Украина успеа да ги одбрани Киев, Харков и Одеса, како три стратешки клучни точки без кои не би можела да опстои украинската држава.Од друга страна, Русија е сè поблиску да создаде интегрирана, безбедна и лесно одбранлива територија долж нивната западна и југозападна граница.
Но, сè поизвесно е дека Америка нема да му дозволи на Зеленски да преговара, што значи дека Русија ќе треба, или да нападне со сета сила и да ги заземе, не само Киев и Одеса, туку и самиот Лавов или, пак, во крајна варијанта да биде подготвена на конфликт, кој би можел да трае и цела една деценија
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Како Сталин во Втората светска војна, така и Путин го избра токму Техеран како најбезбедна и најадекватна дестинација за својата прва меѓународна средба. Таму, покрај домаќинот Ебрахим Раиси, оствари средба и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на која беа поставени основите на подоцнежниот договор за непречен извоз на жито од пристаништето во Одеса.
Со оглед на состојбата со недостиг од храна во светот и со оглед на времетраењето на воениот конфликт, оваа мини-конференција би била историска, ако само по неколку дена, таа (заедно со договорот за жито) не беше засенета од ударот на две руски крстосувачки ракети од марката „калибар“, токму среде пристаништето во Одеса.
Реалноста е дека овие ракети навистина прецизно гаѓаа само воена инфраструктура и никако не го спречија извозот на жито, но, сепак, беа доволно алиби за САД (а не Украина) да го прогласат договорот за жито за мртов и да ја обвинат Русија за тоа.
Значи, без разлика на намерите, грешката, сепак, е во Москва, од каде што мораа да ја предвидат реакцијата на нивниот глобален геополитички соперник. Но, сепак, сè уште има надеж да видиме малку мир во текот на ова лето.
НОВОРУСИЈА Е РЕЧИСИ ФОРМИРАНА
Надежта лежи токму во фактот дека сега е идеален момент двете страни да ги запрат малку дејствата и да ги лижат раните до следното неминовно заострување на конфликтот.
Како прво, Украина успеа да ги одбрани Киев, Харков и Одеса, како три стратешки клучни точки без кои не би можела да опстои украинската држава. Без разлика што тоа се направи со огромни жртви и што не е трајно, овие три града му даваат алиби на Зеленски да може да каже дека, сепак, делумно успеал во своите намери.
Од друга страна, Русија е сè поблиску да создаде интегрирана, безбедна и лесно одбранлива територија долж нивната западна и југозападна граница. На тој начин, не само што се заштитија жителите на Донецк и Лугањск и се создаде копнен мост кон Крим, туку се оформи и добра стратешка база за идни воени дејствија кон правецот Миколаев, Одеса, Предностровје (како најдалечна западна цел).
Ова секако е и возобновување на историскиот сон на Катерина Велика за функционална и силна Новорусија на северните брегови на Црно Море.
Во моментов и неисплатливо и неизводливо е да се почнуваат нови воени дејствија во кој било правец бидејќи Украина во Харков и во Одеса има концентрирано по педесетина илјада војници, што значи, за да се скрши таков отпор, на Русија ќе ѝ треба масовна или барем делумна мобилизација на регрути.
Украина, пак, е сè поубедена дека може да го заземе стратешки најважниот Херсон, а, од друга страна, им остава на Русите време до септември за да се подготват за оваа решавачка битка. Така што, судејќи по сè, веројатно ќе ги имаме првите неколку недели или максимум два месеца, каде што малку ќе стивнат интензивните воени дејствија.
Тоа не значи дека ќе нема артилериска размена на проектили или некакви минимални поместувања на линијата на фронтот, но поголеми промени од типот на оние во Мариопол или Северодоњецк наскоро нема да се случат.
ЗАПАДОТ СЕ ДВОУМИ
Многумина, уште од самиот почеток, се двоумеа колку долго ќе истрае обединетиот Запад да ја помага Украина на своја голема економска штета. И слободно може да кажеме дека издржа повеќе од очекуваното.
