Дали ДУИ моли да влезе во влада на ВМРО по секоја цена или Мицкоски му праќа емисари на Ахмети за постизборна соработка?

Големо внимание предизвика изјавата на Тачи, кој тврди дека по ланските избори Ахмети молел да стане дел од влада со ВМРО-ДПМНЕ, без да поставува никакви услови и барања. Додека тоа претставува верификација на сличните тврдења што одамна ги испорачуваат ВМРО и ВЛЕН, од ДУИ тврдат дека ДПМНЕ е партијата, која преку разни емисари и канали се обидува да ги затопли односите со интегративците. Каде е тука вистината?

by vlatko 19:16
19:16

Текстот е објавен на 02 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.565.

Со воинствена реторика, ниски удари и закани, обвинувања за заткулисни коалиции, почна изборната кампања за претстојните локални избори по кои ќе стане јасно во кој правец ќе тргне регрупирањето во албанскиот блок, односно дали ВЛЕН ќе влезе во фаза на раслојување или, пак, ќе почне обратен процес, кој би кулминирал со распад на коалицијата на ДУИ, потреси во самата партија, па дури и пензионирање на Ахмети. Она што е очигледно, тој повторно отвора директен фронт со Мицкоски, што претставува продолжение од кампањата за ланските избори, кога оваа конфронтација предизвика етничка мобилизација и ги максимизираше изборните резултати на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но на крај голем губитник испадна ДУИ, од причина што ВМРО формираше влада со ВЛЕН. Неспорен факт е ДУИ тогаш сакаше да ги обнови мостовите на соработка со ВМРО-ДПМНЕ, но, кога ваквиот обид на ДУИ не успеа, сега се обидуваат да го поправат нарушениот имиџ со тврдења дека ВМРО се тие што сакаат соработка и за таа цел им праќаат емисари, бидејќи ВЛЕН се во слободен пад. Всушност, ДУИ се обидува да постигне што подобар изборен резултат во однос на ВЛЕН, кој Мицкоски нема да може да го игнорира, па ќе го промени албанскиот партнер. Арно ама, Мицкоски постојано отфрла таква можност.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Со воинствена реторика, ниски удари и навреди со елементи на закани, почна изборната кампања за претстојните локални избори, што всушност претставува финале на неформалната кампања, која одамна ја водат политичките партии и коалиции, како и нивните кандидати за градоначалници.

Имено, почетокот на кампањата навестува дека и на овие избори, најотворен судир ќе има меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската ДУИ, што, всушност, претставува продолжение на кампањата за ланските двојни избори, кога Христијан Мицкоски и Али Ахмети меѓусебно си упатуваа тешки зборови и закани, иако станува збор за нетрадиционални политички противници според контурите како е дефинирана политичката мапа.

Мицкоски е пораснат со гурабии, Мицкоски е пораснат со кекси. Јас сум пораснат во кула од камен што трипати е изгорена од поробувачите. Христијан, мојот народ вели камењата еден врз друг стануваат тврдина, а зборовите се мерат бидејќи со нив почнуваат и кавги и неволји. Немој да почнуваш беља, мери ги зборовите затоа што си млад…

УЧК беше ослободител, така што денес сопствениците се господари во своите домови. Ние никогаш не сме сакале туѓо, но за нашето се боревме и пролеавме крв. Затоа, добро да ги измериме зборовите бидејќи оваа земја има свое место во Европа и таму можеме само заедно да одиме. Минатото е болно и не треба да се заборави, но треба сите да се бориме ова минато да не се повтори – порача Ахмети непосредно пред ланските избори.

Не остана должен ниту Мицкоски, кој возврати дека овој настап на Ахмети бил израз на нервоза поради неговиот повик до албанската опозиција да се обедини против власта на СДСМ и ДУИ. Токму затоа, според Мицкоски, Ахмети го прозивал со навреди и доза на закани, но, како што истакна, таквите закани не го заплашуваат, туку само го засмејуваат.

