ќе ги правиме и паралелно ова лето, меѓутоа целта ни е прво да го стабилизираме системот. Полека, но сигурно, се стабилизира системот, се прави транзицијата, и откако тоа ќе се направи… Го стабилизираме системот, ги лоцираме проблемите и откако тоа ќе го завршиме, веќе почнуваме еден робусен реформски процес. И тука нема застанување, нема време за чекање – говореше Мицкоски.
Во меѓувреме, помина летото и календарски влеговме во есента, меѓутоа досега не слушнавме и дознавме дека почнал и тече некаков крупен процес на испитување на потекло на имот на министри, пратеници, судии, обвинители и други функционери. Сепак, периодов премиерот продолжи да говори на оваа тема и повторно ја испрати пораката надлежните органи прво да го прочешлаат него и неговите најблиски.
–Да се вкрстат базите во државата и да се испита потеклото на имотот на политичари, судии, обвинители… Тоа може многу лесно со последните измени во Законот за финансиска полиција, тоа да го прави финансиската полиција, има такви овластувања. Таму настана промена на раководството и мислам дека е одлична можност да ги вкрстуваме базите на УЈП, Централен регистар, Катастар… И да видиме што се случувало – рече Мицкоски на Канал 5.
КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ
Иако премиерот Мицкоски споменува измени на Законот за финансиска полиција, сепак, такви законски измени нема, па веројатно мисли на новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, донесен непосредно пред политичките промени. Имено, ова законско решение и дава надлежност токму на Управата за финансиска полиција да врши прибирање на податоци за имот чие стекнување на може да се докаже дека е од законски извори.
Според овој закон, кога јавен обвинител има сомневање за кривично дело, но нема доволно докази за кривично гонење или кривичното гонење не довело до осудителна пресуда, а оцени дека постои разумно сомневање дека имотот не бил стекнат од законски извори со соодветен акт, е должен да достави иницијатива до Управата за финансиска полиција, заедно со целокупната обезбедена документација за испитување и прибирање податоци за изворите и начините на кои е стекнат имотот.
Прибирање и анализа на податоци за изворите за стекнување имот кој може да биде предмет на постапка согласно со овој закон се врши во постапки за или во врска со следниве кривични дела: перење пари, тероризам, злосторничко здружување, трговија со луѓе, детска порнографија, трговија со дрога, проневера, злоупотреба на службена положба, попречување на правдата, примање и давање поткуп, даночно затајување, давање и примање награда за противзаконито влијание…
Услов за поведување на постапката е ако има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и ако постои несразмерност меѓу нето-вредноста на имотот и расположливите законити и пријавени приходи за стекнување на имотот, изразена како кумулативна разлика што надминува 13.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка.
Надлежен орган за прибирање податоци е Управата за финансиска полиција, а ДКСК, Катастар, Царина, Ревизија и други органи и институции, кои во рамки на постапувањето согласно со надлежностите ќе добијат информации и податоци со сомневања или сознанија за постоење имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, се должни веднаш до Управата да достават известување, заедно со целокупната документација.
Но, известување за постоење имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори до Управата може да достави и секое физичко и правно лице. Управата е должна по приемот на иницијативата да спроведе итна проверка на исполнетоста на условот, а ја спроведува постапката за проверка и финансиска пресметка во рок не подолг од 60 дена, односно 90 дена за сложени предмети од денот на приемот на иницијативата.
По иницијатива на јавниот обвинител, Управата ги презема следниве дејства: идентификување, откривање и лоцирање имот, идентификување на сопственикот на имотот, собирање, обработка и анализа на податоци за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на постапката… Притоа, ги анализира основата и изворот на приходите за негово стекнување, приходите со кои располагало засегнатото лице во времето на стекнување на имотот и други факти за утврдување исполнетост на условот.
Управата, во рок од 3 дена го известува Јавното обвинителство и му доставува детален извештај за констатирана состојба, заедно со сите материјални докази. Доколку од добиениот извештај произлегува исполнувањето на условот, Јавниот обвинител во рок од 3 работни дена е должен до Државниот правобранител да поднесе иницијатива за поднесување тужба, како и определување мерка за обезбедување имот до надлежниот суд, доколку оцени дека може да се осуети имотот кој е предмет на постапката.