Нормално е дека по четири месеци загуби и на прагот на катастрофалната зима, која на сите ни следува, одделни држави, како Унгарија, Бугарија, па дури и самата Германија, да почнат да бараат здрав разум за спас на сопствената економија од бескрајната војна.
Па така, имаме јавно разлабавување на условите за увоз на руски енергенси и други репроматеријали, што само по себе претставува кршење на санкциите, кои под притисок на САД за цело ова време ги плаќаше ЕУ.
Овие најави јасно кажуваат дека полека ќе стивнува еуфоријата околу Украина и сè повеќе одделните држави ќе си го гледаат својот интерес наспроти интересот на Вашингтон.
Но, тоа не значи дека штетата што САД ѝ ја направија на Русија во оваа војна е мала. Напротив. Оружјето кое веќе со месеци се испорачува, и тоа како влијае врз текот на војната.
Прво, рачните противоклопни системи „јавелин или џавелин“ направија повеќе штета на руските тенкови отколку што стингерите во 1980-тите направија штета на советските хеликоптери и авиони во Авганистан.
Големите противбродски ракети „харпун“, не само што ја потопија крстарицата Москва, туку и далеку ги оддалечија сите други руски воени бродови од брегот на Украина.
Ако не беа овие ракети досега, Украинците, не само што не ќе можеа да размислуваат за повторно заземање на Херсон, туку веројатно ќе беа на пат да бидат избркани и од Миколаев, а можеби и од самата Одеса.
И за крај, пешадиските ракетни системи „химарс“, кои се директна закана за променетата руска стратегија на војување од безбедна далечина. Овие системи, не само што ги заменија веќе уништените украински повеќецевни ракетни фрлачи, туку додадоа и нов квалитет и прецизност на Украинците за уништување на руските линии за снабдување, што може да се клучни за исходот на овој конфликт.
Ако на ова се додадат и плановите за формирање сосема ново украинско воздухопловство, повеќе од јасно е дека руската армија ќе има полни раце работа, и тоа не само оваа есен, туку во многуте следни години, во кои најверојатно ќе трае овој конфликт.
Кога ќе се земе сево ова, веројатно се точни пропагандистичките коментари од Москва дека тие не војуваат со Украина, туку со целиот НАТО пакт, а дека Украинците во случајот се само невино топовско месо.
Рамка:
КОИ СЕ ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ?
И во целата оваа атмосфера на благо смирување на ситуацијата (или барем затишје пред бура), од двете страни почнуваат да се случуваат опасни најави. Првата е дека набргу со новите ракетни системи ќе биде нападнат прво кримскиот мост, а потоа и самиот Крим.
Ако се случи тоа, и западните, и источните аналитичари се еднагласни дека Русија со балистички ракети (засега без нуклеарно полнење) ќе почне неселективно да гаѓа секакави можни цели на цела територија на Украина, почнувајќи од претседателската резиденција во Киев, па сè до сите други можни места каде што може да се пронајде Зеленски и украинското раководство.
Тоа, секако, би значело и масовна мобилизација на целата руска армија и барем декларативно менување на поимот специјална воена операција во класична војна од целосни размери.
Од друга страна, пак, Русија се надева дека со габаритот на досега освоените територии ќе седне на преговарачка маса од добитничка позиција.
Но, сè поизвесно е дека Америка нема да му дозволи на Зеленски да преговара, што значи дека Русија ќе треба, или да нападне со сета можна сила, и да ги заземе, не само Киев и Одеса, туку и самиот Лавов, или, пак, во крајна варијатна да биде подготвена на конфликт, кој би можел да трае и цела една деценија.
Во кој било случај, за сега можеме да се надеваме единствено на краткотрајно примирје, а не и на запирање на конфликтот. Такво сценарио е можно само ако во Киев или во Москва се случи некаков државен удар, па да се потпише сепаратен мир. Но, шансите за таков исход, барем засега, се многу мали.