– Заканите доаѓаат од човек пред политичка пензија, помалку и заборавен, но, сепак, со добро грло, кое го вежба пеејќи по државни институции и партиски прослави. Важен му бил на Али мојот оброк од детството, па се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк Али во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност, која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но, што е важно?

Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите голобради момчиња, кои печалат милиони, ја купуваат Соравија, или пак како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија. Ова не е 2001, туку 2024, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација, од која страдаат и Албанците и Македонците. Многу брзо од денес и кексито и млекото ќе ти преседнат… – реагираше Мицкоски.

Впрочем, од ваквата меѓусебна конфронтација најмногу политички профитираа токму ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, бидејќи по пат на етничка мобилизација ги максимизираа изборните резултати. Арно ама, во крајна линија голем губитник испадна ДУИ, бидејќи ВМРО го стори тоа што го најавуваше Мицкоски – постизборно формираше влада со албанската опозиција групирана во ВЛЕН, а ДУИ замина во опозиција за првпат по цели 2 децении.

Сега, во очи на следните избори, Ахмети повторно иницира директен вербален дуел со Мицкоски, употребувајќи специфични метафори, кои слободно може да се протолкуваат и како закани. Во потрага на што подобар изборен резултат наспроти ВЛЕН, кој ВМРО-ДПМНЕ нема да може да го игнорира, ДУИ очигледно повторно влегува во истата замка, на начин што во старт целосно ги урива мостовите за соработка со ВМРО. Или, пак, во заднина се игра друга игра?

Како што е познато, деновиве големо внимание предизвикаа изјавите на блиски соработници на Ахмети, кои тврдат дека по ланските избори тој молел да стане дел од влада со ВМРО-ДПМНЕ, без да поставува никакви услови и барања. Додека тоа претставува верификација на сличните тврдења што одамна ги испорачуваат ВМРО и ВЛЕН, од ДУИ тврдат дека ДПМНЕ е партијата, која преку разни емисари и канали се обидува да ги затопли односите со интегративците. Каде е тука вистината?

ОРЛИ, ВРАПЧИЊА ИЛИ СТРАЧКИ?

На изборната конвенција одржана во Скопје, сега во својство на фронтмен на новоформирана Национална алијанса за интеграција (НАИ), Ахмети го обвини Мицкоски дека ги загрозува правата на Албанците, дека го гази Охридскиот договор и дека создава меѓуетнички тензии. Патем, тој опонентите од ВЛЕН ги спореди со кучиња или загари, додека самиот себе и неговите соработници ги ослови како орли.

Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски, со загари се оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со загари, слуги и некадарници што ги дресирате за да не оцрните. Орли, летајте високо во синилото, загари, чувајте се од зајаци – порача Ахмети, додека присутните, како по обичај, скандираа УЧК.

На тој начин, Ахмети, исто како и во пресрет на ланските избори, му вели на Мицкоски дека е млад, алудирајќи дека е незрел и неискусен, при што повторно му порачува да внимава што зборува и добро да размисли како постапува. Не мина долго време пред да стигне реакција од ВМРО-ДПМНЕ, од каде возвратија со слични реминисценции од минатото, кои се сведуваат на пораката дека Ахмети е зрел за пензија, а неговите закани се смешни.

Не си ти орел, туку обично врапче. Во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените. Место да оди во пензија, тој зборува за крв, оружје и орли. А, секој пат кога ќе дојдат избори, Ахмети доживува необична трансформација. Тоа е неговиот Павлов рефлекс – на звукот на избори, автоматски следуваат закани, патетика и заплашувања. Освен што е патетично, сето ова е и смешно“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, Мицкоски изјави дека, и покрај сите навреди и закани од противниците, очекува мирна кампања. Според него, граѓаните на изборите имаат само 2 опции, а тоа е коалицијата што ја предводи неговата ВМРО-ДПМНЕ и, како што рече, коалицијата на СДСМ, ДУИ и Левица. Практично, тој ги сместува овие партии во ист кош, иако тие настапуваат самостојно.