АНТИКОРУПЦИСКА ПРОВЕРКА
Со оглед на ваквите законски одредби, до Финансиската полиција неодамна упативме прашање колку иницијативи се поднесени поради сомневање дека имот не е стекнат со законски извори од јавен обвинител или физички лица, и за кои кривични дела? Прашавме и колку и кои институции доставиле известувања до Управата заедно со документација со податоци со сомневања или сознанија дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори? Меѓутоа, се уште не добивме одговор.
Во меѓувреме, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси Татјана Димитровска, при гостување во „360 Степени“ информираше дека одржале работна средба со Платформата на граѓански организации, на која тема на разговор бил токму новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка. Како што рече Димитровска, двете страни биле на иста линија дека овој закон има недоречености и неусогласености и затоа ќе подлежи на антикорупциска проверка на легислатива.
–Се разговараше за антикорупциска проверка на легислатива на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој треба да послужи како моќна алатка за спречување на криминал и корупција, односно да се занимава со нелегално стекнат имот во интерес на државата. Имаме заеднички ставови во однос на одредени недоречености и неусогласености на овој со другите закони кои ја уредуваат оваа материја. Заеднички ќе настапиме и пред Собранието, очекуваме средба и со претседателот за да го известиме за заклучоците од антикорупциската проверка – рече таа.
Инаку, овој закон беше донесен по долгогодишен процес, кој всушност започна со идеја за усвојување на закон за потекло на имот на сите граѓани, што ја форсираше минатиот состав на ДКСК. Првично, оваа идеја ја прифати и тогашната влада на СДСМ, а тогашниот вицепремиер за антикорупција Љупчо Николовски на прес-конференција најави дека таков закон наскоро ќе биде донесен. Наместо тоа, власта во заминување изгласа модифициран закон со назив Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој се разликуваше од првичната верзија, која, меѓу другото, предвидуваше и увид во банкарски сметки.
Сега, и новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Програмата за работа, во делот за „Системска борба против криминалот и корупцијата“, навела дека ќе изработи Програма за испитување и утврдување на потекло на имот на судии, јавни обвинители, политички функционери и високи раководители во јавниот сектор. Во таа насока, Владата се обврзала дека особено ќе се фокусира на „зголемување на бројот на постапки за утврдување на потекло на имот кон сите нивоа на власт, државни и јавни институции и високи раководители за кои постои висок степен на сомнеж за корупција“.
„Предвидуваме зголемување на опфатот на санкции и нивниот износ во врска со прекршување на правилата за судирот на интереси, интегритет и превенција на коруптивни практики преку измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Измените ќе бидат во насока на исполнување на предусловите за ефикасност, пропорционалност и ефект на одвраќање. Ќе се изработи и програма за сеопфатна ревизија на целокупното работење на повеќе институции чиешто работење предизвикува сомнеж за корупција“, стои во Програмата.
Додека Владата најавува проверка на потекло на имот, а премиерот Мицкоски самиот се нуди од него да почне овој процес, истовремено тој одбива да открие колку точно средства инвестирал, а колку заработил од малите хидроцентрали. Исто така, како што пишуваше неделникот „Фокус“, одбива да открие и кои се луѓето од, како што самиот вели, европскиот бизнис-крем со кој седел на маса, каде се склучувале зделки во делот на трговија со струја вредни стотици милиони евра.
„Претседателот Христијан Мицкоски во изминативе повеќе од 7 години е активно вклучен во политичкиот живот во државата и доколку имало било какви недоследности, досега ќе реагирале институциите, дотолку повеќе што за се што било поврзано со неговиот финансиски и имотен статус минатата Влада постојано го анализираше. Истовремено, фактот што сега повторно овие теми се појавуваат како теми од интерес и се наметнуваат постојано, иако се редовно објаснувани и самоиницијативно презентирани во јавноста од страна на премиерот, е исто така индикативно“, ни одговорија од Владата.
Влатко СТОЈАНОВСКИ