Новите „бомби“ што денес беа објавени на интерет откриваат поконкретна релација меѓу поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев и приватна компанија, каде тој се обидел да одбрани одреден интерес со помош на институциите. Според содржината на разговорот, произлегува дека Дончев говори за сателитската компанија „Тотал ТВ“, што впрочем го потврдија и дел од лицата споменати во разговорот. Но, каква е природата на врската меѓу ексдиректорот на ФЗО и компанијата?
„Јас се согласив да го ставам тоа во мирување, мислејќи дека ќе има шанса да седнеме да најдеме заеднички јазик… Го ангажираа (Филип) Медарски пред извесен период, со цел најверојатно да имаат влијание кај премиерот… Шефот се согласи да им пуштат полиција внатре, влегоа… И Медарски замоли дали може да се најде заеднички јазик… ОК, ама што ако е игра, ако чекаат избори… – говори меѓу другото Дончев пред засега непознат соговорник.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој Дончев го споменува во контекст дека се согласил полицијата да влезе во компанијата, денеска на прес-конференција потврди дека се работи за „Тотал ТВ“, а не, истакна тој, за „Дијамед Македонија“, како што првично се доби впечаток. Притоа, Заев посочува дека зад објавувањето на снимките стои ВМРО-ДПМНЕ и тие, според него, се извадени од контекст.
– Медарски, многу често и адвокат на СДСМ, имал предмет во кој сопственици на „Тотал ТВ“ имале меѓусебни пријави во полиција, која постапувала по „Тотал ТВ“, а тој бил застапник на еден од нив. Еден од сопствениците на „Тотал ТВ“ е пријател и на Ден Дончев, па зборувале за него… – изјави Заев.
Според податоците од Централниот регистар, „Тотал ТВ“ е формирана во 2009 година, а денес доминантен содружник е „Адриа ДТХ“ со седиште во Аместердам, која всушност е дел од регионалната United Group, во чиј состав се наоѓаaт и водечките телекомуникациски оператори во земјите од поранешна Југославија. Од март 2014 година, United Group е во мнозинска сопственост на KKR, водечка глобална инвестициска компанија.
Како малцински содружник во „Тотал ТВ“, пак, се јавува компанијата „Леонидсат“, чиј уддел изнесува околу една четвртина од вкупната главнина на друштвото. Единствен сопственик и воедно управител на „Леонидсат“ е Тони Илиовски, македонски бизнисмен кој извесен период работел и живеел во Австралија, слично како и Дончев. Двајцата важат за блиски пријатели, како што посочува и Заев.
Пред извесен период, неделникот Фокус пишуваше за можна поврзаност меѓу Дончев и македонската компанија од групацијата на австралиски „Тарбс. Како што е познато, „Тарбс“ на Мајк Булос склучи договор со МТВ, кој потоа беше предмет од преиспитување и оспорување, а двете страни завршија и на суд. На крајот, спорот го доби македонската држава.
Инаку, во 2003 година во земјава е основана компанија со назив „Тарбсмак“, чиј сопственик и управител оттогаш до денес е токму Илиовски, кој беше одговорен директор на „Тарбс“ за Европа. Моментално, седиштето на оваа компанијата за сателитска телекомуникација е во станбена единица на улицата Георги Димитров во скопската населба Кисела Вода.
Сепак, историјатот на промени покажува дека „Тарбсмак“ претходно била регистрирана на уште 3 адреси, а една од нив е на улицата Васил Ѓоргов во центарот на Скопје, каде што се наоѓало седиштето на фирмата извесен период од 2009 до 2010 година. На оваа адреса во минатото била регистрирана уште една компанија, која одамна е деловно неактивна.
Станува збор за друштвото „Вентуре Оне“, каде како сопственик се јавувало друго правно лице со назив „Вентуре Пропестис ЛТД Гранд Турк“, а како овластено лице фигурирала Ѕунка Донева, сопруга на Дончев. Што се однесува до матичната компанија „Вентуре“, која се јавувала како сопственик на македонскиот субјект „Вентуре Оне“, таа е регистрирана на островите Туркс и Кајкос, кои функционираат како офшор-зона.
-Единствен сопственик на „Тарбсмак“ и на Леонидсат“ сум само јас и немам содружници. Во досегашната работа сум стекнал многу познаници и пријатели, но никој ништо не може да бара во мое име и за мои потреби – одговори тогаш за Фокус Илиоски, кој сега ни изјави дека ќе се произнесе откако ќе ги слушне снимките.
Во исчекување на официјални реакции и одговори од него, адвокатот Филип Медароски, како и од одговорните во „Тотал ТВ“, дознаваме дека во период од 6 месеци биле вршени секојдневни контроли во оваа компанија од страна на неколку надлежни органи. Меѓутоа, не било откриено ништо спорно.
Според неофицијални информации, Илиоски уште во 2017 година поднел пријава до Финансиската полиција против „Толат ТВ“ за недомаќинско работење на менаџментот, но од УФП досега не ни одговорија дали постапиле во однос на оваа пријава и каков бил епилогот? Ниту од Управата за јавни приходи не добивме конкретен одговор за дејствата преземени при контролата во компанијата, истакнувајќи дека се работи за даночна тајна.
Во меѓувреме, информациите до кои дојдовме говорат дека Илиоски покренал и судска постапка и нарачал вештање за финансиското за работењето на „Тотал ТВ“, бидејќи, според него, свесно компанијата работи во минус со цел да не му исплаќа дивиденда на малцинскиот содружник. Од доминантниот содружник, пак, неофицијално коментираат дека, според состојбите на пазарот, компанијата ќе излезе од минус кога ќе достигне бројка од 35.000 корисници, или десетпати повеќе отколку сега.
Во секој случај, после објавувањето на денешните „бомби“ се јавува дилемата дали Дончев постапувал на начин на кој говори само поради пријателството со Илоски или пак има нешто повеќе? Во кусиот телефонски разговор, Дончев неодамна истакна дека нема никаква врска ниту со „Леонидсад“ ниту со „Тарбсмак“, но одби да одговори на прашањата испратени по официјален пат, меѓу кои дали и зошто барал од доминантниот сопственик на „Тотал ТВ“ да го откупи удделот на „Леонидсат?
Влатко Стојановски