Она што го нудиме ние во нашите пораки во кампањата ќе бидат проекти, визија како гледаме да ја развиваме Македонија. Опозициските СДСМ, ДУИ и Левица ќе продолжат да испраќаат збунувачки, невистинити и неточни информации, нивните пораки се темелат на лаги, конструкции, подметнувања, а некои испраќаат пораки што можеби би биле добри за 19 век – рече тој, реферирајќи на пораките на Ахмети.

Оттука, се забележува дека Мицкоски одлучи да не му возвраќа со иста мера и во ист стил на Ахмети како лани, веројатно проценувајќи дека така дополнително ќе го факторизира противникот, а ќе им наштети на партнерите, т.е. на ВЛЕН. Меѓутоа, многу подиректни реакции имаа неговите коалициски партнери. Еден од нив е вицепремиерот и кандидат за градоначалник на Чаир Изет Меџити, кој му предвиде на Ахмети политичка пензија.

– Настанот во „Борис Трајковски“ не е само митинг, туку јасен показател за крај на една ера. Во моментот кога ги нарекуваш „загари“, сите Албанци што не мислат како тебе, ти ја заврши политичката кариера. Го стави печатот на делегитимирањето – рече Меџити за Ахмети, додавајќи дека неговиот говор не претставува демонстрација на сила, туку знак на слабеење на позициите на ДУИ.

Уште понепосреден кон Ахмети беше лидерот на ЗНАМ и кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој рече: „Ако Ахмети навистина сака, нека си оди од државата. Но, прво да ги врати криминалците под негова заштита и нека ги стави на обвинителна клупа. Секоја намера за поделба на државата е апсолутно недозволива и нема да се толерира. Се додека има Македонци, нема да дозволиме нашата држава да се подели“.

Инаку, турбулентните односи на релација ВМРО-ДУИ имаат своја генеза и хронологија. За потсетување, ДУИ како партија се роди по пат на трансформација на некогашната паравоена формација ОНА, која започна воени дејствија во земјава додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, тогаш на чело со Љубчо Георгиевски. Денес, Георгиевски е умерен политичар, но своевремено дејствијата на ОНА го оценуваше како упад од Косово, со замижување на меѓународната заедница, па дури и на отворена сцена се судри со „странците“…

ОД ПРОТИВНИЦИ ДО СОРАБОТНИЦИ

Во такви околности, ВМРО-ДПМНЕ и ОНА/ДУИ уште на почеток беа на, условно кажано, спротивставени страни и на крива нога, па многу тешка и комплексна беше соработката меѓу нив. Односно, таа соработка во одредени периоди се остваруваше од рационални причини, па дури и имаше златна доба златна ера во времето на Никола Груевски. Но, секогаш мораше внимателно да се менаџираат интересите, со цел оваа соработка да не влијае негативно во смисла на поддршката на партиите од граѓаните.

Како што е познато, и Груевски по доаѓањето на власт не формираше влада со ДУИ, иако партијата победи во албанскиот блок. Туку, ВМРО-ДПМНЕ по парламентарните избори во 2006 година направи влада со ДПА на Мендух Тачи, која траеше сѐ до предвремените избори во 2008 година. По овие избори, ВМРО направи влада со ДУИ, врз основа на претходно склучениот „мајски договор“, кој предвидуваше владата да ја формираат победниците во македонскиот и албанскиот блок.

Првично, односите меѓу вмровците и интегративците беа многу затегнати и тензични, така што треба само да се потсетиме на критиките на првенци на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ. Во таа насока, најгласна беше Теута Арифи, која владеењето на гарнитурата на Груевски го квалификуваше како „демократура“. Меѓутоа, со текот на времето, односите меѓу двете страни се пеглаа, особено откако конците ги презедоа прагматични или т.н. дил-ориентед функционери (Муса Џафери и Сашо Мијалков), што најдобро го илустрираа „бомбите“ објавувани од Зоран Заев.

Така, ВМРО и ДУИ низ годините изградија блиска соработка, што се виде и кога ДУИ жестоко ги бранеше ВМРО-ДПМНЕ и заедничката влада од сите напади на тогашната опозиција, кои содржеа и сериозни обвинувања за криминал, корупција, злоупотреба на државни ресурси и системи итн. Тоа се случуваше сѐ до пресвртните парламентарни избори во 2016 година, кога ДУИ, под притисок на лошиот изборен резултат, кој беше производ и на нивната сервилност кон ВМРО, целосно ја промени политичката линија.

Во таков специфичен амбиент, во рамки на ДУИ до израз дојде крилото, кое се залагаше за прекин на блиската соработка со ВМРО-ДПМНЕ и вртење кон СДСМ, што автоматски значеше прекршување на мајскиот договор донесен токму на инсистирање на ДУИ. Притоа, ова отстапување од принципот „победник со победник“, ДУИ го бранеше со повисоки цели, т.е. со пробив на евроинтеграцискиот процес, како што и се случи, имајќи предвид дека новата влада го реши спорот со Грција и обезбеди членство во НАТО.

Но, колку станала испреплетена релацијата меѓу ДУИ на Ахмети и ВМРО на Груевски, доволно говорат информациите дека „интегративците“ работеле да му помогнат на Груевски да се спаси од затвор, па дури одредени наводи укажуваат дека имале и удел во неговото бегство во Будимпешта. Ако овие информации се непотврдени, тогаш дефинитивно е сигурно дека ДУИ се обиде да го врати Груевски во земјава пред последните избори, се разбира, со цел да направи и раскол во ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, ова сценарио на тогашната власт во режија на ДУИ не се оствари, па на изборите ВМРО на Мицкоски убедливо победи и формираше влада со ВЛЕН. Тоа беше вовед во радикализација на ДУИ, која ги воскресна старите наративи за нарушен легитимитет кај Албанците (иако тие не го почитуваа легитимитетот кај Македонците во 2016-2017 година), за поткопување на Рамковниот договор (иако тие го прогласија Рамковниот договор за затворен по нормирање на двојазичноста), како поништување на правата на малцинствата, како на пример со укинување на балансерот (иако нивната влада во документ нотирала дека механизмот се злоупотребува и треба да се ревидира)…

Како и да е, двете партии продолжија да се гледаат на нишан, така што моментално односот меѓу нив е на најниско можно ниво. Но, додека ВМРО и ДУИ јавно се конфронтираат, тие истовремено се обвинуваат за лицемерие, тврдејќи дека другата страна им праќа пораки за затоплување на односите и за градење на основа за идна соработка. Во оваа „дебата“, се вклучија и некои странични но исклучително релевантни актери, кои малку ја осветлуваат целата слика.

Во тој контекст, треба да се посочи дека неодамна потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, се обиде да ја ослободи од товарот матичната партија создаден од перцепцијата дека по секоја цена сака да стане дел од владата на ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел, Османи лансираше тврдење дека вистината е сосема поинаква, односно дека ВМРО-ДПМНЕ праќа емисари до Мала Речица со цел помирување.

Владата е во паника и праќа емисари во ДУИ да влеземе ние во Владата по изборите, затоа што ги гледаат резултатите на ВЛЕН – изјави тој, нагласувајќи дека, според него, нема поголемо понижување од тоа премиерот да ги избира претставниците на Албанците, бидејќи голема навреда е принципот едни ќе земам, други ќе оставам“.

ПРЕГРУПИРАЊЕ НА СИЛИТЕ

Во однос на тоа се надоврза неговиот партиски колега Арбер Адеми, кој изјави дека точни се тврдењата на Османи оти Мицкоски преку приватни канали им испраќал пораки за затоплување на односите и за идно коалицирање. Според Адеми, ДУИ ќе победи убедливо на локалните избори и ќе бара предвремени парламентарни избори.

Изјавите на Османи се точни дека има комуникација, тие (владата) се во непријатна ситуација, неиздржлива е ситуацијата, бидејќи импактот на ВЛЕН на терен, во јавноста е нула. На изборите ќе видиме. Ги имаат анкетите од ВМРО-ДПМНЕ, ги има анкетите секоја политичка партија, нивните анкети велат дека соодносот на силите меѓу ДУИ и ВРЕДИ е 3 спрема 1 – рече тој.

Веднаш потоа, реагираа владејачките партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН дека претставниците на ДУИ изнесуваат измислици за наводни емисари. Но, ако нивното опонирање се подразбира, имајќи во предвид дека се политички противници, сосема поинаква тежина и димензија има реакцијата на Тачи, со оглед дека до вчера беше близок коалициски партнер на ДУИ и на Ахмети.

Ако отворат уста уште еден збор (ДУИ), тогаш на следниот јавен настап ќе кажам колкупати го молеа Мицкоски. Кој, со имиња и презимиња, бизнисмени од Скопје, луѓе од Албанија, колку се поклониле, и како се согласиле да влезат во Владата, дури и без претседател на Парламентот – рече Тачи, каде уште посочи дека нема да има вонредни избори, бидејќи тоа нема да го дозволи ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот сопартиец на Тачи во ДПА, Зијадин Села, кој предводи едно од крилата на поделената Алијанса за Албанците, кои се дел од фронтот на ДУИ, откри дека Тачи бил на чело на 3-члена комисија за преговори со ВМРО-ДПМНЕ по ланските избори, во периодот пред да биде изгласана новата влада на чело со Мицкоски, пред да се избере собранискиот спикер Африм Гаши, како и пред да се усвои законот за реорганизација на државната управа.

Според тоа што Тачи го има кажано внатре во Европскиот фронт, кога се отворале овие теми ,тој им одговорил не, никако. Без претседател на Собранието, ниту продолжуваат овие преговори… Тоа што тој ни го кажа беше дека, седнавме, кога овие од ВМРО-ДПМНЕ прашувале дали би стапиле во коалиција без претседател на Собрание… На ова нивно прашање, Тачи одговорил децидно не. После се гледало кон другите членови на Комисијата, и нивниот одговор бил дека Тачи ги води преговорите – рече Села.

Во меѓувреме, вицепремиерот и министер за транспорт од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, истакна дека „факт е оти ДУИ се нуделе да влезат во оваа Влада“, со многу помалку позиции отколку што сега има ВЛЕН. Но, како што додаде, ВМРО го исполни ветувањето дека ДУИ ќе оди во опозиција.

Факт е дека ДУИ сакаше да влезе во Владата со помалку позиции од оние што сега ги има ВЛЕН, и без никакви барања за разлика од барањата на ВЛЕН. Но, ние принципиелно бевме договорени со ВЛЕН, а од друга страна јасно ветивме на избори дека ДУИ ќе оди во опозиција и ДУИ е во опозиција. И други ветуваа дека ДУИ ќе оди во опозиција, ама не го реализираа тоа, а ние ветивме и го реализиравме тоа – рече Николоски.

Во секој случај, неспорно е дека ДУИ сакаше да формира Влада со ВМРО-ДПМНЕ по минатогодишните избори, што не го кријат ниту од самата партија и нивните партнери, од каде велат дека имале доверба и обврска од Албанците да ги претставуваат, независно што би морале да владеат заедно со партијата која јавно ја нарекуваат антиалбанска и антиевропска. Но, кога ваквиот обид на ДУИ не успеа, сега се обидуваат да го поправат нарушениот имиџ со тврдења дека ВМРО се тие што сакаат соработка со нив, иако тоа нема голем политички резон, од причина што ВМРО би имала голема штета од евентуална соработка со ДУИ.

Практично, целта на ДУИ е што посилно да го поразат ВЛЕН (токму затоа го привлекоа и Арбен Таравари), што би го принудило Мицкоски да распише вонредни избори и потоа да соработува со нив. Арно ама, анкетите покажуваат дека ДУИ се далеку од убедлива победа на ВЛЕН, додека Мицкоски често повторува нема да има предвремени избори. Она што е дефинитивно, по локалните избори ќе стане јасно во кој правец ќе тргне регрупирањето во албанскиот блок – дали ВЛЕН ќе влезе во фаза на раслојување, или, пак, ќе почне обратен процес, кој би кулминирал со распад на ДУИ и со политичко пензионирање на Ахмети.

Слични вести